/ Прочитано:

1.083

ЗАМП ја укина забраната за емитување македонска музика

Трговските радиодифузни друштва од денеска ќе може да продолжат со емитување музички дела од репертоарот на ЗАМП. Во согласност со договорите за реципроцитет, и колективните организации  СОКОЈ – Србија, ХДС ЗАМП – Хрватска, САЗАС – Словенија, ПАМ - Црна Гора, АМУС –Босна и Херцеговина и РИКОМ Паблишинг - лиценциран партнер на групацијата Универзал мјузик паблишинг (за териториите на Србија, Македонија, Црна Гора, Босна и Херцеговина), исто така, ја ставаат вон сила и нивната забрана за емитување на авторски музички дела по пат на радиодифузно емитување од нивниот репертоар.

ЗАМП

Собранието на Здружението за заштита на авторските права донесе одлука со која од денеска (3 февруари) прекинува забраната за јавно емитување на авторски музички дела од репертоарот на ЗАМП, што значи дека трговските радиодифузни друштва ќе може да продолжат со емитување музички дела од репертоарот на ЗАМП.

„Ве известуваме дека со Одлука на Собранието на ЗАМП бр.25-1-0201 од 2.2.2017 година, се става вон сила забраната за јавно емитување авторски музички дела од репертоарот на ЗАМП, што со Одлука на Собранието на ЗАМП беше донесена на 17.9.2016 година. Со оглед на тоа што истекоа сите законски рокови да почне со работа новоформираното здружение СОКОМ МАП, надминати се сите опасности кои се закануваа да го обезвреднат авторскиот труд, авторските права и музичките дела на авторите од земјава, ЗАМП ги известува трговските радиодифузни друштва дека од 3.2.2017 година можат да продолжат со јавно емитување на музички дела од репертоарот на ЗАМП“, се наведува во соопштението на ЗАМП.

Здружението за заштита на авторските музички права им се заблагодарува на трговските радиодифузни друштва кои докрај ја почитуваа забраната и со тоа им дадоа безрезервна поддршка на авторите да ги остварат нивните загарантирани уставни и законски права.

„Им се заблагодаруваме и на здруженијата од Србија, Хрватска, Словенија, Црна Гора и од Босна и Херцеговина кои застанаа на страната на ЗАМП и забранија емитување на авторски музички дела од нивниот репертоар  во земјава“, се потенцира во соопштението.

Авторите чии права ги штити ЗАМП, свесни дека со забраната ги лишија македонските корисници од задоволството да слушаат домашна музика, се уверени дека никогаш повеќе нема да се повтори таквиот чин, кој беше израз на револт против незаконските постапки на надлежните институции.

Во согласност со договорите за реципроцитет, и колективните организации  СОКОЈ – Србија, ХДС ЗАМП – Хрватска, САЗАС – Словенија, ПАМ – Црна Гора, АМУС –Босна и Херцеговина и РИКОМ Паблишинг – лиценциран партнер на групацијата Универзал мјузик паблишинг (за териториите на Србија, Македонија, Црна Гора, Босна и Херцеговина), исто така, ја ставаат вон сила и нивната забрана за емитување на авторски музички дела по пат на радиодифузно емитување од нивниот репертоар.

А. Б.