/ Прочитано:

1.310

ЗАВРШЕН ЗБОР Судење „Хипо банка“, „ИНА – МОЛ“: Одбраната го даде завршниот збор, првата пресуда за Санадер во вторник

Четврток, 15 ноември 2012 – Вторник, 20 ноември екс-премиерот на Хрватска, Иво Санадер  ќе се соочи со првостепената пресуда за обединетиот предмет „Хипо банка“, „ИНА – МОЛ“, прв од низата коруптивни предмети кои се водат против него. По обвинителството, денеска завршни зборови даде адвокатскиот тим и самиот Санадер. Тврдат дека нивниот клиент не е воен профитер и дека не ги предал интересите на Хрватска за 10 милиони евра. Не ги сторив кривичните дела и не сум криминалец, туку човек кој на изборите доби легитимитет од граѓаните и кој совесно ја водеше владата, да не беше така, немаше да ми биде доделен уште еден мандат, рече Санадер во завршниот збор.

Иво Санадер (фото: Горан Мехкек / Кропикс)

Судскиот совет на чело со судијата Иван Турудиќ во вторник во Жупанискиот суд во Загреб ќе му ја изрече пресудата на Иво Санадер. За разлика од обвинителството кое тврди дека Санадер е воен профитер и човек кој ги продал интересите на Хрватска за 10 милиони евра мито, одбраната го негира ова. Адвокатите Чедо Продановиќ, Јадранка Слоковиќ и Горан Суиќ се убедени дека обвинителството не ги докажало обвиненијата. Побараа од судот нивниот клиент да биде ослободен, наспроти барањето на обвинителството тој да биде осуден на максимална казна затвор од 15 години.

>> Санадер не само што не ги штитеше интересите на Хрватска, туку ги продаде за10 милиони евра, наведе обвинителството и побара максимална казна за екс-премиерот

Судија Иван Турудиќ

Завршен збор на одбраната за „Хипо банка“

Завршниот збор го даде најискусниот во тимот, адвокатот Чедо Продановиќ.  

– „Верувам дека нашиот клиент не извршил ниту едно од кривичните дела кои му се ставаат на товар, ги почна завршните зборови“, Продановиќ.

Осврувајќи се на првата точка од обвинителниот акт, случајот  „Хипо банка“ според Продановиќ, обвинителството направило серија грешки, меѓу кои неиспитувањето на битни сведоци или предолго испитување на други, по што истите го менувале исказот. Потсетуваме дека во овојслучај Санадер е обвинет дека примил мито од од 3,6 милиони куни (483.000 евра), провизија од кредитот кој австриската „Хипо банка“ и го одобрила на Хрватска додека бил заменик министер за надворешни работи на Хрватска (1993),

„Важно е да се каже дека секој пропуст доведе до тоа постапката да отиде во одреден смер. Се работи за битни податоци кои ја детерминираа постапката. Како што текот на постапката и изведувањето на одредени докази ги демантираа наводите на обвинителството, така тие во одење ги менуваа документите, а притоа останувајќи на истиот став, без грам  професионализам“, рече Продановиќ.

„Сето тоа се одвиваше преку нескриената поддршка од страна на одредени медиуми, кои од Државното обвинителство на Хрватска редовно добиваа тајни податоци, а за возврат некритички го следеа ова судење, предизвикувајќи им непријатности на семејството на Санадер и на други луѓе“, додаде тој

Според Продановиќ се поставува и прашањето дали Санадер го остварил правото  фер судење.

– „Според Европскиот суд за човекови права сигурно не! Но за тоа понатаму“, истакна тој.

Продановиќ тврди дека на Санадер не може да му се суди за воено профитерство. Според него делото за кое се товари, земање на провизија од „Хипо банка“ нема никаква врска со условите за време на војна, ниту пак ваквата состојба му го олеснува евентуалното извршување на кривичното дело.

 – „Не постои судска пракса во однос на ова дело, Санадер е првиот и единствениот во Хрватска кој е обвинет за ова кривично дело. Се обидовме да го прочитаме рационално законот, а од УСКОК наместо патетичното објаснување зошто се работи за воено профитерство, очекувавме релевантни аргументи. Тоа дека некој гинеше за време на војната, дека имаше голема материјална штета, дека 50 отсто од буџетот одеше во воени цели не се релевантни правни аргументи. Воопшто не слушнавме зошто тоа кривично дело е воено профитерство“, истакна Продановиќ.

Адвокатскиот тим што го брани Санадер: Чедо Продановиќ, Горан Суиќ и Јадранка Слоковиќ

– „Спорната провизија од 7 милиони австриски шилинзи му е исплатена на Еуген Лакс или на личноста која така се претставувала. На почетокот на судењето се створи фама дека тоа е некој дух, фантом. Па ако Лакс не ги примил парите, мора да е тоа Санадер. Иако за тоа имаме слаби аргументи“, рече Продановиќ.

Потсети дека провизијата била исплаќана на 4 пати и дека на сите 4 исплатници потписот се разликува.

