/ Прочитано:

3.682

ЗОНСКО ПАРКИРАЊЕ: Aлчен и хаотичен однос помеѓу Градот Скопје и единиците на локална самоуправа

Над 2000 граѓани досега се потпишале на интернет петицијата за укинување на зонското паркирање, велат дека проектот го изгубил правецот. Акцентот е најчесто на цените, кои според потписниците се превисоки за македонскиот стандард. Четири илјади денари месечно за возило што е регистрирано на фирма е премногу, се жалат и правни лица. Паркомати, СМС пораки, билети… – ЈП „Градски паркинг“ и ЈП „Паркинзи на Општина Центар“ водат спор за стопанисување со дел од паркиралиштата кои се наоѓаат на територијата на Општина Центар. Во меѓувреме во високоразвиени европски земји слични цени како и во Македонија.

„Проектот за зонско паркирање излезе од суштината. Проектот требаше да овозможи во строгиот центар да има паркинг за краток престој заради работа, но денеска е надвор од прво предвиденото. Цената е превисока за нашиот стандард. Граѓаните имаат право на движење. Се појавија проблеми како што се неможност за посета на пријатели и роднини, бидејќи еден час може да не чини и 45 денари. Ова треба да престане или да се измени“, стои во петицијата, што иницијаторите најавуваат дека ќе биде поднесена до Советот на Град Скопје, откако ќе бидат собрани доволно потписи.

Од Советот на Град Скопје велат петицијата нема никаква правна обврска.

„Петицијата може да се користи како вид на неформално агитирање и правење на притисок (лобирање), но ваквите петиции немаат никаква правна сила ниту обврзувачки карактер за Советот на Град Скопје. Како механизми каде Советот се обврзува да постапи на одреден начин се референдумот, граѓанската иницијатива и заклучоците донесени на собири на граѓани. За нивното организирање согласно овие закони е предвидена точна постапка и исполнување на услови за нивна реализација. За да се промени состојбата која што е наведена од подносителите на „интернет петицијата“, треба да се промени одлуката донесена од страна на советот на Град Скопје (со која се даде согласнот за воведување на моделот на Зонското паркирање). Истата може да се промени со гласање во Советот на Град Скопје, каде како предлагач на точката би се јавил член на Советот на Град Скопје, или пак граѓаните можат да ја донесат таа одлука преку организирање на референдум“, објаснуваат од Советот на Град Скопје.

Како ЈП „Градски паркинг“ го групираше Скопје по зони

Со воведување на зонското паркирање, Скопје се групира најпрвин во три зони: прва зона А (црвена), втора зона B (жолта) и трета зона C (зелена), а потоа се прошири со уште една, четврта, зона D (бела) која е замислена да опфати делови и од поодалечените општини на градот како: Општина Аеродром, Општина Карпош, Општина Чаир, Општина Кисела Вода, Општина Ѓорче Петров итн. Во општината Аеродром зонското паркирање официјално стартуваше на 02.11.2009 година, но по негодувањето на жителите на оваа општина, Советот на општината донесе одлука за донација на 3 милиони денари на  ЈП „Градски паркинг“, како резултат на како што велат добрата соработка со претпријатието и Градот Скопје, а за возврат, граѓаните на општината од 1 јануари годинава се поштедени од зонското паркирање, a во план се и нови паркинг зони. Во Општината Чаир пак, засега зонското паркирање е воведено на паркиралиштето зад трговскиот центар „Мавровка“. На денот на воведувањето, односно 21.07.2010, градоначалникот на општината, Изет Меџити, најави дека зонско паркирање ќе се воведе и на други локации.  Во Карпош, Кисела Вода и Ѓорче Петров засега нема зонско паркирање, иако од ЈП „Градски паркинг“ не отстапуваат од целите за воведување на истото. 

Според ценовникот на ЈП „Градски паркинг“, цената на паркирањето во зона А изнесува 45 денари од час, а месечната карта  4.000 денари. Годишната претплата во оваа зона изнесува 40.000 денари. Доколку сакате резервирано паркинг место, ова задоволство ќе ве чини 12.000 денари месечно.  Билетот за да ги користите сите јавни површини наменети за паркирање во една зона можете да си го купите за 4.500 денари месечно, односно 45.000 денари годишно. Месечната претплата за користење на сите јавни површини за паркирање во сите зони изнесува 7.000 денари, а годишната 60.000 денари. Цените во останатите зони се намалуваат за 10, 1.000, 10.000 денари зависно од тоа дали се работи  1 час, месец или година.

Зонското паркирање за станарите кои немаат свое гаражно место во станбената зграда, изнесува 200 денари месечно за еден автомобил, односно 400 денари за два, за станари од зона D, оваа услуга не се наплаќа. Месечната карта за вработените кај правно лице изнесува 500 денари, oвaa ценa e истa во сите зони.

