/ Прочитано:

2.174

Жените сѐ уште се соочуваат со семејно насилство, неефикасна судска заштита и бaриери во пристапот до здравствените услуги

Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените - ЕСЕ изразува загриженост за лимитираниот прогрес на државата на полето на постигнување родова еднаквост и справување со родово базираното насилство.

Пристап до правда за жртвите на семејно насилство

Значајно е да се напомне дека жените жртви на насилство се соочуваат со недоволна и неефикасна правна и судска заштита. Особено изразуваме загриженост за тоа што новиот Закон за превенција, спречување и заштита од семејно насилство не може да обезбеди ефикасна и доследна примена во практиката.

Законски предвидените итни рокови за предлагање и изрекување на Привремени мерки за заштита од семејно насилство не се почитуваат од страна на надлежните институции како што се центрите за социјална работа, полициските станици и граѓанските судови. Ваквите состојби во дел се должат на непостоење на институционални капацитети за соодветна проценка на ризик, но и на непостоење дежурни служби за постапување во случаи на семејно насилство.

Дополнително, предвидената прекршочна глоба за непочитување на изречените привремени мерки за заштита од страна на насилникот доведува до негово амнестирање за стореното насилство. Сѐ уште постои тренд на поблаго казнување на сторителите на семејно насилство, за разлика од оние предвидени во Кривичниот законик.

Според прегледот на набљудувани судски случаи на семејно насилство (март 2015 – октомври 2016) за кривичното дело телесна повреда, изречени се 17 пресуди од кои 10 условни осуди, а пак за делото тешка телесна повреда, изречени се 6 пресуди од кои дури 4 условни осуди и една ослободителна пресуда.

„Мал дел од поднесените кривични пријави за сторено семејно насилство се процесуираат. Според анализата од прибраните податоци од основните судови, една четвртина од поднесените кривични пријави уште во текот на обвинителската постапка се отфрлаат. Од отфрлените кривични пријави, во просек 44% се резултат на повлекување на предлогот за кривичен прогон од страна на жртвата за кривично дело телесна повреда при семејно насилство. Оттука, сосема јасно произлегува дека жртвата за кривичното дело телесна повреда при семејно насилство, директно или индиректно, било од насилникот, било од близок роднина, е принудена да го повлече предлогот, а со самото тоа сторителот да не биде изведен пред суд и казнет. Жртвите на семејно насилство немаат пристап до ефективна правна помош. Државата не обезбедува ефективна правна помош за жртвите на семејно насилство, со оглед на фактот дека дури и во случаите во кои била одобрена бесплатната правна помош, државата не ги покрива трошоците за судски такси и судско вештачење“, истакнуваат од Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените – ЕСЕ.

Во ваква ситуација, додаваат од Здружението, овие трошоци, без кои е речиси невозможно да се водат судски постапки за заштита од семејно насилство, паѓаат на товар на самите жртви или на товар на здруженијата на граѓани каде што жртвите најчесто се обраќаат.

„Следствено на ова, средствата што ги алоцира државата за оваа намена не се доволни за да обезбедат соодветна и сеопфатна правна заштита на жртвите на семејно насилство. Имено, за разлика од потрошените годишни средства во износ од 11.950 ЕУР за бесплатна правна помош за сите ранливи категории граѓани, државата треба да алоцира 91.247 ЕУР за сите видови трошоци за бесплатна правна помош единствено за жртвите на семејно насилство. Здружението ЕСЕ бара од државата да обезбеди доследна имплементација на Законот за превенција, спречување и заштита од семејно насилство, како и обезбедување достапна и сеопфатна бесплатна правна помош и застапување на жртвите на семејно насилство“, посочуваат од Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените – ЕСЕ.

Жените сѐ уште се соочуваат со бариери во пристапот до здравствените услуги за женско и репродуктивно здравје

Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените – ЕСЕ изразува загриженост за лимитираниот прогрес на државата во однос на унапредување на пристапот до здравствените услуги за женско и репродуктивно здравје за жените на целата територија на Р. Македонија.

„Имено, жените сѐ уште се соочуваат со бариери во пристапот до овие здравствени услуги на примарно ниво. Особено изразуваме загриженост за тоа што во 35 општини во Р. Македонија нема матични гинеколози, а во 29 општини нема доволен број матични гинеколози во согласност со Уредбата за мрежата на здравствени установи на Владата на Р. Македонија. Оваа состојба значително го отежнува пристапот на жените до гинеколошките здравствени услуги на примарно ниво. Имено, редовните превентивни гинеколошки прегледи водат кон унапредување на здравјето на жените, бидејќи преку нив може рано да се откријат низа заболувања и навремено да се излекуваат, вклучувајќи го и ракот на грлото на матката. Пристапот е значаен и за соодветно водење на здрава бременост, бидејќи предвидено е за време на бременоста жените да остварат минимум осум посети кај матичен гинеколог, со што навремено можат да се откријат нарушувањата на здравјето на бремените жени и промени кај плодот“, истакнуваат од Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените – ЕСЕ.

Министерството за здравство, посочуваат од Здружението, преку јавен оглас распиша кофинансирана приватна специјализација за доктори на медицина кои имаат запишано приватна специјализација од областа на гинекологија и акушерство за примарно ниво на здравствена заштита за 20 извршители, во 11 општини, а според последните податоци Министерството има одобрено само шест специјализации, што е далеку од потребниот број.

„Стапката на смртноста од карцином на грлото на матката кај жените бележи пораст, а во исто време Министерството за здравство го намалува планираниот опфат на жените со Програмата за скрининг на рак на грлото на матката. Имено, во 2011 година стапката на смртност изнесува 1,5 на 100.000 жени, додека во 2014 изнесува 4,1. Владата на Р. Македонија го намали буџетот за Програмата за организиран скрининг на карцином на грлото на матката за 2017 година за 2.950.000 денари во споредба со Програмата за 2016 година. Ова намалување се должи на намалениот предвиден опфат на жени со оваа Програма во 2017 година. Имено, со Програмата за 2017 година се предвидува намалување на бројот на жени на кои ќе им биде направен ПАП- тест за 10.000 жени. Жените не се соодветно опфатени со посетите од страна на патронажна сестра за време на бременоста и во периодот по породувањето. Податоците од ромските заедници укажуваат дека за време на бременоста жените воопшто не се посетени од патронажна сестра, а по породувањето се бележат една до две посети. Дополнително на тоа, Министерството за здравство од Програмата за активна здравствена заштита на мајките и децата ги избриша одредбите со кои беа регулирани бројот и содржината на патронажните посети, па така во моментот не постои ниту еден правен документ кој ја регулира реализацијата на овие посети“, велат од Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените – ЕСЕ.

Посетите, нагласуваат од Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените – ЕСЕ, се од особена важност за унапредување на здравјето на жените во време на бременоста, како и за здравјето на новороденчињата. Здружението ЕСЕ бара од државата да обезбеди соодветен пристап на жените до здравствените услуги за унапредување на репродуктивното здравје на целата територија на Р. Македонија, преку алокација на соодветни буџетски средства, доследна имплементација на постојните политики, како и усвојување на нови политики.

Откази поради бременост, помалку платен труд, мобинг и насилство – правата на жената секојдневно се нарушуваат

M.В