/Прочитано:

785

Заштитениот сведок мора да се придвижи од предмет на политичка злоупотреба кон институција за доследна борба против организираниот криминал — порачуваат експертите

Неодамнешното признание за лажно сведочење на заштитен сведок во случајот „Ореше“ пред Основниот суд во Велес беше вистинска пресвртница во домашното правосудство. Иако институцијата „заштитен сведок“ има прилично краток век на примена во борбата против организираниот криминал во Македонија, нејзините општествени последици исклучително ретко се ставаат во фокусот на јавниот дискурс. Гордан Калајџиев, експерт по кривично право, вели оти заштитените сведоци политички се злоупотребуваат за однапред да биде донесена казнена пресуда. Звонко Давидовиќ, адвокат на одбраната во случајот „Ореше“, неколкупати јавно укажува на фактот дека носењето пресуда не може да се заснова единствено на изјава од заштитен сведок и оди чекор понапред, повикувајќи ја судско-адвокатската интелигенција да го зачува својот кредибилитет сред разнишаната институционална рашомонијада.

Маратонскиот судски процес „Ореше“, по половина деценија зазема радикално изменет развоен тек. Досегашниот заштитен сведок под псевдонимот „Бреза“, кој настапи со изјава против обвинетите за платеното убиство на 74-годишниот Лазо Милошевски во с. Ореше, призна дека инспектори од Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) го принудиле да прифати улога на заштитен сведок, со цел да даде изјава против обвинетите, браќата Ордан и Љупчо Ѓорѓиевски. Според неговото кажување, инспекторите му дале однапред изготвен текст којшто требало дословно да го пренесе пред надлежниот суд. Сепак, откако увидел дека не му се исполнуваат претходните ветувања за парична награда и вработување на неговата сопруга, сведокот пристапи кон судот со својот вистински идентитет, тврдејќи дека сите претходни изјави ги дал под уцена и притисок. Ваквиот пресврт нашироко подгорува сомнежи за функцијата и применливоста на заштитата на сведоците во државата.

Заштитата на сведоците претставува новина во борбата против организираниот криминал во Македонија, истата вообичаено, бележи најголема примена во судски постапки поврзани со дела на организираниот криминал, трговијата со луѓе и оружје, кривичните дела против државата, итн. Одредбите утврдени во Законот за заштита на сведоците го стипулираат секое „заштитено лице“ како сведок, соработник на правдата, жртва која се јавува во својство на сведок и нивните блиски лица, кое со одлука на Советот за заштита на сведоци е вклучено во Програмата за заштита и со кое Одделението за заштита на сведоци има склучено спогодба за заштита. За веродостојноста и угледот на лицето на кое треба да му се додели статус на заштитен сведок се одлучува на предлог на Јавниот обвинител на Република Македонија. Иако причината за доделување ваков статус лежи во опасноста сведокот да биде изложен на заплашување или закани со одмазда, веројатноста за погрешна процена на лицето никогаш не може да биде исклучена. Гордан Калајџиев, експерт по кривично право, тврди дека институцијата „заштитен сведок“ кај нас е во многу погледи умислено практикувана или, како што вели, „политички злоупотребена“ во насока на осудување одредено лице.

„Сметам дека сè уште го немаме постигнато она рамниште на добра волја за доследно спроведување и постапување со заштитените сведоци. Надлежниот суд, секако, е најодговорен за одржување рамнотежа во целокупната постапката која вклучува лица со статус на заштитени сведоци. Сосема спротивно на ова, имам впечаток дека кај нас веднаш се преминува на дефинирање на фактите приложени од заштитениот сведок, без да се образложи, притоа, неговата заднина и, воопшто, да се проверат околностите околу него. Во таа смисла, важно е да се размислува за начинот на кој се постапува со заштитениот сведок како во истрагата, така и во текот на судскиот процес; треба добро да се обмисли приодот кон неговото сослушување и испитување за да се гарантира негова целосна заштита, но и за да се оконча успешно кривичната постапка. На иден ваков дострел на нашето судство, бездруго, мора да му претходи опсежна дебата поткрепена со силна институционална волја“, објаснува проф. др. Калајџиев.

На претходното видување автентично се надоврзува Звонко Давидовиќ, адвокат на одбраната во случајот „Ореше“. Воден од актуелниот пресврт на судската постапка, Давидовиќ неколкупати јавно укажува на фактот дека носењето пресуда не може да се заснова исклучиво на изјава од заштитен сведок.

„Како што се покажа во самата судска постапка, материјалните докази од истрагата не беа во согласност со исказите на заштитениот сведок. Апелациониот суд во Скопје ја укина пресудата за убиството во два наврата, враќајќи го предметот на првостепениот суд во Велес. Всушност, би рекол дека станува збор за „алиби-пресуда“. Ако обвинетите извршиле убиство и за него примиле пари, нема можност за наоѓање средина: или ќе бидат целосно ослободени или ќе им се досуди доживотна казна-затвор. Носење каква било друга пресуда за убиство би било недолично! Тоа што сега заштитениот сведок одлучи да го открие својот идентитет, признавајќи оти сите негови досегашни изјави биле лажни и дадени под притисок, јасно покажува дека Советот за заштита на сведоци, кој одлучува за вклучување на лицето во Програмата за заштита, како и Одделението за заштита на сведоци при МВР потфрлиле во извршувањето на својата институционална должност“, уверува Давидовиќ.

Едновремено, тој укажува дека Златко Арсовски, поранешниот заштитен сведок нема да помине неказнет и е уверен дека ќе се товари за давање лажни изјави, со можност да му се досуди казна-затвор до пет години. Сепак, во многу понагласена мера, Давидовиќ упатува на тоа дека развојот на судскиот процес „Ореше“, на очиглед на сите довел до разводнување на кредибилитетот на судскиот систем во Македонија и смета оти е неопходно да се поведе иницијатива за преиспитување на функциите на сите негови релевантни чинители. Според актуелните одредби на Законот за заштита на сведоци, Советот за заштита на сведоци е надлежен за донесување одлука за вклучување на извесно лице во Програмата за заштита; за донесување одлука за прекин на Програмата, како и за донесување одлука за примена на мерката за заштита „промена на идентитет“. Имајќи ги на ум ваквото институционално устројство, Давидовиќ повикува на зачувување на достоинството на судиите и адвокатите, зашто тие се најодговорни за начинот на кој правото се преточува во практиката.

„Среќна околност е што мнозинството колеги пристапија со поддршка и разбирање на суштината на предметот. Во денешни услови, навистина, е тешко да се изнесе сопственото мислење, а уште потешко да застанеш зад него ако тоа се разликува од ставот на Обвинителството. За жал, ова е начин на кој постапуваат добар дел од судиите, но не ми е јасно зошто. Наместо да бидат водечка сила, тие немаат доблест гласно да проговорат за своите дилеми. Наместо тоа, ним како да им е главна задача да го потврдат на секој начин поднесеното обвинение. Истото важи и за адвокатската фела. Наместо гласно да проговориме, да се обединиме и да ги оствариме своите права — наместо да покажеме дека сме достојни на своето име и професија, ние се потиме низ судските ходници, заткулисно озборуваме низ кулоарите, се дистанцираме од колегите и нивните проблеми, не разбирајќи дека тоа, всушност, е наш проблем — наш заеднички проблем“, заклучува Давидовиќ.


Автор: Далибор Стајиќ Објавено: 07.02.2013