/ Прочитано:

1.563

За добриот правник нема тежок случај и правни празнини: принципот на конструктивно толкување наполу заживеан во македонската судска практика

Студентскиот колоквиум во чест на правниот филозоф Роналд Дворкин, што се одржа 4 јуни 2013 година, ги угости претседателот на Уставниот суд на РМ, Бранко Наумоски, и претседателката на Врховниот суд на РМ, Лидија Неделкова. На настанот организиран на Правниот факултет „Јустинијан Први“ од Националниот огранок на Европското здружение на студенти по право во Република Македонија, двајцата судски челници дадоа подробен увид во проблемите што се испречуваат кога во домашната судска практика се утврдуваат т.н. „правни празнини“, коишто наложуваат сеопфатно конструктивно толкување, во духот на теоријата на Дворкин. Преку повеќе примери од практиката, Неделкова укажа дека за добриот судија нема тежок случај и ја подвлече важноста од редовно следење на претходно донесените судски одлуки ако се намерува да се избегнат различни толкувања во случаи со иста фактичка состојба.

Наспроти позитивистичката теориска рамка на правото, која е повеќе сосредоточена врз формата на донесените прописи отколку врз вредностите содржани во нив, Дворкинова теоријa, како што беше пренесено од идејниот иницијатор на средбата, доц. д-р Каролина Ристова-Астеруд, има интерпретативен карактер. Тој не го набљудува правниот систем само како збир правни правила, туку едновремено и како систем на правни принципи. Во поширока смисла, правото не се состои само од правни правила — туку и од правни начела што се применуваат во решавањето на „тешките“ случаи. Во својата основа, правните начела се обопштени и далеку пошироки од општите правни правила. Оттука, при носењето одлуки во сите сложени случаи, како што изнесува Дворкин, пронаоѓањето на правото изискува „конструктивно толкување“ потпрено на морално заснованите гледишта за правата на човекот.

Во потесна смисла, правото не се состои само од нормите што ги востановува законодавецот, ами и од основни стандарди и вредности што стојат зад тие норми. Преку ваквиот приод, Дворкин го набљудува правото како целина од правни правила и правни стандарди, при што стандардите вклучуваат во себе правни принципи и правни политики. Така, кога се појавуваат правни празнини, судот е ставен пред предизвик да го „открие“ правото преку правните принципи, без оглед на тоа што разгледува предмет за кој не може да најде соодветно правно правило. Со тоа се стигнува до проблемот на способноста за споменатото конструктивно толкување: Дворкин уверува дека не постои правна празнина, или, пак, тешки случаи — туку само лоши правници.

Претседателот на Уставниот суд на Република Македонија, судијата Бранко Наумоски, појасни дека улогата на Уставниот суд, над сѐ останато, е да го штити Уставот, применувајќи ги неговите принципи, без да се меша во политиката на законодавната и на извршната власт. Тој потцрта оти водечкиот принцип според кој Уставниот суд ги носи своите одлуки, ни помалку ни повеќе, е владеењето на правото.

„Принципот на владеење на правото, во духот на Дворкин, дозволува одредено толкување од страна на Судот, со цел да се открие која била целта на законодавецот, особено во случаи кога одлуката не е јасна или прецизна. Најскорашен пример во тој дел е одлуката за менување на имињата на улиците во главниот град. Во иницијативата до Уставниот суд беше наведено дека за преименувањето на улиците, според законските одредби, треба да се прибават советодавни мислења од општините на територијата на Скопје. Проблемот лежи во тоа што законот не прецизирал кој чинител на општинско ниво може да се произнесе со таков вид мислење, па беа добиени мислења од различни нивоа на локалната самоуправа, што само по себе покажува дека принципот на владеење на правото не бил јасно применет“, истакна Наумовски.

