Врховниот суд на Грција одлучи ЕРТ да продолжи со емитување на програмата
Вторник, 18 јуни 2013 – Врховниот суд на Грција Атина ја суспендира одлуката на Владата за укинување на државната телевизија ЕРТ, поради што минатата недела беа организирани неколку големи протести, а новинарите низ целата земја започнаа штрајк за солидарност со колегите. Судот наложи телевизијата повторно да емитува програма додека да не реши прашањето за формирање на нов јавен сервис.
Судот ја донесе оваа одлука како одговор на жалбата на синдикатот на ЕРТ кој се жалеше на изненадната одлука на владата во вторникот да се изгаси сигналот на државата телевизија. Судот ги повика одговорните министри да овозможат услови за воспотавување на „привремен“ јавен сервис додека да се реши прашањето.
Во меѓувреме, продолжуваат преговорите меѓу премиерот на Грција Андонис Самарас и неговите коалициски партнери околу проблемот со државната телевизија.
Премиерот Самарас тврди дека ЕРТ е корумпирана. Сепак, Врховниот суд застанал на страната на ЕРТ, одлуката е само привремена, па судбината на неколкуте илјади вработени во грчката државна телевизија сѐ уште е неизвесна.
Владата на Грција, пред помалку од една недела донесе одлука за привремено укинување на државните радио и телевизија, додавајќи дека се решиле на тој чекор бидејќи јавните медиуми имале проблеми со транспарентноста и дека имало „неверојатно претерувања со трошоците“.