Приказна за двете цркви: И Србите и Македонците ќе го видат својот Господ!
Проблемите меѓу Српската и Македонската православна црква, всушност, кај обичниот свет не постојат. Односите на двете цркви се проблем на црквените и на политичките елити во Белград и во Скопје, со заклучок дека тука недостигаат најмалку две нешта: среќа и памет! Без тие две нешта и со задолжителното замешување на странците, на кои им е омилена забава да ја уриваат стратегиската, православна оска север-југ, што се протега по должината на моравско-вардарската долина, што друго им преостанува на обичните луѓе – освен да се прекрстат
Кога Александровите фалангисти, наоружени со мечови, намачкани со воинствени бои и наметнати со плаштови со нацртанo сонце, ме пресретнаа во центарот на Белград, прашувајќи ме има ли тука некоја црква, за да се помолат и да запалат свеќи за живите и мртвите, зашто далеку дотерале на Европското првенство во ракомет, изведов интересен, социолошки експеримент. Ги пратив во црквата Александар Невски, на Дорќол, каде што, од почетокот на деведесеттите години, беа организирани првите часови по веронаука после падот на црвените, поради што овој верски храм на Дорќол, најзнаменитиот дел на Белград, каде што живеат заедно богаташите, ромите и непрокопсаниците, неуките го сметаат за база на тврдото крило на Српската православна црква. На тие часови присуствуваа Титовите пионери, штотуку излезени од пубертетот, кои признаваа дека Господ, сепак, постоел, ама, дека тие не го забележувале, затоа што бил скриен зад широките плеќи на црвениот Маниту (Големиот дух) на Втора Југославија.
На своите воинствени браќа од југот сакав да им покажам барем две работи: во таа црква се венчав, па си реков, ако и јас го поминав тоа искушение, белки ќе се извлечат некако и овие момци, кои изгледаа како да побегнале од кастингот за продолжението на „Троја“, режирано од менаџерот Џаровски, со ветување за секого од нив дека ќе го одвлече во Холивуд, дека таму ќе му најде тезга и дека секој од нив ќе постане Бред Пит и нов фраер на Анџелина Џоли. Патем, во таа црква се ожени и првиот потпретседател на Владата, министер на одбраната и координатор на сите тајни служби, Александар Вучиќ, што значи дека многумина од нас Белграѓаните капитулирале во тоа дорќолско светилиште, кое го отворил лично кралот Александар Први Караѓорѓевиќ, пред да отпатува во Марсеј, за да се сретне со лошата судбина.
Другата работа беше многу посериозна: ме интересираше како ќе поминат македонските орди во храмот, во кој се чувствува, речиси, зилотската чистота на српското светосавство.
Се разбира дека Александровата гарда беше дочекана како пријателска војска, да не речам – како најродени браќа – па, се плашам дека натуралистичкиот опис на средбата на свештенството со навивачите би навел, далеку било, на погрешни заклучоци за мажественоста и на едните и на другите.
Кога мојот пријател Мишо, Србин со црногорско потекло, со лента од прв степен, на која се вкрстени кавал и опинок, секое лето ми се качува на глава со повиците да одам во Охрид, па, потоа ме затрупува со доживувањата на бројната екипа од новинарски и туристички работници кои ги обиколуваат тамошните цркви и манастири, покажувајќи ми фотографии на српски гости прегрнати со македонското свештенство, се сами брадести брат до брат, се потсетувам на инвазијата на Александровата војска врз славната дорќолска црква, пред која, патем, фолк легендата, Џеј Рамадановски, го изучувал кибритскиот занает, прелажувајќи ги кутрите верници и туристи.
Јасно ли ви е што сакам да кажам? Дека проблемите меѓу Српската и Македонската православна црква не постојат кај обичниот свет, како што се навивачите, кои беа апсолутни миленици на Белград, или, како што е Мишо силниот, кој со силната екипа секое лето го поробува Охрид, па потоа нацврцкан проповеда за српско–македонското пријателство.
Тука недостигаат најмалку две нешта: среќа и памет!
Односите меѓу двете цркви се, всушност, проблем на црковните и политичките елити во Белград и Скопје, што значи дека тука недостигаат најмалку две нешта: среќа и памет! Без тие две ситници и со задолжителното замешување на странците, на кои омилена забава им е да ја уриваат стратегиската, православна оска север – југ, што се протега по должината на моравско – вардарската долина, што друго им преостанува на фалангистите и на Мишо – освен да се прекрстат. Ист Господ, иста вера, иста крв и две скарани цркви, при што мајката не ја признава ќерката, а ќерката се одрекува од мајката.
