/ Прочитано:

2.038

„МОНСТРУМ“ — ЗАВРШНИ ЗБОРОВИ НА ОБВИНИТЕЛСТВОТО: Судот да ги казни со најстрога казна обвинетите!

Петок, 30 мај 2014 – Најстрога казна за Алил Демири, браќата Африм и Агим Исмаиловиќ, Сејди Рами, Фејзи Азири, Хаки Aзири и Сами Љута, обвинетите за грозоморното петкратното убиство што на 12.04.2012 се случи кај Смилковското езеро, побара денеска во своите завршни зборови застапникот на обвинителниот акт Гордана Гешкоска, како и правните застапници на оштетените.

На денешното рочиште, година и пол од стартот на судскиот процес за грозоморното убиство на четирите млади момчиња од Радишани и рибарот од Црешево што се случи кај Смилковското езеро на Велики Четврток, Обвинителството и полномошниците на оштетените ги дадоа своите завршни зборови.

„Морам да кажам дека долго  размислував за овие завршни зборови и се одлучив истите да бидат кратки и брзи. Кратки – каков што беше животот на жртвите, брзи – како што настапи и нивната смрт“, го започна во својот завршен збор јавниот обвинител Гордана Гешкоска.

Според Гешковска, која во својот завршен збор направи анализа на доказите изведени во текот на главниот претрес, материјални и вербални, се утврдило дека обвинетите го сториле кривичното дело „Тероризам““.

Таа ги истакна наодите на вештаците од кои, како што рече, се потврдило дека Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ истовремено од пиштол и автоматски пушки на растојание до 1,5 метри во телата на младите момчиња – Цветанчо Ацевски, Кире Тричковски, Александар Накевски и Филип Славковски  испукале проектили кои биле кобни за нив.

Од вештите наоди, според Обвинителството, исто така се потврдило дека браќата Исмаиловиќ со автоматски пушки пукале кон рибарот Борче Стевковски, во моментот кога тој бегал кон своето возило.

Гешкоска посебно се осврна на форензичкото вештачење кое го поврзува првообвинетиот Демири со петкратното убиството. Имено, во возилото Опел Омега, со кое претпоставува дека  обвинетите го напуштиле местото на убиството и кое беше најдено кај местото Вражји Вир, е најдена ДНК која му припаѓа Демири. Исто така, како што истакна застапникот на обвинението, примероците од земја најдена на калниците од возилото се совпаѓаат со примероците од земја земени од местото на убиството. Во компјутерите на еден од обвинетите, пак, е најден оглас за продажба на ова возило.

Обвинителството укажа и на фактот што дел од муницијата пронајдена на местото на убиството соодејствува  со автоматска пушка од која обвинетиот Фејзи Азири во 2009 година пукал на својата фарма во Белимбегово. Азири, воедно е и концесионер на дел од земјиштето кај Смилковското езеро. 

Од исказот на заштитетниот сведок, како што наведе Обвинителството, се утврдува дека дел од обвинетите, но и едно лице со непознат идентитет, денови пред критичниот настан биле присутни на Смилковското езеро, но не ловеле риба.

Обвинителството ги посочи и исказите на тројцата сведоци кои за време на критичниот настан исто така биле на Смилковското езеро. Според нивните кажување, кога тргнале да си заминат, вооружен маж во придружба со уште неколку лица пресекувајќи им го патот ги прашал како се викаат по што им се заканил дека ќе ги убие ако не се вратат назад. Откако исплашени се вратиле на местото каде претходно рибареле, тие слушнале рафално пукање. Според Обвинителството, овие три лица најверојатно биле поштедени бидејќи не се од  македонска националност.

Од  повиците на мобилните телефони, пак, како рече застапникот на обвинението, може да се види дека во време на извршување на кривичното дело обвинетите ги исклучиле своите телефони.

