/ Прочитано:

1.963

Затворени две приватни здравствени установи поради незаконско ангажирање на лекари

Понеделник, 13 мај 2013 – Две приватни здравствени установи се привремено затворени откако Државниот здравствен и санитарен инспекторат во рамките на вонредна контрола направена на 10-ти месецов, констатирал повреди на законот и неправилности во работењето. Имено, во двата случаи, двајца лекари од Клинички центар вршеле допoлнителна дејност, а не биле регистрирани за тоа.

„При извршениот инспекциски надзор од страна на Министерство за здравство – Државен санитарен и здравствен инспекторат од медицинската документација беше утврдено дека во приватната здравствена установа – дијагностичка лабораторија за цитологија и хистологија „ХИСТОЛАБ“ од Скопје, здравствени услуги (цитолошка дијагностика, хистопатолошка дијагностика и имунохистохемиска дијагностика) давал професор-доктор вработен во ЈЗУ Универзитетска клиника за онкологија и радиотерапија Скопје, со што Приватната здравствена установа – дијагностичка лабораторија за цитологија и хистологија „ХИСТОЛАБ“ од Скопје, вршела дејност спротивно на дозволата за работа, односно од здравствен работник кој не е наведен во дозволата за работа, каде што како стручен кадар се наведени сосем други имиња на доктор–специјалист по патолошка анатомија и медицински лаборант техничар“, информираше директорот на Државниот здравствен и санитарен инпескторат Џевџес Шаќири.

Шаќири посочи дека во Дијагностичката лабораторија за цитологија и хистологија„ХИСТОЛАБ“ од Скопје, без исполнување на условите од член 223 од Законот за здравствената, дополнителна дејност вршел професор доктор вработен во ЈЗУ Универзитетска клиника за онкологија и радиотерапија Скопје, со што истата не ги спроведувала одредбите на Законот за здравствената заштита и актите донесени врз основа на законот.

Во другиот случај, како што појасни тој, станува збор за приватната здравствена установа-Поликлиника од специјалистичко-консултативна дејност „ПРОМЕДИКА МЕДИКАЛ ЦЕНТАР“ од Скопје, каде докторка примариус вработена на Универзитетската клиника за пластична и реконструктивна хирургија од Скопје давала здравствени услуги од областа на пластичната и реконструктивна хирургија, иако приватната здравствена установа немала дозвола за работа за таков вид на услуги.

Шаќири напомена дека докторката лично од инспекторите е затекната во приватната здравствена установа, во рамки на работното време.

Државниот санитарен и здравствен инспекторат донесе решение за привремена забрана за вршење на дејност и ќе поднесе барање за поведување на прекршочна постапка.

Здравствените установи од денес се привремено затворени од ДСЗИ, а забраната за вршење дејност ќе трае до 30 дена.