/ Прочитано:

1.155

За легализираните куќи до 500 квадрати – откуп на земјиштето по евро за квадрат

Понеделник, 18 ноември 2013 – Земјиштето на легализираните семејни куќи од денеска може да се откупи по цена од 61 денар за метар квадаратен  за парцели до 500 метри квадратни. Доколку парцелата е поголема  делот кој е над 500 метри квадратни ќе се отуѓува согласно цените за продажба по пат на непосредба спогодба, односно истите цени кои се плаќаат за оформување на парцелата.

Износот на цената  за откуп на земјиштетото го соопшти денеска на прес-конференција министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, презентирајќи ја уредбата што за таа намена ја донесе Владата. 

Според  Јанакиески,  досега во целата држава се легализирани околу 60.000 објекти. Во Агенцијата за катастар на недвижности се запишани 58.400 објекти, од кои 586 на правни лица, а останатите на физички лица. Запишани се и 692 базни станици.

Со овие мерки, истакна министерот за транспорт, ќе се излезе во пресрет на голем број семејства и стопанственици кои не можеа да се стекнат со сопственост на земјиштето на кое веќе имаат изградено објект.

„Направените анализи покажуваат дека најголем дел од куќите предвидени со урбанистичкиот план се до 500 метри квадратни. Таму каде што има поголеми дворови ќе се плати повисока  цена согласно правилникот зависно од местоположбата и општината“, наведе Јанакиески.

За индустриските објекти, додаде, нема ограничувања за квадратурата на парцелата. Цените што ќе се плаќаат за земјишето под објект се еднакви со ценовникот  на Министерството за финансии и  варираат од 240 до 480 денари за метар квадратен во зависност  од општината и регионот. Дворовите, пак,  се приватизираат по цена од евро за метар квадратен.

„Очекуваме со овој процес и со давањето поволна цена пред се за индивидуалните куќи да овозможиме целосно затворање  на циклусот на сопственост на земјиштето  каде што има нелегално изградени објекти“, рече  Јанакиески.

Согласно законските одредби, укажа, се воведува и еднократен надомест за воспоставување  правотна службеност во износ од 10 проценти  од продажната цена на земјиштето за одредена намена  по пат на непосредна спогодба. Тука најчесто станува збор за изградба на мали хидроцентрали, што било едно од барањата на концесионерите.

Според министерот за транспорт, засега не се планира пролонгирање на рокот за доставување елаборати за легализирање на објектите, што истекува во јуни догодина, но целиот процес се следи. 

Извор: МИА