И, како и е во секое балканско семејство, се се искри од љубов и омраза, со задолжително учество на комшиките, кои, како стари, расипани тетки, доаѓаат на кафе и ја трујат атмосферата. Србите, едноставно, не ги разбираат Македонците и не сфаќаат дека црквата е еден од најзначајните фактори на нивната државност. Македонците, пак, не ги разбираат Србите. Не сфаќаат дека не само световните, туку дека и духовните територии им се се помали и помали и дека, ако Хашим Тачи е пророк, а е, зашто гледа низ американската волшебна топка што му ја подари Медлин Олбрајт, ќе бидат заокружени на белградскиот пашалак. Или, како што убаво кажува еден од јунаците на култниот филм на Срѓан Драгојевиќ, „Убавите села убаво горат“, сите Срби конечно ќе застанат под една слива.
Ниту македонската судбина не е поинаква. Прашајте го Тачи, ако мислите дека сум злорад. Затоа приказната за двете цркви може да заврши така што нивното сценарио на помирување, место владиците, ќе го пишува Шекспир, па може да се случи во завршното, катарзично финале и Србите и Македонците, место помирените цркви, да си го видат Господ!
Нешто, сепак, се затркалува. Новиот претседател на Србија, Томислав Николиќ, самиот се предложи да биде посредник во повеќедеценискиот спор меѓу двете цркви и не случајно ја соопшти таа вест во интервјуто за македонските медиуми, користејќи, при тоа, фудбалски речник. Време е, просто, да се спушти топката. Тома, воедно, нагласи дека Македонија сега во него има добронамерен соговорник, за што сигурно разговарал и со својот домаќин, Ѓорѓе Иванов, за време на повеќедневната посета на Македонија. Иако Иванов, онака наивно, прокоментира дека станува збор за прашање што треба да го решаваат двете цркви, а државниците, кутрите тие, тука се да припомогнат, во случај епископите да се фатат за гуша, сигурно дека во тие три божји денови Ѓорѓе и Тома не зборуваа за егзистенцијализмот и за тоа чија ракија повеќе го дере грлото кога ќе се испие на екс – валандовската или шумадиската. Тома, кој со години на ред сам пече ракија на својата селска хациенда во срцето на Шумадија, па потоа ја пакува во обични шишиња и ја дели на светските државници под името „томовача“, призна дека Македонците печат малку подобра ракија, што, само по себе, е веќе непоимлива ерес. Што, тогаш, би значело признавањето на афтокефалноста на Македонската православна црква?
Конзервативниот дел на СПЦ не молчеше и не го пушеше лулето на мирот
Во црквениот Белград, после Томината амбиција да постане мировен посредник со кандило, лутата сливка не е споменувана, ама дојде до вистинско кошкање меѓу владиците, па шабачкот епископ, Лаврентије, без задршка ја објави дотогаш непоимливата идеа: канонски непризнатата Македонска православна црква да добие афтокефалност. Лаврентије ги спомнуваше љубовта, детската радост, помирувањето и среќата. Меѓу редови порача: ајде, конечно, да затвориме еден балкански проблем. Господ нека ни е на помош! Се верува дека Лаврентије овде имал улога на мевоговорник: дека само ја отворал устата, додека, всушност, се слушал гласот на Тома, како еден вид тонска, политичка проба.
Конзервативниот дел на СПЦ не молчеше и не го пушеше лулето на мирот. Напротив, моќниот бачки епископ, Иринеј, портпаролот на СПЦ, но уште поважно, сивата еминенција на црквата, што е доказ дека и православните го имаат својот Ришеље, писмено му се обрати на „грешниот Лаврентије“, во стил на кого би му позавиделе мнозина таблоидни колумнисти, со амбиција кога ќе пораснат, конечно, да станат како Александар Тијаниќ, сегашниот директор на државната телевизија, кој ја стекнуваше славата во поранешна Југославија, пишувајќи како Марк Твеновиот уредник од Тенеси, со два промили виски во крвта.
Додека Лаврентије рече дека Светиот архиерејски собор на СПЦ, следната година на мајското заседание, би можел да го постави прашањето за нормализација на односите меѓу СПЦ и канонски непризнатата Македонска православна црква, доколку Синодот поведе таква иницијатива, Иринеј жестоко и возврати на лаврентиевата логика:
Значи, според таквата логика, аминуваше бачкиот Иринеј, еден црквеноразбивачки пуч, антисоборски и антисоборен акт на самопрогласување, извршен со активно учество и поддршка на световната, при тоа, безбожничка и антицрквена власт, туку–така треба да биде признат: беззаконието треба да се прогласи за законитост, расколништвото за црквеност, омразата за љубов, злото за добро – напиша Иринеј, прашувајќи – каде ќе не одведе тоа?
Потоа, Иринеј му постави прашања на Лаврентије, истовремено и одговарајќи на нив, со дипломатски сенс на Роки Балбоа: што би останало од црквата и нејзиниот боговостановен поредок? Постои ли во историјата на црквата барем еден пример на решавање на канонски прашања со таква методологија? Дали блаженопочинатите патријарси Герман и Павле и толку наши епископи, за ова време од, речиси, полувековниот раскол, биле во тешка заблуда или во состојба на умна помраченост, кога, наспроти сите закани на тогашниот режим, зазеле одлучен, а канонски и единствено можен став, кон црквените пучисти и нивните следбеници?