Со свој осврт на прашањето зошто е битна судската практика настапи и претседателката на Врховниот суд на Република Македонија, Лидија Неделкова. Согласна дека судската практика не е извор на правото, таа упати на важноста од почитување и од редовно следење на претходно донесените судски одлуки ако се намерува да се избегнат различни толкувања во случаи со иста фактичка состојба.

„За добриот судија нема тежок случај: ако одлуката не може да биде донесена врз основа на востановените правила и ако биде утврдена правна празнина, тогаш треба да се премине на толкување, со цел да се дојде до доследно решение. Врховниот суд, којшто своите одлуки ги носи во повеќе области на расправите на Општата седница, треба да се грижи и да ја интерпретира судската практиката во нејзината целокупност, вклучувајќи ги и основните и апелационите судови. Својата функција да обезбедува единство во примената на законите од страна на судовите, Врховниот суд ја остварува со донесување, односно со утврдување начелни ставови и начелни правни мислења во врска со одделни правни прашања, кои се задолжителни за советите на Врховниот суд, а имаат влијание и на пониските судови во унапредување на судската практика за усогласена примена на законите од сите судови“, појасни Неделкова и изнесе неколку примери од досегашната судска практика во кои се наложува сеопфатно толкување на дадената ситуација од страна на Врховниот суд.

Во преден план на своето излагање, во делот на кривичното право, Неделкова го стави примерот на случајот „Франфуртска мафија“, за кој очекува дека многу наскоро ќе го предизвика Врховниот суд. Имено, првообвинетото лице, коешто со уште 28 обвинети беше фатено во опсежна полициска акција, во повеќе наврати се самоповредуваше во затворската ќелија, со цел да манипулира со времето, бидејќи според Законот за кривичната постапка (ЗКП), судскиот процес не може да се води во негово отсуство. Соочен со ситуација во која поради едно лице се доведува во прашање постапката за поголем број други обвинети лица, првостепениот суд донел одлука да продолжи со водењето на судската постапка без присуство на првообвинетиот. Иако ваквиот потег, истакна Неделкова, е сосема надвор од делокругот на ЗКП, Судскиот совет доследно решил да ја примени практиката на Европскиот суд за човекови права.

Неделкова даде мошне интересна илустрација и за начинот на кој Врховниот суд врши интерпретирање на случаите од „тешка“ категорија во граѓанската постапка.

„Судската интелигенција има разбирање дека просечниот, правно неупатен граѓанин не е добро запознаен или добро подучен за материјата кога поднесува барање за заштита на законитоста. Јасно е дека тоа со Законот за парнична постапка (ЗПП) не е дозволено средство, но она на коешто јас не можам да се изначудам е упорноста со која адвокатите го предизвикуваат Врховниот суд да одлучува во однос на оваа проблематика кога веќе неколкупати е донесена негативна одлука на Општата седница. Сепак, и за тоа постои објаснување, коешто го узнавме со текот на времето: на граѓаните и на нивните застапници така им било полесно да се оправдаат пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур и да му покажат дека подолг временски период воделе битка пред домашните судови“, образложи Неделкова.

Дискусијата за досегашната судска практика, меѓу другото, ја обележа и забелешката изнесена од проф. д-р Гордан Калајџиев пред судските челници. Според него, правниците во Македонија недоволно водат сметка за правните принципи, како што ги проучува Дворкин во своите научноистражувачки разгледи. Калајџиев истакна дека без оглед на тоа што судскиот систем во Македонија е обврзан да суди непристрастно, независно, без да се идентификува со која било страна во постапката и во случај на двоумење да го запази правото на невиниот да не биде осуден, тој почесто се става себеси во улога на осудител и придонесува кон присутноста на невините во затвор отколку на виновните на слобода. Кон тоа, најпосле, дел од присутните упатија и апел за отворање на судовите кон академската и кон пошироката јавност за да се обезбеди непречена размена на искуства и за да се унапреди општествената свест за улогата на судската власт.


Автор: Далибор Стајиќ Објавено на: 5.6.2013