Следејќи го трендот на актуелни теми, на 23 јуни 2016 год. во хотел „Солун“ во Скопје со почеток од 10.00 часот, тимот на Академик ќе спроведе обука на тема: „Инфраструктурни објекти, постапка за легализација, запишување во катастар, запишување права врз инфраструктурни објекти“.
Законот за катастар на недвижности и новиот Закон за градежно земјиште содржат повеќе решенија кои предизвикуваат најразличен правен третман во практиката, особено во поглед на уредувањето на градежното земјиште и воспоставувањето подземна, надземна и патна инфраструктура и нејзините карактеристики: премер, легализација и уредување. Во тој поглед, сите присутни на обуката, ќе имаат можност да добијат одговори на своите прашања од директорот на Агенцијата за катастар на недвижности на РМ, г. Славче Трпески, кој воедно е предавач на обуката.
Фокусот ќе се стави на следниве прашања:
- Воспоставување катастар на инфраструктурни објекти;
- Влијание на подземниот катастар врз катастарот на недвижности;
- Карактеристики на инфраструктурните објекти, премер;
- Запишување објекти на инфраструктурата во јавните книги;
- Легализација на инфраструктурни објекти;
- Хипотеки и закупи врз инфраструктурни објекти;
- Осврт на новиот Закон за градежно земјиште;
- Предбележување на инфраструктурен објект;
- Запишување на инфраструктурни објекти во катастарот на инфраструктури.
Обуката е наменета за единиците на локалната самоуправа и градот Скопје, јавните комунални претпријатија, операторите на електрични мрежи, дистрибутерите на електрична и топлинска енергија, дистрибутерите на гас, телекомуникациските оператори, дистрибутерите на вода за пиење и наводнување, кабелските оператори, градежните компании и сите останати правни субјекти кои имаат, уредуваат или користат инфраструктура, вклучувајќи го и банкарскиот сектор поради новините во можноста за доделување хипотека на инфраструктура.
Воедно, оваа обука како предмет на анализа ќе има и други одредби и нивните правни последици од аспект на Законот за катастар на недвижности и Законот за градежно земјиште.