/ Прочитано:

3.146

АМСМ: Од 1 јули на државните патишта во Македонија се воведува летен режим на сообраќај

Од 1 јули на државните патишта во Македонија се воведува летен времен режим на сообраќај со кој се забранува движење на тешки товарни возила со вкупна маса над 15 тони, за време на деновите од викендот и за денови при екстремно високи температури. Ограничувањето, кое ќе трае до 31 август, во петок ќе биде од 17 до 22 часот, во сабота од девет до 18 часот, а во недела од девет до 22 часот.

Автомото сојузот на Македонија денеска соопшти дека од 1 јули на државните патишта во Македонија се воведува летен времен режим на сообраќај со кој се забранува движење на тешки товарни возила со вкупна маса над 15 тони, за време на деновите од викендот и за денови при екстремно високи температури.

Ограничувањето, кое ќе трае до 31 август, во петок ќе биде од 17 до 22 часот, во сабота од девет до 18 часот, а во недела од девет до 22 часот.

Во деновите со екстремно високи температури, определени од Министерството за здравство, забраната ќе важи и од понеделник до четврток во период од 11 до 17 часот.

АМСМ информира дека ограничувањето не се однесува на возила кои превезуваат животни, цвеќе, хуманитарна помош, жито и житни култури и леснорасиплива стока, нафта и нафтени деривати, опасни материјали и возила кои вршат превоз за компании кои имаат склучено договори за изведување на проекти на државните патишта со Јавното претпријатие за државни патишта.

Истовремено, како што информира АМСМ, од 1 јули до 1 септември ќе се применува времен режим на сообраќај и на магистралниот пат А2 делница: Скопје-Охрид-Скопје со кој се забранува движење на тешки товарни возила чија вкупна маса надминува 7,5 тони за време на викендите.

Забраната е предвидено во петок да трае од 15 до 22 часот, во сабота од седум до 12 и од 18 до 24 часот, а во недела од седум до 22 часот.