(ОБНОВЕНО) Уставниот суд го одложи одлучувањето по Законот за високото образование
Среда, 19 декември 2012 / 14:50 – Расправата за оценување на уставноста и законитоста на Законот за високо образование е одложена поради отсуство на двајца уставни судии, кои поради здравствени причини не беа присутни на седницата. Одлуката за симнување на оваа точка од дневниот ред беше донесена едногласно по предлогот на судијата Исламил Дарлишта, кој посочи дека со оглед на тоа што станува збор за важен закон, за кој постои голем интерес во јавноста, би било добро да се одлучува на една од наредните седници во полн состав.
Законот за високото образование денеска пред Уставен суд
09:30 – Уставните судии денеска ќе ја разгледуваат иницијативата за оценување на уставноста и законитоста на оспорените одредби од Законот за високо образование, поднесена од страна група академски професори.
Според поднесителите на оваа иницијатива спорни се член 8,член 52 став 1 алинеја 16, член 54 став 1 алинеја 9, член 69 став 6, член 70 ставовите 1, 5 и 6, член 72 ставовите 2 и 3, член 77, член 87-а, член 96 ставовите 6 до 19, член 99 ставовите 2, 3, 11, 12, 14 и 15, член 103 став 5, член 113 ставовите 2 до 14 и ставовите 17 и 18, член 125 ставовите 2 до 7, член 133 став 11, член 134 ставовите 1 и 2, член 136 ставовите 1 и 2, член 140 став 2, член 146-а став 2, и член 161-б став 1 алинеите 14 и 16 од Законот за високото образование.
Законот за високо образование беше причина за протест на професорите. Академската јавност, во дел од законските решенија, коишто ги донесе тогашниот министер за образование, Никола Тодоров тврдеа дека се прави упад во автономијата на универзитетите.
Во март во Уставниот суд беше организирана подготвителна расправа за овој Закон на која учествуваа заинтересираните страни.