Во првата зона, ограничувањето при паркирање е 120 минути или 2 часа, во втората  зона – 240 минути односно 4 часа и  третата и четврта зона се со неограничено време на задржување. Доколку сте го искористиле дозволеното време на задржување и сакате повторно да паркирате во истата зона, ќе мора да измине половина час пред да имате можност повторно да паркирате.

Две јавни претпријатија „војуваат“ низ улиците на Општина Центар

Она што ги збунува сите е фактот што Скопје има две јавни претпријатија кои подолго време водат спор за стопанисување со дел од паркиралиштата кои се наоѓаат на територијата на Општина Центар.

Цените и начините на наплата се различни, едните зоните ги делат со бројки, другите со букви. 

За спорните улици како што е случајот со Ленинова, каде и двете претпријатија имаат поставено свои табли велат дека работат на изнаоѓање на најсоодветно решение кое ќе одговара на  барањата и потребите на резидентите на таа зона. Од ЈП „Паркинзи на Општина Центар“ се фалат дека заклучно од 1-ви ноември  ги намалиле цените.

– „Од 01.11.2012 година цените се намалени и тоа, 40 денари во прва зона, односно 35 денари со М карта. Во зона 2, цената на паркирање од час изнесува 30 денари или 25 денари со плакање со М карта. Исто така месечните карти за службени возила се намалени на 3.000 денари за прва зона и 2.000 ден за втора зона“, велат од претпријатието.

И додека кај надлежните, акцентот е постојано на придобивките од зонското паркирање, кои како што наведуваат се поголем проток на возила, секогаш слободно место за паркирање, намалување на издувните гасови и потрошувачката на гориво, дополнителени приходи во градскиот и државен буџет и сл., 2374 потписници на интернет петицијата за укинување на зонското паркирање размислуваат поинаку. Коментарите под петицијата, најчесто се насочени кон цените, за кои велат дека се превисоки во однос на просечната македонска плата која што според податоците на Државниот завод за статистика, во месец август 2012 изнесувала 20.965 денари (339 евра). Забелешки и за плаќањето преку СМС порака, каде услугата на мобилниот оператор паѓа на товар на возачот, па  автоматски онаму каде е 1 час  паркирање изнесува 45 денари, возачот плаќа 55 денари. 

– „Паркингот е многу повеќе од прескап. Максимална цена по саат смее да биде 10 денари. Максимална!“ – напишал Горан. – „Гo претераа навистина, барем некоја поразумна цена согласно нашиот стандард да биде… 10 денари саат… ќе сфатам ама 30-40-50 денари е многу. Како и да е..треба сериозно да се преиспита целата работа и да се исправат грешките“, – напишал Гоце. 

„Рекет, рекет…“, се најчестите коментари.

Според авторот на емисијата од областа на автомобилизмот, „Автомагазин“, Крумислав Барзов, кој инаку е жител на Општина Центар и е поддржувач на оваа услуга, цената е неоправдано висока.

– „Можеби во имплементацијата на зонското паркирање се пристапи со најдобра намера, но сведоци сме на алчен и хаотичен однос помеѓу Градот Скопје и единиците на  локална самоуправа. Требаше многу малку време градоначалниците да сфатат  дека ова е одличен инструмент за полнење на касите, па се влезе во тивка војна за секоја улица и сокаче. Жртви на тоа се граѓаните кои секогаш го извлекуваат подебелиот крај. Првично е воведено паркирањето кое се  наплатува преку СМС, а потоа општините воведоа свои системи за наплата  преку лоцирани апарати. Така, на една улица се плаќа преку СМС, а на  соседната треба да се бара некаков апарат бидејќи на таа улица газда е општината, а не градот! Со оглед на тооа колку чинат самите апарати и нивното инсталирање, формирање пајак служби и слично, очекувањата за прилив на пари се големи. Со подобрувањето на нивото на услугата на јавниот транспорт  неопходноста да се оди на работа со автомобил е намалена, а со цените на горивата таа е неоправдана“, е ставот на Барзов.

Според него, паркинзите пред станбените згради во централното градско подрачје ги користат и вработените  во државната администрација избегнувајќи да плаќаат за паркирање пред објектите во кои работат и предизвикуваат многу нервози кај луѓето кои таму живеат.

Слично размислува и Горан Стоjилковиќ кој е сопственик на фирма чие седиште се наоѓа во Дебар Маало. Вели дека не е против зонското паркирање бидејќи се решил малку хаосот во централното градско подрачје, но дека цените се превисоки и за правните лица.

