/ Прочитано:

3.189

Заштитата на правото на сопственост – темелна уставна вредност и демократска придобивка во конвенциското право и судската практика

Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“, во соработка и со финансиска поддршка на Инструментот за техничка помош и размена на информации на Европската комисија, организира дводневна работилница на тема: „Заштита на правата на сопственост“.

fotografija

На денешната работилница, на која говореа: Ѓорѓи Радојков, судија во Апелациониот суд Скопје, Ѓуро Сеса, судија во Врховниот суд на Хрватска, Нина Бетето, судија во Врховниот суд на Словенија и Дамир Контрец, судија во Врховниот суд на Хрватска, беше елаборирано правото на сопственост од аспект на домашното законодавство, но и од аспект на трите правила во членот 1 од Протоколот 1 на Европската конвенција за човекови права коишто го гарантираат правото на сопственост.

Во таа насока, на денешниот настан беа анализирани специфични случаи на прекршувања на правото и прашањето за надоместок, а се дискутираше и за  главните прашања поврзани со националниот закон за правата на сопственост и се даде совет за усогласување на неговото толкување со стандардите на ЕУ.

Во своето излагање судијата Ѓорѓи Радојков нагласи дека сопственоста е универзално човеково право на кое му се дава големо значење во меѓународното конвенциско право, на глобално и на европско ниво. Во согласност со таа норматива, посочи судијата, правото на сопственост е гарантирано и во македонскиот Устав и во македонското законодавство, посебно во Законот за сопственоста и другите стварни права.

„Правната заштита на сопственоста е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија. Во македонскиот Устав се гарантираат правото на сопственост и правото на наследување. Сопственоста создава права и обврски и треба да служи за добро на поединецот и на заедницата. Никому не може да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата што произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон. Во случај на експропријација на сопственоста или во случај на ограничување на сопственоста, се гарантира праведен надомест, кој не може да биде понизок од пазарната вредност“, истакна судијата Радојков.

Според Законот за сопственост и други стварни права, додаде судијата Радојков, сопственикот има право својата ствар да ја држи, целосно да ја користи и да располага со неа по своја волја, доколку тоа не е спротивно на закон или на некое право на друго лице, а секој е должен да се воздржува од повреди на правото на сопственост на друго лице.

„Без правната заштита на сопственоста не може да постои ни реална егзистенција на правото на сопственоста, а оттука и на самата сопственост. Заштитата на правото на сопственост, главно, се врши со тужби, но и на други начини, како на пр., со запишување на правата на недвижности во соодветни јавни регистри итн. Нормативното уредување на сопственичките тужби е регулирано во повеќе закони. Основните тужби за заштита на правото на сопственоста се регулирани во Законот за сопственост и други стварни права“, подвлече судијата Радојков.

Во однос на тужбите, судијата нагласи дека тужбеното барање има клучна улога. Често велам, подвлече судијата, дека тужбеното барање е еквивалент на она што е дијагнозата во медицината. Ако не е во ред тужбеното барање, не може да постои ниту соодветен правен лек.

Говорејќи за правото на сопственост од аспект на Европската Унија, хрватскиот судија Ѓуро Сеса посочи дека Европската Унија и Советот на Европа му посветуваат големо внимание на правото на сопственост. Според членот 17 од Повелбата, истакна познатиот хрватски судија, секој има право да ја поседува, да ја користи, да располага со и да ја остава во наследство својата законски стекната сопственост.

„Исто така, како што се пропишува во Повелбата, никој не смее да биде лишен од својата сопственост, освен за јавен интерес или во случаи или под услови определени со закон, при што тоа подлежи на фер надомест кој навреме се исплаќа. Користењето на сопственоста може да се регулира со закон доколку тоа е неопходно за јавниот интерес. Со Повелбата воедно се заштитува интелектуалната сопственост“, подвлече судијата.

Посочувајќи на праксата на Европскиот суд за човековите права, Сеса нагласи дека концептот на сопственоста има автономно значење кое е независно од неговото формално-правно третирање во домашното законодавство.

Надоврзувајќи се на излагањето на судијата Сеса, во однос на заштитата на правото на сопственост од аспект на ЕСЧП, словенечката судијка Нина Бетето образложи дека, според чл. 13 од Европската конвенција за заштита на човековите слободи и права, секој оној на кого му се нарушени правата и слободите признаени со Конвенцијата има право на ефикасен правен лек пред националните власти, а во последна инстанција и пред Европскиот суд за човекови права со седиште во Стразбур.  ЕСЧП ги заштитува правата прокламирани во Европската конвенција, меѓу кои и правото на сопственост.

Европскиот суд за човекови права во случаите што се однесуваат на правото на сопственост првично разгледува дали во конкретен случај воопшто станува збор за повреда на правото на сопственост во смисла на Конвенцијата, односно дали правото во кое веројатно е интервенирано е заштитено со членот 1 од Протоколот број 1. Оттаму е битно запознавањето со поимот „сопственост“ кој е во основа на оваа регулатива.

Понатаму, говорејќи за трите принципи во членот 1 од Протоколот 1 на Европската конвенција за човекови права и нивниот заемен однос, вклучувајќи и дел од обичајното право на ЕСЧП, судијката Бетето образложи дека членот 1 од Протоколот број 1, кој го гарантира правото на заштита на сопственоста, содржи три засебни правила.

Првото правило е од општ карактер и го изразува принципот на мирно уживање во сопственоста. Второто правило го покрива лишувањето од владение и го прави предмет на одредени услови, додека пак во третото правило се определува дека  државите потписнички на ЕКЧП имаат право, меѓу другото, да ја контролираат употребата на сопственоста во согласност со општиот интерес.

Трите правила, подвлече словенечката судијката, не се засебни, туку се поврзани и, во таа насока, се однесуваат на она што од аспект на Стразбур значи мирољубиво уживање на имотот, одземање на имотот, како и државна контрола на употребата на имотот според јавниот интерес.

Хрватскиот судија Дамир Контрец пред судиите присутни на денешниот настан говореше за хрватската судска пракса во врска со прашањето на заштитата на правото на сопственост. Во своето излагање судијата Контец  особено се осврна и на повторување на постапка по повод конечна пресуда на Европскиот суд за човекови права во Стразбур.

М.В