/ Прочитано:

1.439

Водич во терминологијата за родово базирано насилство за новинари и медиумски работници

Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство денеска го презентираше Водичот во терминологијата за родово базирано насилство за новинари и медиумски работници, а во рамките на проектот „Насилство врз жените и медиумите: Унапредување на техниките за известување и медиумска покриеност на случаи на насилство врз жени“.

foto akademik

Целта на овој прирачник е да им се помогне на новинарите и на медиумските работници во известувањето за формите на родово базирано насилство, а со тоа и во адресирањето на различните аспекти на ова прашање.

Тишината што го обвива овој проблем, велат од Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство, придонесува кон недостигот од информации, но многу често и кон двоумење или, пак, одбивање да се отворат прашањата поврзани со овој негативен општествен феномен.

„Најдобриот интерес за жените што преживеале насилство е основната идеја од која тргнавме при подготовката на речникот конципиран како Водич во терминологијата за родово базирано насилство за новинари и медиумски работници. Секој напор да се документира случај на родово базирано насилство од страна на медиумите мора првенствено да води сметка за безбедноста и за сигурноста на овие жени“, велат од Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство.

Од Мрежата истакнуваат дека безбедноста и сигурноста се двата аспекти кои мора да имаат предност пред другите цели на известувањето, особено кога се работи за тешки злоупотреби. Жените што преживеале насилство се директно поврзани со контекстот во кој е објавена нивната приказна.

foto akademik

„Конкретно, ова значи дека новинарите, известувачите и професионалците од медиумите, како и оние кои обезбедуваат сервиси за поддршка на жени кои преживеале насилство, мора да им дадат приоритет на достоинството, приватноста, доверливоста, сигурноста, безбедноста и заштитата од повреда. Пред да се започне со подготовка на сторија за родово базирано насилство, мора да се има јасна цел за последиците од објавувањето и токму поради тоа тие мора да бидат внимателно разгледани“, се подвлекува во Водичот во терминологијата за родово базирано насилство за новинари и медиумски работници.

Во речникот, покрај корисната терминологија и покрај дефинирањето на различните поими од проблематиката на насилството врз жените, разработени се и водечки принципи за новинарите и за медиумските работници.

Избегнувањето на осудувачкиот јазик, необјавувањето на детали кои можат да ја стават жената што преживеала насилство во дополнителен ризик, консултирањето со експерти од областа на родово базираното насилство и пронаоѓањето информации од локални специјализирани сервиси за жртви и организации кои работат на темата, се посочени како водечки принципи во корисниот Водич на Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство. Исто така, во водичот се даваат насоки и за етичко и безбедно интервју со жена која преживеала насилство.

foto akademik

На денешната презентација на Водичот, се говореше и за потребите и за предизвиците за унапредување на соработката помеѓу женските граѓански организации и медиумите. Во таа насока, се нагласи значењето на членот 17 од Истанбулската конвенција, со кој се поттикнува приватниот сектор, секторот за информатичко-комуникациска технологија и средствата за јавно информирање, со должна почит за слободата на изразување и независноста, да учествуваат во изработката и спроведувањето на политиките и да утврдат упатства и саморегулаторни стандарди за спречување на насилството врз жените и за зголемување на почитта кон нивното достоинство.

„Главна слабост во известувањето на медиумите е правењето сензационалистички настан и третирање на истиот како дневен настан, додека самиот текст не содржи што понатаму треба да се случи и за реакциите од одговорните институции“, истакна Елена Димушевска од Националната мрежа против насилство врз жените и семејното насилство.

Таа посочи дека потребен е заеднички настап во процесот на застапување за потребната ратификација на Истанбулската конвенцијата, како и клучно  соработката на граѓанските асоцијации и медиумите во насока на подигнување на свеста за насилството врз жените.

foto akademik

„Медиумите се клучни за повикување на одговорност од страна на институциите. Редовното информирање, што треба да се направи во конкретна ситуација, каде и како да се интервенира, се дел од прашањата кои треба да ги анализираат медиумите, а со тоа да имаат и едукативна улога. На пример, тоа се бројни прашања поврзани со Истанбулската конвенција, за состојбите со насилството врз жените, психичкото насилство на работното место, сексуалното вознемирување во рамките на пазарот на трудот, првата пресуда за дискриминација врз основа на бременост и редица други прашања за кои треба да се говори“, рече Санела Шкријељ од Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство.

„Овој речник е потребен бидејќи имаме епидемија на семејно насилство, а немаме доволно познавање на проблематиката на семејното насилство. Во електронските медиуми во 60 проценти од програмата има насилство, а во помалку од 5 отсто се третираат теми за како тоа да се реши. Затоа е потребно користење на соодветен родово базиран речник, да се избегнува осудувачки јазик и да се внимава на секундарна виктимизација на жртвите, рече Наташа Доковска од Здружение на новинари за човекови права, додавајќи дека водичот  претставува добро четиво за сите што сакаат да го третираат семејното насилство, но и за активистите во невладините организации кои се среќаваат со оваа проблематика.

foto akademik

„Мислам дека со проектот и со работилниците посветени на родово базираното насилство правиме еден голем исчекор во соработката на медиумите со невладините организации. Јавноста треба да го слушне она што треба да го слушне, а не она што сака да го слушне.  Насилството врз жените не е само прашање на индивидуа, тоа е широк опсег на активности. Насилството е резултат на долгите години на нееднаквост меѓу мажите и жените, на јазовите кои постојат“, рече Елена Равњански од Платформата за родова еднаквост.

М.В