Обвинителката Гешкоска укажа и на радикалната исламистичка содржина пронајдена во компјутерите на обвинетите, како и на картографски мапи и сателитски снимки од обиколницата и Смилковското Езеро најдени исто така во компјутерите на двајца од обвинетите.

Меѓу другото, обвинителката нагласи дека сите обвинети негираат вина,  но никој не изразил сочувство на семејствата на убиените ниту пак го осудил делото.

„Многумина ме прашуваа за мотивот за извршеното кривично дело. Ова се однесува на сите кои ме прашуваа: не е случајно избран денот – 12.04.2012 – на најголемиот христијански празник – Велики четврток, убиени се млади машки лица од македонска националност. Ако била намерата друга ќе биле убиени и други лица. Пораката е: пукаме на Велики четврток за да ви биде крвав Велигден, за да ви ја уништиме верата! Пукаме во млади машки лица за да ви ја уништиме нацијата! Пукаме во иднината на државата! Зарем ова не говори доволно за мотивот за извршувањето на кривичното дело  и за намерата да се предизвика чувство на страв и несигурност кај граѓаните?! Судот да ги казни со насјтрога казна обвинетите за да се задоволи правдата и никогаш да не се повтори ова!“, подвлече застапникот на обвинителниот акт Гордан Гешкоска.

Со силен емотивен набој беше изнесен завршниот збор на адвокатката Дафинка Ивановска, правен застапник на семејството на Кире Тричковски. Таа освен што се приклучи кон кривичното гонење и кон завршните зборови на Обвинителството истакна:

„На свиреп и подомолен начин биле лишени пет човечки животи, меѓу кои и Кире Тричковски. Тој ден Кире излегол на риболов со другарите и никогаш не се вратил дома.  Имал само 21 година и бил студент. Имал многу планови во животот, но тој кобен ден сите планови останаа нереализирани“.

„Душевната болка на семејствата ќе трае до крајот на нивниот живот. Семејството Тричковски очајно бара одговор од надлежните институции на прашањето: што се случило на 12.04.2012, кој и зошто го убил нивното чедо… Почитуван судија, обврската да се задоволи правдата не е само кон семејствата, туку кон целата македонска јавност!“, додаде Ивановска.

Кон кривичниот прогон и денеска кажаното, а посебно, како што истакна, кон исцрпната анализа на Обвинителството, се приклучи и полномошникот на останатите оштетени, адвокатот Филип Медарски.

Оштетените преку своите полномошници најавија оштетно побарување за надомест на нематеријална штета во граѓанска парница.

Судскиот процес продолжува на 5 јуни во 10:00 часот со завршните зборови на одбраната. Сѐ по извесно е дека пресудата ќе биде изречена во отсуство на првообвинетите Алил Демири и Агим Исмаиловиќ, на чија екстрадиција од косовските власти сѐ уште се чека.

*За објава на завршниот збор на обвинителката Гордана Гешкоска во интегрална форма се обративме до ЈО, но нашето барање беше одбиено.

Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ, Фејзи Азири, Рами Сејди, Хаки Азири и Сами Љута се товарат за кривично дело – тероризам за кое им се заканува најмалку десет години до доживотна казна затвор. Според Обвинителството тие на на 12.04.2012, за време на Велигденските празници, со цел да влеат страв кај македонското население и да се загрози безбедноста на земјата, со вкупно 21 истрел од калашников и пиштол ги усмртиле на лице место петте рибари кои ги затекнале кај Смилковското езеро. Обвинетите Африм Исмаиловиќ и Алил Демири кои најпрвин беа во бегство, се наоѓаат во притвор на Косово поради нелегално поседување на оружје. При крајот на месец август, полицијата го уапси Сами Љута (28) под сомнение дека е дел од осомничената група осомничена за извршувањето на петкратното убиство.

Одбраната во текот на целата постапка тврдеше дека  не се докажала дека тие се виновниците, како и тоа дека се радикални исламисти.

>> Повеќе за предметот можете да прочитате тука. 

(Е. П. / pavlovskae@akademik.com.mk)