– „Претераа со цени од 4.000 денари месечно за возило што е регистрирано на фирма, а местото не ти е резервирано. За тоа задоволство, цената е 6.000 денари што е премногу“, вели тој.

„Франкфуртска математика“: Просечна плата над 2.000 евра, паркинг 1 евро за 1 час

Зонското паркирање не е нешто што за првпат се воведува во Македонија, го има и во соседните земји, а посебно е присутно во високоразвиените европски земји. Авторот на „Автомагазин“, кој поради природата на работата ги следи овие трендови, како пример го посочува Франкфурт кој има приближно иста големина и жители како и Скопје, многу посреден јавен транспорт и просечната плата која се движи над 2.000 евра .

– „Паркирањето во подрачјата  каде има голема фреквенција на возила е ограничено на еден до два часа по  цена од 1 евро од час. Тоа е случај со уличното паркирање околу големите банки или во туристички атрактивниот дел Заксенхаузен. На паркиралиштата  околу и во шопинг центрите цената по час е иста, со тоа што после 4  часа не ви се наплаќа дополнително под услов да го отстраните автомобилот во ист ден, или датум ако сакате, кога сте влегле на паркингот. Доколку  презентирате сметка поголема од 50 евра, а се наоѓате на паркинг во сопственост на стоковната куќа или шопинг центар, тоа е бесплатно. Во  резиденцијалните квартови, без оглед каде се наоѓаат во градот, резидентите  плаќаат 20 евра годишна такса за паркирање и загарантирано им е паркинг местото надвор од работното време. За возилата кои не припаѓаат на таа адреса паркирањето е ограничено на три до четири часа по цена од 20 до 50  евро центи, односно, 12 до 30 денари од час, а во многу случаи е и бесплатно. Доколку го споредиме стандардот во Германија и нашиот лесно ќе заклучиме  дека цената на паркирањето во Скопје не е скапа, туку буквално е „дерење“  на граѓаните“, објаснува Барзов.

Слични се цените и во Љубљана каде просечната плата изнесува 988 евра. Тамошните жители за паркинг во централното градско продрачје плаќаат 1 евро од час. Највисоки цени во регинов има во Хрватска. Зонското паркирање во срцето на Загреб чини 1 евро и 32 центи за 1 час. Просечната плата во оваа земја изнесува 720 евра.

Во белградската црвена зона пак, која ги вклучува повеќето критични точки во градот, цената на еден час паркирање е  пола евро. Просечната плата во Србија изнесува 366 евра.

Среќни дуќанџии, нервозни возачи

Во дел од разговорите со возачи кои своите автомобили често ги паркираат во реонот на централното градско подрачје, Академик налета и на револтиран возач, кој си го нашол скршен ретровизорот на автомобилот што бил паркиран на улицата Мајаковски, во Дебар Маало.

– „Да имам место за паркинг секогаш, да се сложам некако. Да ми е автомобилот безбеден на паркинг, ќе им прогледам низ прсти. Ама да плаќам, а да немам постојано место, а и да ми кршат ретровизори оние кои решиле дека нема да плаќаат и ќе се паркираат онаму каде што не е обележано, не може. Ако си ја почнале работата нека си ја завршат до крај. Нека не префрлаат надлежности од еден на друг. „Паркинзи на Општина Центар“, биле надлежни за таму кај што е обележано, Сообраќајна полиција за таму кај што не е. На улица Мајаковски во Дебар Маало, не може пешак да помине од што сите се во право.“, вели видно изнервираниот возач од тоа што и се случило.

По овој настан ја посетивме улицата Мајаковски.

Тесна уличка опколена со нови згради, стари куќи, но и згради чија изградба  е во тек. Не може, а да не се забележи тешкиот маневар на камионите и булдожерите, присутни со цел изградба на новите објекти кој треба да никнат на оваа локација. Среќни дуќанџии и нервозни возачи е тамошната слика. Една сопственичка на фризерски салон, ни вели – „Супер е зонското паркирање нека ги зголемат уште цените, претходно пред дуќан ми се паркираа, а и повеќе се диши!“ Во истиот момент станар му дофрлува на  возач кој има обид да се паркира на необележано место –  „Паркирајте се на другата страна, камиони не можат да поминат од вас!“

Зонско паркирање и на Попова Шапка

Зонското паркирање е присутно и во Прилеп, Куманово, а се најавува и во градот на конзулите, Битола. Неодамна и Општина Тетово објави дека ќе го решава сообраќајниот хаос, меѓу другото со зонско паркирање. Табли никнаа и на 18 километри од Тетово, во зимско-рекреативниот центар Попова Шапка. Од Општина Тетово велат дека проектот е во процедура.


Автор: Елена Павловска Објавено: 13.11.2012