/Прочитано:

701

Жак Дерида: „Оние кои го сфаќаат правото само преку неговата санкција ја мерат секогаш инхерентната двосмисленост“

Францускиот филозоф Жак Дерида е роден во еврејско семејство во Ел-Баир во Алжир на 15 јули 1930 година. Започнал да студира филозофија на престижната Ecole Normale Superieure на Парискиот универзитет, а долги години бил професор на реномирани американски универзитети. Неговата смрт во 2004 година, Француската академија ја оценила како најголема загуба после смртта на Жан-Пол Сартр.

Најконтровезниот и најчитан француски и европски филозоф во последните четири децении

Дерида напишал над сто книги од областа на филозофијата, а со неговата филозофија врзано е името на „деконструкцијата“ и е познат по теоријата за деструктивизмот, со која внел нови, револуционерни промени во начинот на толкување на книжевните и научните дела.

Рускиот филозоф Михаил Риклин, асистент на Дерида, говори дека било вонсериско искуство да се соработува со еден од најголемите филозофи на 20-тиот век.

 „Дерида не е познат само по тоа што пишуваше книги, неговите предавања беа од суштинско значење за неговиот проект. Тој беше еден од ретките такви филозофи на Западот, зашто знам голем број филозофи кои пишуваат добри книги, но не се особено заинтересирани да предаваат. Тоа беше уникатно искуство“, вели Риклин за најконтровезниот и најчитаниот француски и европски филозоф во последните четири децении, имено, таткото на деконструкцијата.

Деконструкција не би требало да се разбере во смисла на поништување или деструкција на нештото

„Тој термин деконструкција не би требало да се разбере во смисла на поништување или деструкција на нештото, туку во смисла на истражување на седиментираните структури кои го обликуваат дискурзивниот склоп, и таа филозофска дискурзивност во рамките на која мислиме. Тоа е нешто кое поминува низ јазикот, низ западната култура и вкупност на она што ја дефинира нашата припадност кон самата историја на филозофијата“, вели самиот Дерида за деконструкцијата.

Неговите размислувања и ставови за променливоста на значењето дека во книжевните дела и во јазикот не постојат фиксирани значења нашле осебен одраз и израз во литературата, лингвистиката, филозофијата, архитектурата, но и правото и неговите постмодернистички правно-филозофски контексти и социолошка флотатност.

Да се деконструира односот помеѓу суверенитетот и моќта, да се раздвојат моќта и правото, се едни од неговите идејни пунктови за перцепцијата и апликативноста на правото.

„Во обид да го одгатне гносеолошки нестабилниот простор што го зазема правдата во рамките на законодавниот систем, противставувајќи ги воедно божјата / институционална и човековата правда, Жак Дерида во делото „Сила на законот: мистичната основа на авторитетот“ ги резимира своите тези во навидум едноставна антитетичка синтагма. Апоријата за овој филозоф се состои во невозможниот баланс помеѓу првата алузија која ја отвора правото како суштинска гаранција на човековиот живот во етаблиран етички поредок, раѓајќи ја вербата во системот на правдата како морален регулатор и мерител на човековите дејствија, и неговата кобна емпирија, која покажува дека системот на регулативи едновремено го носи потенцијалот да се претвори во исклучиво репресивна и некритичка инстанца на силата, факт кој е контрадикторен на првата идеја за правото“, пишува м-р Ева Велинова за делото „Сила на законот – Мистична основа на авторитетот“.

Сила на законот – Мистична основа на авторитетот

Според Дерида, како што пишува во неговото дело „Сила на законот – Мистична основа на авторитетот“, постои, најнапред, дистинкција помеѓу две насилства на правото, две насилства кои се однесуваат на правото: основачко насилство, она кое што го востановува и поставува правото и конзервирачко насилство, она кое што го одржува, го потврдува и ја осигурува трајноста и применливоста на правото.

За него, во име на слободата постојат засилени тенденции за ограничување на слободата, а демократијата се изедначува со политичкото и националното самопотврдување.

„Основањето на сите држави се случува во една ситуација, која, на тој начин, е можно да се нарече револуционерна. Таа инагурира едно ново право, и тоа секогаш создава насилство; Секогаш овде значи: дури и ако не се случуваат тие спектакуларни геноциди, прогони и депортации, кои на тој начин го пропратуваат основањето на некои држави, било тие да се големи или мали, стари или модерни, блиски или далечни од нас“, пишува Дерида, продолжувајќи дека „ тој момент на суспензија, таа епоха, втемелувачки или револуционерен момент на правото всушност, во самото право е инстанца на не-правото. Но, исто така, тоа е целокупна историја на правото. Тој момент секогаш е сместен, но никогаш не е сместен во некоја присутност“.

Државата стравува од втемелувачко насилство

Според него, државата стравува од втемелувачко насилство, односно од она кое е во страв да оправдува, да легитимира или да ги преобразува правните односи и на тој начин, да се претстави како нешто што има извесно право на право. Тоа насилство, на тој начин, веќе однапред му припаѓа на поредокот на едно право кое треба да се трансформира и втемели, дури и ако е тоа во состојба да ги повреди нашите чувства за праведност.

Само таквото насилство повикува и овозможува една „критика на насилството“ која го одредува ова како нешто друго од природното практикување на сила. За да една критика на насилството, односно една интерпретативна и важна оценка биде возможна, најнапред мора да се признае смислата на едно насилство кое не е никаков несреќен случај кој на правото му доаѓа однадвор. Она што му се заканува на правото всушност е нешто кое веќе му припаѓа на правото, правото на право, на потеклото на правото.

„Оние кое го сфаќаат правото само преку неговата санкција ја мерат секогаш инхерентната двосмисленост“ вели Дерида.

Тој смета дека насилството не му е надворешно на правниот поредок. Тоа, во суштина, не се состои од извршување на сопствената моќ или брутална сила за да се добие ваков или онаков резултат, туку во закана или уништување на еден даден правен поредок и, во овој случај, државно-правен поредок кој всушност морал да згасне со тоа право на насилство.

Во „борбата против теророт“, вели Дерида се прокламира „државниот raison“ за вонредна состојба, со што се загрозува самата суштина на правната држава, иако упорно сите се повикуваат на неа.

Секогаш останува дека правдата надоаѓа

„За да би била праведна, да речеме, одлуката на некој судија, таа не само што мора да следи некое правно правило или некој општ закон, туку мора да ја преземе, одобри, потврди неговата вредност со еден чин на повторно втемелувачко толкување како законот да не постоел порано, како самиот судија да измислувал во секој поединечен случај“

Поради таа итност, вели Дерида, и таа структурална итност на правдата, ова нема (регулативен или месијански) хоризонт на очекувања.

„Но, поради тоа, ова има можеби всушност право на доаѓање кое строго го разликувам од идното кое може повторно да произведе сегашност. Секогаш останува дека правдата надоаѓа; таа има за цел, таа е всушност во надоаѓање, самата да ги порамнува оние случувања кои се неразделно создавaчки. Таа секогаш ќе биде тоа, тоа надоаѓање, и секогаш била. Можеби тоа е така поради тоа што на правдата, доколку таа не е само правен или политички концепт, ѝ е отворено надоаѓањето, преобразувањето, преработувањето или новото востановување на правото и политиката“, пишува таткото на деконструкцијата.

 М.В/ veljanoskim@akademik.mk