/ Прочитано:

795

Владата ја прифати кандидатурата на Зврлевски за јавен обвинител на РМ, предлогот оди на седница на Собрание

Петок, 18 јануари 2013 година – Јавен обвинител на Република Македонија во следните 6 години ќе биде досегашниот прв човек на скопското обвинителство, Марко Зврлевски. Владата на последната седница донела ваква одлука, а предлогот е веќе стигнат во Собранието. 

На 21 овој месец кога е и закажана следната собраниска седница се очекува Законодавниот дом да го верификува предлогот, а со тоа Зврлевски официјално ќе стане државен обвинител со мандат од 6 години. Пред да го кандидира, Владата добила и позитивно мислење за него и од Советот на јавни обвинители.

„Искуството на Зврлевски во предметната работа е значајно пред се затоа што ја познава кривично правната материја, ги познава сите аспекти на организираниот криминал, како и организаторските способности што ги поседува даваат за право да ја обавува функцијата јавен  обвинител на Република Македонија“, стои во мислењето на Советот.

Зврлевски, првиот човек на скопското Jавно обвинителство беше единствениот кандидат за кој се знаеше дека се пријавил на огласот за државен јавен обвинител. Досегашниот државен јавен обвинител пак, Љупчо Шврговски чиј што 6-годишен мандат завршува за една недела, најверојатно како што вели ќе и се посвети на адвокатурата.