/ Прочитано:

874

Заврши распитот на заштитениот сведок во случајот „Монструм“

Петок, 19 октомври 2012 / 22:20 – Заврши распитот на заштитениот сведок во случајот „Монструм“ кој е заведен под шифрата Е1. Не е познато дали сведокот е директен очевидец на петкратното убиство на Смилковското езеро, а неговиот исказ не смее да биде пренесен во јавност се додека трае истражната постапка чиј рок истекува следната недела. Адвокатот Насер Рауфи не даде изјава за медиумите со образложение дека добил судска забрана за изнесување информации.

„Откако сведокот доби статус на загрозен со него се преземаат мерки од септември и се врши идентификација на лица по фотографии”, изјави истражниот судија, Владимир Туфегџиќ.

Заштитениот сведок во случајот „Монструм“ ќе дава исказ пред судот

16:35 –  По два дена очекувања и најави, во Кривичниот суд во Скопје попладнево исказ ќе даде заштитениот сведок во случајот „Монструм“. Пред судската палата веќе се распоредени специјални полициски сили со цел да се обезбеди негова целосна заштита додека сведокот открива детали за свирепото убиство на 4-те момчиња и еден рибар кај Смиљковското езеро, што се случи на 12 април оваа година.

Иако истекува и шестиот месец, сепак лицата што ги уапси полицијата под сомнение дека се терористи кои што извршиле масакр во очи на верскиот празник Велигден, се уште се осомничени и не постои обвинение против нив.

Институциите се уште се обидуваат да излезе на виделина како и зошто се случи масакрот на 5 невини жртви кои според полициската истрага се лица случајно затекнати на местото на злосторството. Обвинителството ќе има на располагање уште една недела  за да го состави обвинението бидејќи според законските рамки, доколку тоа не биде поднесено до судот до 26-ти овој месец, осомничените ќе бидат пуштени од притвор.

Во големата полициска акција на 1 мај беа уапсени 20 лица, за кои најпрво полицијата тврдеше дека се радикални исламисти кои што сакаат да ја дестабилизираат земјава. Наредниот ден судот половина од нив ги ослободи со образложение дека нема доволно докази за да се изготви решение за почеток на истрага. Од нив, за само 4 лица се водеа судски постапки поради тоа што при полициските претреси во нивните домови беше пронајдено оружје. Судот најде доволно материјал за да се почне судска истрага против 5-мина лица, наводно поврзани со тероризам.

Подоцна, заштитениот сведок на обвинителството стана шестоосомничен за помагање на тероризам. Според информациите на неколку медиуми станува збор за лице кое било во роднински врски со еден од осомничените, па поради морални причини одлучил да стане осомничен, само да не сведочи против својот роднина.

Од 6-мина осомничени, Алил Демири и Африм Исмаиловиќ полицијата ги сомничи како директни извршители на петкратното убиство, двајцата се во бегство. Уште еден од останатите осомничени е под сомнение дека е директен извршител. Останатите тројца ги возеле наводните убијци со возилото што полицијата го пронајде близу Смиљковското езеро и за кое истрагата утврди дека постојат траги што наведуваат дека возилото се наоѓало на местото на убиството. Во судот веќе се спроведени и осомничените Агим Исмаиловиќ, Фејзи Азири и Рами Сејди и Хази Хазири.