/ Прочитано:

965

Закони и подзаконски прописи чиишто одредби стапуваат во примена или престануваат да важат во месец СЕПТЕМВРИ 2015

Погледнете ја најновата листа на закони и подзаконски прописи чиишто одредби стапуваат во примена во месец  септември 2015 година, заедно со целосен табеларен преглед на одредбите од прописите кои стапуваат во примена или престануваат да важат.

zolta

На 1 септември стапуваат во примена одредби од Законот за градење во врска со изработувањето и чувањето на проектна документација.

На 30 септември стапуваат во примена одредби од Законот за парничната постапка со кои се пропишува дека судија поединец суди спорови за имотно-правните барања кога вредноста на предметот на спорот не го надминува износот од 1.800.000 денари.

На 11 септември стапуваат во примена одредби од Законот за спречување на перење пари и финансирање на тероризам во врска со условите за  за именување на директор на Управата за финасиско разузнување.

На 15 септември стапува во примена Законот за спортска академија. Со овој закон се уредуваат организацијата, функционирањето и реализацијата на воспитно-образовниот процес во спортската академија. Спортска академија е државно средно училиште и се основа само за остварување на планови и програми за гимназиско образование на одредени категории на ученици за кои државата има посебен интерес.

На 15 септември стапува во примена Законот за Академијата за наставници. Со овој закон се основа и се уредува работењето на Академијата за наставници како јавна установа за прием и стручно усовршување на кандидати за учество во обуката за наставници во јавните и приватните училишта, како и издавањето, обновувањето и одземањето на лиценца за работа на наставници.

На 15 септември стапува во примена Законот за наставници во основните и средните училишта. Со овој закон се уредуваат условите за вршење на професијата наставник во основните и средните училишта во Република Македонија, засновањето на работниот однос, категориите на наставници, работните задачи на наставникот, континуираното стручно усовршување (професионален развој), напредувањето во звања (кариерен развој) и одземање на звање.

На 30 септември стапува во примена Законот за Националната рамка на квалификации. Со овој закон се уредува Националната рамка на квалификации, нивоата и поднивоата на квалификации, типови на квалификации, обемот на квалификации, надлежните тела за предлагање, усвојување и класификација на квалификациите, надлежните институции кои ќе постапуваат согласно со овој закон, како и поврзување на Националната рамка на квалификации со Европската рамка на квалификации и Квалификациската рамка на европскиот простор на високото образование.

На 1 септември  престанува да важи Законот за определување на услов за ограничување за вршење на јавна функција, пристап на документи и објавување на соработката со органите на државната безбедност.

На 1 септември стапува во примена Правилникот за формата, содржината и начинот на водење на книгата за процена на тутун и дневната потврда за предадениот тутун. Со овој правилник се пропишува формата, содржината и начинот на водење на книгата за процена за тутун и дневната потврда за предадениот тутун.

Целосен табеларен преглед на одредбите од прописите кои стапуваат во примена или престануваат да важат