/ Прочитано:

978

ВИДЕО – МВР: Во „Фаланга 2“ разбиена криминална група трговци со предмети со културна и археолошка вредност

Среда, 1 мај 2013 – Петнаесет лица меѓу кои двајца се вработени во Управата за заштита на културното наследство, уапсени се во голема полициска акција , информираат од МВР. Полициската акција е спроведена во повеќе градови, како и во Скопје и Кавадарци. Полицијата тврди дека групата вршела илегални ископувања на предмети со културна и археолошка вредност, а потоа ги продавала во земјава и странство. 

Во рамките на криминалната група делувале и четири службени лица вработени во Управата за заштита на културното наследство, Музејот на Македонија и Музејот во Демир Капија како и полициски службеник од Велес. Истите, искористувајќи ја својата службена положба и овластувања давале информации за значењето, вредноста и безбедноста на културното наследство, овозможувале непречено пренесување на археолошките предмети од една локација до друга, прикривање на предметите и овозможувале продажба надвор од Р.Македонија.

Исто така, за време на преземањето на мерките утврдено е дека две лица, српски државјани соработувале со членовите на криминалната група, од нив купувале вредни археолошки предмети и истите ги препродавале во западноевропските земји.

Вчера  при контрола на патничко моторно возило марка „Ауди“ во кое биле четворица членови на криминалната група, пронајдени и одземени се археолошки предмети (монети, бронзени предмети, керамички предмети) во вредност од неколку десетици илјади евра (според цените на илегалната берза) кои биле наменети за продажба.

Исто така, на подрачјето на Росоман, при купопродажба на 7 вредни стари икони лишени од слобода се двајца членови на криминалната група. Пронајдените предмети се одземени со потврда. Истиот ден, врз основа на претходно изготвен план и издадени Наредби од надлежен Истражен судија, Министерството за внатрешни работи изврши претреси во 23 објекти (домови и службени простории) на подрачјето на Скопје, Велес, Куманово, Демир Капија и Кавадарци при што пронајдени и одземени се археолошки предмети изработени од керамика (светилка, женска фигура, чаша, вазна и др.) бронза и метал, два керамички детаљи од теракота, пет слики од икони на хартија, 14 икони на дрво со различни димензии, две стари црковни книги, метален крст со Исус Христос со ѕвездесто постоље, литература за археолошки предмети, четири метал-детектори и сонди за пронаоѓање на предмети под земја, двоглед и лупи, метални делови од копја, шило и две неправилни плочи, еден глинен ќуп, делови од метални предмети со изгравиран рељеф, 121 монета (со различна неправилна кружна форма и големина од кои како покарактеристични се една украсна монета со лик на Александар Македонски, две метални монети со изгравиран ловоров венец со натпис Anfipolis и една метална монета на предна страна со човечки лик, а на задна страна изгравиран коњ со натпис Aminta), фотокопија од каталог за монети, каталози од Аукциски куќи, три уметнички слики, голем број на фотографии од експонати од предмети, ЦД со топографски карти и друго.

Врз основа на докази обезбедени од примената на посебните истражни мерки и материјалните докази обезбедени при извршените претреси, од страна на Центарот за сузбивање на организиран и сериозен криминал до Основното Јавно Обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, денеска ќе биде поднесена кривична пријава против 19 членови на организираната криминална група, од кои 17 македонски и двајца српски државјани.

Членовите на организираната криминална група се пријавени поради постоење на основано соменение дека истите ги сториле кривичните дела: „Злосторничко здружување“, „Оштетување или уништување културно наследство“, „Присвојување на културно наследство“, „Изнесување во странство на културно наследство“ и „Злоупотреба на службена положба и овластување“.

Сите пронајдени и одземени предмети со археолошка, етнолошка и историска вредност ќе бидат предадени на вештачење и стручна проценка на овластена институција заради утврдување на нивната вистинска вредност, период од кој потекнуваат, подрачје од кое потекнуваат. 

Во текот на акцијата приведени се 14 од пријавените лица, двете лица странски државјани не се достапни, а три лица претходно се пријавувани во врска со истата истрага.