– Дали и сите помесни, православни цркви се во заблуда – или се „незрели“, како што велат предводниците на расколот во Скопје – затоа што, солидарно со Српската православна црква, не ја признаваат самопрогласената афтокефалност и го одбиваат канонското општење со расколниците – распали рафално Иринеј по својот епископски брат, зашто Лаврентије верува дека „во Македонија таквата иницијатива би била со две раце прифатена, додека тој, епископот шабачки, би се радувал како детенце, ако го решиме тој проблем“.
Иринеј верува во нешто друго: во непресметливоста на својот колега со кого ги споделува светосавските вредности, па набрзина му направи и дијагностика, иако не го удираше Лаврентије со чекан по коленото, ниту го замоли да му гледа во прстот.
– Епископот Лаврентије најавува дека или тој или некој друг би можел да му го предложи ова што сега го изјави на Архиерејскиот собор, и остана жив. Длабоко сум уверен дека никој освен него не би предложил такво нешто, а се надевам дека, во меѓувреме, и тој ќе размисли, а, можеби и ќе прочита нешто од еклисиологијата и од канонското право. Наместо најавеното, би можел да стори нешто друго. Тој, имено, досега три пати поднесуваше и ја повлекуваше оставката од активната служба, односно, од управувањето со епархијата. Доколку мисли да ја круниса својата повеќедециниска, архипастирска служба со вакви потези, уверен сум дека многу покорисно и за него и за црквата би било по четврти пат да побара пензионирање и да остане на тоа. Ова го кажувам и пред Господ и пред луѓето, најдобронамерно, без ронка злоба или иронија – рече Иринеј и побара од Лаврентије да се пензионира.
Писмото беше напишано, Лаврентије не зеде ниту пенкало, ниту лап-топ, а црквените аналитичари објавија дека се уште не прочитале таква рафална преписка. И, се стивна…Амин!
Ваков жесток дијалог меѓу двајца владици, досега, навистина беше непоимлив, што, во превод, би значело дека белградско–скопското црквено прашање отишло поприлично далеку, во тајните лавиринти на политичките кабинети и патријаршските канцеларии.
Можеби решението ќе се најдеше и порано, ако не беше грчкиот црквен блок
Но, ако Иринеј покажа кој е, засега, главниот во СПЦ, ни неговите скопски колеги, расположени за црквена битка, не се многу посуптилни, па, во сојуз со македонската држава, го држат оној кутар Јован по затвори, небаре е надворешен соработник на земунскиот клан, дописен член на Ал Каеда, советник на Тријадата или јатак на мексиканските нарко–убијци… Веќе станува комично кога повремено ќе го пуштат од робија, а потоа, по некој ден, повторно ќе го уапсат, колку да се одржува драматуршкиот ритам на црквениот трилер, на источниот лимес на западниот Балкан, во европската црна дупка без светлина и излез…
До каде стасаа верско–политичките преговори меѓу Србите и Македонците, засега, може само да се насетува, но, тие се повеќе потсетуваат на преговорите за Косово. Уште пред десет години претставниците на двете цркви го потпишаа Нишкиот договор, што МПЦ, потоа, го отфрли. Договорот подразбираше најширока црквена автономија за епархиите во Македонија. Значи, формулата наликуваше на алхемичарскиот предлог на Србија за Приштина – повеќе од автономија, помалку од независност, па, како и да се толкува тоа. Поглаварот на Македонската православна црква, архиепископот Стефан Вељановски, меѓутоа, не го прифати Нишкиот договор, како појдовна основа за спогодба. Србите и понатаму држат до него.
Кога ќе биде решен проблемот стар 45 години? Можеби решението ќе се најдеше и порано, ако не беше, таканаречениот, грчки црквен блок – од Цариград, Атина, Кипар, Ерусалим, Александрија, Тирана… Речиси половината од православниот свет му припаѓа на тој блок и тој не ја дозволува афтокефалноста и, пред се, името – Македонска православна црква. Браќата Грци имаат еден вид верско вето, што го блокира договорот, дури и ако Белград би го направил првиот чекор. Сепак, ова не е невозможно, се смета во белградските кулоари, иако се уште е во свежо сеќавање признавањето на Косово од страна на официјално Скопје, што во Србија е примено како удар со нож во грб од страна на најродениот.
Но, љубов, братство и предавство никогаш не ни недостигале. Кога се распаѓаше Југославија, делегациите на Србија и Македонија организираа ручек. Седнаа крај софрата и пријателски се разделија.
Би помогнала ли сега заедничка молитва, место ручек? Тоа го знае само еден. И, само тој знае зошто е се вака, за никаде. Зарем не, Господе?
Објавено: 21.11.2012