/ Прочитано:

828

Во потрага по милионите, хрватската полиција го чешла имотот на калуѓерот Шиме Нимац

Среда, 24 октомври 2012 – Фра Шиме Нимац, хрватскиот калуѓер кој што е под сомнение дека побегнал со 1,3 милиони евра, пари наводно прибавени со нелегална продажба на црковно земјиште, вчера е пуштен на слобода откако Жупанискиот суд во Сплит ја одбил жалбата на Жупаниското обвинителство тој да биде притворен за да нема можност да делува врз докази и сведоци. 

Полицијата го чешла имотот на фра Шиме

По налог на Жупанискиот суд во Сплит вчера попладне полицијата го чешлала целиот имот на калуѓерот фра Шиме. Полицијата вршела претрес во неговиот стан, возилото марка „Пасат“ и на јахтата именува „Lucky me“ , сето ова е во сопственост на контроверзниот калуѓер кој се сомничи за кривичното дело злоупотреба на службената положба, при продажбата на црковниот имот во општината Башка Вода, средна Далмација

Од задарската полиција не сакале да го коментираат претресот, сепак хрватските новинари дознават дека најпрво полицијата влегла во неговиот стан во далматинскиот град Биоград, потоа го нашле неговиот „Пасат“ на паркингот пред зградата. На крај полицијата извршила претрес и во неговата јахта која била закотвена на биоградското пристаниште „Марина Корнати“. 

Познато е дека Шиме ја користел оваа јахта, но сепак таа не се води на негово име туку на име на сопругата на засега непознат биоградски претприемач. За време на претресот сопственичката на јахтата не се појавила, дошол само нејзниот овластен застапник. 

Што точно полицијата барала во неговиот имот засега официјално нема соопштение, но познато е дека нема трага од 1, 3 милиони евра. 

Фра Шиме на слобода, одземен му е пасошот

Судот одлучил Шиме да се појавува еднаш неделно во полициска станица, доколку се случи тој да не се појави ќе биде приведен во истражен затвор. Судот му го одземал пасошот, но не и неговата лична карта, со што Шиме може без проблем да ја напушти Хрватска и да отпатува за Босна и Херцеговина, Словенија или Црна Гора. Судот објаснува дека личната карта не му е одземена бидејќи тоа било документ за лична идентификација, а Шиме може слободно да ја напушти земјата бидејќи судот не му доделил забрана за излез од Хрватска. 

Парите биле наменени за проширување на црквата?

Во текот на целата истрага што ја крена на нозе црковната и световната јавност, како главен аргумент стои дека Шиме со парите од продажбата имал намера да ја проширува црквата Свети Никола во Башка Вода. Меѓутоа во Башка Вода многумина веруваат дека Шиме ги има префрлено парите на сметка во странство и дека не постои никаков план за реновирање и проширување за црквата.

За планот на Фра Шиме проговорила и Марина Ковачиќ, сопственичката на проектанската фирма „Гениста“ од Сплит, која што тврди дека го изработила идејното решение на проширување на црквата Свети Никола. 

– Тоа не е некој фантомски план, туку многу коректен проект. Бидејќи црквата е заштитено културно богаство требаше да се направи елаборат за можност за нејзино проширување со кое би се сложиле конзерваторите, а во склоп на тој елаборат е направено и идејно решение. Направивме 3 примерока, едниот го предадовме на конзерваторите, тие го прифатија, тоа решение треба да биде основа за добивање на локациска и градежна дозвола. Во однос на ова решение од 165 метри квадратни црквата се проширува на 290 метри, објаснува Ковачиќ. 

Сопственичката на „Гениста“ кажала дека фра Шиме и рекол дека има сложена финансиска конструкција за целиот проект и проширувањето на црквата и дека има наредба и одобрување од своите надредени. 

– Елаборатот е направен во април, а официјалното отворање на црквата требаше да биде за славата Св. Никола. Првпат го видов кога почнавме со елаборатот, веднаш ме освои со својот ентузијазам во врска со проектот. Во неколку наврати со Шиме додека ја собиравме документацијата, посетив неколку институции и никој немаше забелешка на проектот, објаснила Ковачиќ. 

Парите на Фра Шиме му се на сигурно

Ретко кој во Башка Вода верува дека продажбата 40-те илјади квадратни метри црковна земја, на фра Шиме му била наменета за помагање на сиромашните и обнова на црквата. Мештаните веруваат дека истрага ќе покаже кој се стои зад кулисните игри на овој скандал. Се уште нема потврдни информации дека Шиме им дал пари на социјално загрозени семејства, а се повеќе се шират гласини дека милионската сума е на сигурно и полицијата тешко ќе дојде до неа.