/ Прочитано:

883

Затворениците – барани работници во хрватскиот приватен сектор

Среда, 29 јули 2015 – Во хрватските затвори се намалува бројот на затвореници, но, како што вели хрватското Министерство за правосудство, расте нивната работна активност во текот на издржувањето на казната.

Според податоците, дури 35 проценти од затворениците, минатата година работеле и оствариле заработка. Затворениците во Хрватска работеле во затворските работилници, но ги ангажирал и јавниот и приватниот сектор. По тој основ затворскиот систем лани заработил 35,6 милиони куни или 4,7 милиони евра.

Интересно е дека работодавците лани задржале 17 лица во работен однос по истекот на затворската казна, најмногу од подрачјето на Загреб.

На затворениците за плати им биле исплатени вкупно 1.18 милиони евра од вкупниот приход, додека просечниот месечен надомест изнесувал 70,5 евра за работата во редовното работно време.

Затворениците минатата година, во делот на своите активности во затворот, произведувале овошје, зеленчук, месо и млеко, во вкупна вредност од 883 илјади евра. На тој начин затворите оствариле голема заштеда во набавката за храна.

„Минатата година работаната активност надвор од затворот е во пораст и како работници ангажирани се околу 1.384 затвореници “, истакнуваат од хрватското Министерство за правда.

Според податоците на Министерството, затворениците биле ангажирани како работници најмногу од јавните претпријатија, но и од приватниот сектор, па така приватните работодавци ги ангажирале како работна сила во сезонските работи, најмногу во градежништвото и земјоделството.