/ Прочитано:

4.200

ЖИВОТ И ТРАДИЦИЈА ПОСВЕТЕНИ НА АДВОКАТУРАТА: „Да го продолжиш огнот, наместо да ѝ се поклонуваш на пепелта!“

Адвокатската канцеларија „Главинче“ одбележа 50 години од своето основање. „50 години континуирана адвокатска работа“ е насловот на публикацијата посветена на значајниот јубилеј.

akademik foto 1

„ТРАДИЦИЈА – да го продолжиш огнот, наместо да ѝ се поклонуваш на пепелта!“ е максимата по која се водат адвокатите Емил и Никола Главинче, кои ја продолжуваат традицијата на доајенот на македонската адвокатура, Сотир Главинче, основач на Адвокатската канцеларија „Главинче“.

„Се надевам дека ова издание ќе биде поттик и за останатите адвокати да ја вреднуваат својата традиција бидејќи традицијата е услов за успех во иднина“,  вели адвокатот Никола Главинче.

akad 4

Остварување на животниот сон

Адвокатската канцеларија „Главинче“ е основана на 4 октомври 1966 година во Битола од доајенот на македонската адвокатура, адвокатот Сотир Главинче (1927 – 2015). Сотир Главинче ја отвора адвокатската канцеларија откако се повлекува од функцијата судија на Окружниот суд во Битола, каде што бил и претседател на Кривичното одделение. Адвокатот Главинче започнува со адвокатската дејност со намера да го оствари својот животен сон – да им помага на оние што се обесправени и на кои им е потребна правна помош.

akad 4

Со зголемувањето на обемот на работа се јавува и потребата од ангажирање адвокатски приправници во неговата адвокатска канцеларија, помеѓу кои е и Емил Главинче кој ја продолжува адвокатската традиција на својот татко. Во извршувањето на адвокатската професија, адвокатите од Адвокатската канцеларија на Сотир Главинче покажуваат голема истрајност и храброст. Посебно интересни се одбраните во повеќе политички деликти, во кои адвокатите ја истакнуваат својата прагматичност, правичност и поддршка на своите клиенти.

Правна помош за повеќе од 100 000 лица

По 1991 година, адвокатската канцеларија работи како канцеларија на Сотир и Емил Главинче. Иако квантитативно и просторно се намалени можностите за дејствување и иако адвокатурата живее со процесот на транзиција, канцеларијата ја одржува својата стабилност, а пред неа се наѕира перспектива во насока на понатамошното дејствување. Во времето кога Сотир се запишува во Именикот на адвокатите, во Македонија имало околу 130 адвокати, од кои во Битола само 9, додека денес само во Битола има 148 адвокати.

akademik foto 1

До денес, како вработени, односно како адвокатски приправници, се ангажирани и Цветан Поповски, Коста Додовски, Љупка Караџовска, Никола Главинче, Томе Делов, Ивана Спировска и Борислав Главинче. Почнувајќи од 2002 година, поголемиот број од предметите ги презема Емил Главинче, а со запишувањето на Никола Главинче во Именикот на адвокати во 2013 година, повторно се јавува можноста за соодветна специјализација при извршување на работните обврски. Работата на татко и син, во случајот Сотир и Емил, во определен период се трансформира во работа на дедо, татко и внуци. Во таков состав на адвокати од три генерации, со возрасна разлика од три, односно шест децении, адвокатската канцеларија наоѓа решенија за разни правни прашања, а од аспект на статистички податоци, дала правна помош за повеќе од 100 000 лица.

akad 4

Адвокатура блиска до граѓаните

Се надевам дека успеваме да го зачуваме она што како вредност или како принцип било зацртано тогаш, пред сè, совесна, стручна, професионална работа, која на некој начин ја одразува вистинската адвокатура, адвокатура блиска до граѓаните, која помага во заштита на човековите слобода и права“, вели Никола Главинче, внук на Сотир Главинче, кој денес е претседател на Адвокатската заедница Битола.

slika

„Ако не ја продолжиш дејноста во веќе започнатите професионални огништа, нелогично е да ја продолжиш каде било. Секогаш велам, сакам да го продолжам огнот од факелот на предците, а не само да ѝ се поклонувам на пепелта. Традицијата мора да се продолжи, таа е мојот основен поттик. Во тој поттик постои морал кој е иманентен за секоја млада генерација. Првенствено општествениот морал како поттик, па професионалниот, затоа што професијата се гради низ позитивни општествени текови. Само со етичко и професионално однесување можеме да го одбележиме нашето време и да влеземе во аналите на нашата професија“, нагласува младиот адвокат Никола Главинче.

akad 4

Адвокат во истрајна потрага по вистината

За адвокатот Тома Фила, пак, Сотир Главинче е еден од најдобрите адвокати што ги создала Македонија и најголемиот кривичар што го познавал, а за адвокатот Ставре Џиков,  Сотир Главинче како адвокат и како претседател на Адвокатската комора е светол лик кој има историска улога во македонската адвокатура.

„Сотир Главинче беше олицетворение на разум, сталоженост и дијалог за обични, но и за тешки животни прашања, за кои одговор може често да понудат и правото и истрајната потрага по вистината, која во ова шумно време на релативизација на сите вредности е протерана надвор од судницата како единствено место во кое низ аргументирана расправа може да се стигне до неа’“, вели академикот Владо Камбовски.

akademik foto

За професорот Светомир Шкариќ, пак, Сотир Главинче спаѓа во групата на најдобрите адвокати кои, како што вели, чекореле по Широк Сокак во Битола од крајот на XIX век, па сè до денес.

„Повеќе ја ценел пристојноста отколку дозволеноста. Знаел дека и во правото има неправо. Му бев пријател и соговорник повеќе од две децении“, вели  професорот Шкариќ.

Адвокатот Сотир Главинче ( 1927 – 2015) беше претседател на Адвокатската комора на Македонија во три манадати (1972-1974, 1981-1982 и 1983-1985г.) и претседател на Адвокатската комора на Југославија. Исто така, беше член на првиот состав на Претседателството на АК по осамостојувањето на Република Македонија во (1991 – 1994) и член на Советот на АКРМ. Во 1995 година е избран за член на работната комисија за донесување на првиот Кривичен законик на РМ.

akad 7

Добитник е на Орден на трудот со сребрен венец од Претседателот на СФРЈ (1969), Орден за заслуга за народ со златна ѕвезда од Претседателот на СФРЈ (1977), Орден на трудот со златен венец од Претседателството на СФРЈ (1982), Плакета за особени заслуги и постигнати резултати во развојот и напредокот на македонската адвокатура (1980), Бронзена плакета од Адвокатската комора на Р Австрија (1981), признание за активно вршење на адвокатска дејност од 39 години (2006), Златна плакета од Сојузот на здруженијата на возачи на Р Македонија (2006). Во 2014 година го доби големото признание „Litteras Honoris“ на Копаоничката школа за природно право, Р Србија. Автор е на повеќе стручни и научни трудови и коавтор на книгата „Адвокатурата и адвокатите во Битола“ (2011).

M.В