/ Прочитано:

1.521

Во правниот систем нема место за неуки шарлатани: домашните адвокати на борбена линија против надриписарството

Комплексноста на социјалните процеси наложува сѐ поголема потреба од правно советување, но во исто време наголемо отвора и простор за продор на неуки поединци што без стручна подготовка и без адвокатска лиценца нашироко нудат правни услуги. Александар Варела, адвокат од Скопје, смета дека погрешниот правен совет даден од некомпетентно лице може да резултира со сериозни последици врз граѓанинот. Битолскиот адвокат Васко Стојков оди чекор подалеку со тврдењето дека додека адвокатите плаќаат данок и носат одговорност со својот потпис, напливот на надриписари дословно доведува до потценување на адокатурата и се заканува да го загрози целиот правен систем на државата. Никола Додевски, претседателот на АКРМ, порачува оти ситуацијата со надриписарството ќе подлежи на темелно следење сѐ додека не уследат соодветни измени на решенијата во Законот за бесплатната правна помош.

Во време кога социјалните процеси стануваат сѐ покомплексни, граѓанството сѐ почесто се соочува со потребата од правно советување, а тоа, пак, наголемо ја отвора вратата за продор на, како што често ги нарекуваат, шарлатани и надриписари. И покрај големите напори за обединување на подробностите на концептот на надриписарство, за него не може да се даде униформирана дефиниција. Надриписарството има фатено длабоки корени преку ламтежот на поединци со сомнителна провиниенција брзо да дојдат до крупни пари, давајќи правни совети и изготвувајќи документи за граѓани неупатени во правно-судската материја. Според востановената практика, примената на правото е ограничена единствено на професионалците што стекнале адвокатска лиценца од Адвокатската комора на Република Македонија и се предмет на професионална дисциплина произлезена од нејзиниот Кодекс за професионалната етика на адвокатите, откако претходно подлежеле на темелно правно потковување и на специјалистичко образување.

Во Членот 381-а од Кривичниот законик се наведува дека „тој што без регистрирана дејност за надомест дава стручна и правна помош на граѓани и правни лица, а не е адвокат, ќе се казни со парична казна или со затвор до една година“. Моментната форма на законското решение, во кое изостануваат подробни одредници за надриписарството, остава широк простор за толкување на оваа појава на најразлични можни начини. Отсуството на јасна дефиниција ја отежнува во многу погледи процената на дејностите ставени под лупа врз основа на сомнение дека станува збор за надриписарство. Подвлекувајќи дека погрешниот правен совет даден од некомпетентно лице може да резултира со сериозни последици врз граѓанинот, скопскиот адвокат Александар Варела пластично ја илустрира позицијата на адвокатот сред сѐ почестите случаи на надриписарство.

„Поаѓајќи од намерата на измените на ЗПП да се забрзаат судските постапки, многу нивни подробности се пресликаа во несфатливо строги прописи, на кои адвокатите мора строго да се придржуваат, додека од друга страна се јавуваат големи пропусти. Судот, на пример, му дозволува на граѓанинот да пристапи со полномоштво заверено од нотар, но не и од адвокат. Нам, пак, на адвокатите, не ни се толерираат какви било грешки, па дури и ако се од техничка природа: на пример, ако во поднесената документација недостига одредена фотокопија и слично. Во денешни услови, најмногу правни совети даваат нотарите и извршителите, иако за тоа немаат адвокатска лиценца. Кон тоа, секако, мора да се додадат и разноразните здруженија што се залагаат за заштита на граѓаните во повеќе домени, вработувајќи правници и нудејќи совети во врска со различни прашања. Сите овие, со својата зголемена бројност, значително го намалуваат обемот на работа на домашните адвокати,“ образложува Варела.

Закана за целиот правен систем

Надоврзувајќи се на проблематиката, битолскиот адвокат Васко Стојков категорично тврди дека единствено државата може да ги заштити адвокатите и нивната дејност.

„Во 2009 година беше донесена првата пресуда во врска со надриписарството како кривично дело, кога исклучиво адвокатите беа овластени за вршење правни работи. Со измените во Национална квалификација на дејностите, под влијание на извесни лоби-групи, правни работи може да врши секое друштво со ограничена одговорност/на едно лице, со што непосредно се руши работниот обем на адвокатите. Додека адвокатите плаќаат данок и носат одговорност со својот потпис за секоја извршена работа, напливот на консалтинг куќи и на поединци што даваат правни совети наметна непрегледност на вршителите на правни работи, но уште повеќе, преку дословно потценување на адокатурата, се заканува да го загрози целиот правен систем на државата. Едноставно, не може секој да врши таква сериозна дејност. Додатно на тоа, намерата да се растоварат судовите со пренесување на дел од обврските на извршителите и на нотарите не може да се смета за растоварување во вистинска смисла на зборот ако паѓа на грбот на граѓаните. Следствено, сметам дека ниту Адвокатската комора, ниту кој било друг, може да ги заштити адвокатите: за тоа по секоја цена треба да се заложи самата држава“, смета адвокат Стојков.

Напливот на консултантските куќи, неодминлив тренд произлезен од процесот на приближување на Македонија до Европската унија, е дискутабилен и за адвокат Варела.

„Со нашето постепено отворање кон ЕУ, странските консултантски фирми неминовно ќе влегуваат во Македонија. Во Хрватска постои законска одредба, според која влезот на консалтинг куќите ќе биде можен само откако земјата ќе стане членка на ЕУ, додека кај нас завладеа тенденција небаре веќе да сме дел од Унијата. Ваквиот тренд, едноставно, никој не може да го спречи, зашто со влегувањето во ЕУ, пазарот ќе биде единствен. Големите консултантски куќи сигурно ќе доаѓаат и кај нас и ќе вработуваат домашни правници, чии примања нема воопшто да бидат завидни. Таквите фирми сигурно ќе водат сметка за придржување до нашите закони, но ќе „тераат“ исклучиво свои политики“, заклучува Варела.

Никола Додевски, претседателот на АКРМ, во врска со појавата на надриписарството, упатува на двата најскорашни случаи регистрирани во Прилеп, каде што се работело за помагање при регистрација на возила, како и во Битола, каде што против надриписар е поднесена кривична пријава од страна на група адвокати. За „Академик“, Додевски вели дека некогашните канцеларии за бесплатна правна помош, отворени со цел да се заштитат граѓаните од надриписари, денес се во голема мера ставени надвор од функција и порача дека ситуацијата ќе подлежи на темелно следење сѐ додека не уследат соодветни измени на решенијата во Законот за бесплатната правна помош.


Автор: Далибор Стајиќ Објавено на: 22.04.2013