– „Можеме да се согласиме дека Лакс имал 80-тина години, дека некогаш нешто работел, а може и не работел, можеби пратил некој друг да ги подигне парите. Но демантирањето на фактот дека Еуген Лакс ги примил парите, не значи дека истите ги примил Санадер. Во неколку наврати е видена личност што се претставува како Лакс и ги подигнува парите. Го виделе и Култерер и Стридингер (двајца од тогашните челници на банката), но даваат различен опис, но се сложуваат дека не е Санадер“, објасни Продановиќ.

Завршен збор на одбраната за „ИНА – МОЛ“

По паузата, Продановиќ се осврна на втората точка од обвинението, случајот „ИНА – МОЛ“ со кој Санадер  се товари дека примил мито од 10 милиони евра од унгарската компанија „МОЛ“, со цел преземање на мнозинските права во нафтената компанија „ИНА“ на сметка на Хрватска. Според обвинителството овој договор бил шететен за државата. Главен сведок на УСКОК беше Роберт Јежиќ, еден од најмоќните хрватски бизнисмени и некогашен многу добар пријател на Санадер. Јежиќ во својот исказ наведе дека 5-те милиони евра  исплатени на сметка на неговата швајцарска фирма, се дел од митото наменето за Санадер.

„УСКОК тргна од крајот кон почетокот. Тие располагаат со два односно еден ипол сведок. Не се докажа дека Санадер примил мито, па тежиштето го префрлија на докажување на тоа дека договорот бил штетен. Целата постапка се водеше со цел да се докаже штетноста на договорот на еден паушален начин, без стручна верификација, преку размена на искуства и спротивставени мислења, впечатоци од одредени луѓе, од кои некои се професионални, некои не се. Притоа се многу субјективни и исфрустрирани од својата позиција во ИНА“, се изјасни Продановиќ.

Со цел да докаже дека крунскиот сведок на обвинителство Робер Јежиќ не ја зборува вистината, Продановиќ ги анализираше неговите искази.

– „Во првиот исказ, даден на 25 мај 2011, Јежиќ вели дека наводната провизија за Санадер и понатаму е на сметката на Ксенопласт. Истото го кажа и Хурлиман кој е сослушан истиот ден. Во следниот исказ даден на 8 септември, Јежиќ тврди дека на 28 септември 2009 година, Ксенопласт му дал заем на ДИОКИ во износ од 4,7 милиони евра. Тоа значи дека тие пари не можеле да бидат на сметка на Ксенопласт во 2011. Кога го соочивме да ни каже каде се парите, почна да трепери, велејќи дека со истите манипулира во договор со Санадер. Преку увид во судскиот регистар утврдивме дека 12 дена откако е извршена уплатата, извршена е и докапитализација на Ксенопласт со 1 милион франци и на Диоки Холдинг со 2,5 милиони франци. Нормално дека на овие пари не може да им се најде трагата кога не им е означено потеклото. Но со  обзир на тоа што тоа се единствените докапитализации кои се извршени, дека дотогаш целиот капитал на Ксенопласт бил 100.000 франци, прашање е дали  му бил даден кредит како што тврди. Прашање е како располагал со тие пари, па не можеме да знаеме дали се тоа парите кои ги чувал за Санадер, сега веќе 3 години. Па јас се прашувам, кој тоа зема мито, па чека 3 години да му се вратат парите.“

Продановиќ, завршниот збор го заклучи барајќи ослободителна пресуда за Санадер, бидејќи како што вели обвинителството на ја докажало вината.

Завршен збор на Иво Санадер

– „Јас во своја одбрана кажав  дека Јежиќ со своето сведочење си го  купи  излегувањето од притвор. Стојам позади тоа“, го почна завршниот збор Санадер.

Се повика на тврдењата со кои тој и неговата одбрана обвинуваат дека обвинителството и УСКОК пуштале тајни документи во одредени медиуми.

„Како можеме да им веруваме дека не пуштат тајни документи кога Државното обвинителство не поднесе ниту една кривична пријава против било кој сторител“, истакна поранешниот премиер.

Тој се повика и на исказ на новинар кој во суд кажал дека добивал тајни документи од УСКОК. Откри дека од од аналитичар од Министерството за внатрешни работи добил список со имиња на новинари кои добивале тајни информации. Обвини дека била узурпирана работата на неговиот адвокатски тим. Наводно адвокатите биле следени од два автомобили чија регистрации ги нема во ниедна евиденција. Најви дека  наскоро ќе се утврди на кого му припаѓаат истите и дали ќе се потврди неговиот заклучок дека обвинителството работи надвор од сите закони.

„Не ги сторив кривичните дела и не сум криминалец, туку човек кој на изборите доби легитимитет од граѓаните и кој совесно ја водеше владата, да не беше така, немаше да ми биде доделен уште еден мандат“, го заврши завршниот збор Санадер.

По скоро една година, крај на судскиот процес. Првостепената пресуда за обединетиот предмет „Хипо банка“, „ИНА – МОЛ“ ќе биде донесена во вторник, 20 септември.