/ Прочитано:

1.592

Државниот инспекторат за градежништво: Општина Охрид да го поништи незаконски издаденото одобрение за градба на хотел

Активистите на Граѓанската иницијатива Охрид СОС се убедени дека ќе преовлада правдата, односно дека на брегот на Охридското Езеро нема да биде изграден хотел. Според нив станува збор за грубо кршење на законската регулатива. Грубото прекршување на законите се однесува пред се на одобрението за градба кое е издадено во заштитен појас и е директно прекршување на чл. 131 од Законот за води, според кој не смее да се гради траен објект на 50 м од брегот. Висината на објектот ги надминува дозволената висина и катност за градби во прва линија од 10,5 метри.

Активисти на Граѓанска иницијатива Охрид СОС информираат дека Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам (ДИГУ) им доставил известување во кое се наведува дека бара од Општина Охрид да го поништи незаконски издаденото одобрение за градба.

„По неколкумесечна битка за поништување на одобрението за градба на незаконскиот хотел во Лагадин, кој лажно се претставуваше како објект во сопственост на ТУИ Холандија, Граѓанската иницијатива Охрид СОС успеа да ја извојува првата победа. Во меѓувреме, известување стигна и од Државниот инспекторат за животна средина во кое се вели дека општината го усвоила Општиот акт за Лагадин, прекршувајќи ја својата законска обврска да спроведе оцена на влијание врз животната средина. Дополнително, Инспекторатот за животна средина ги потврди и нашите констатации дека објектот не смее да се гради на помалку од 50 м од највисокиот водостој на езерото“, велат активистите на Граѓанската иницијатива Охрид СОС.

Известувањата од инспекторатите, како што појаснуваат активистите, веќе се официјално проследени до сите советници на Советот на Општина Охрид.

„Истовремено бевме известени од Инспекцискиот совет на РМ дека поради комплексната природа на случајот и многуте прекршени закони, постапката е сè уште во тек и конечното решение по случајот допрва треба да го добиеме. Убедени сме дека ќе преовлада правдата, бидејќи станува збор за грубо кршење на законската регулатива. Прекршен е чл. 62 а од Законот за градење, во кој стои дека одобрението за градба треба да биде објавено јавно во рок од 3 дена од негово издавање, а одобрението е првпат објавено на 6 декември, односно 15 дена по издавањето на 21 ноември. Прекршен е чл. 8 од Правилникот за издавање на одобрение за градба бидејќи ниту еден од мештаните не е известен писмено, лично или во сандаче. Одобрението за градба е издадено во заштитен појас и е директно прекршување на чл. 131 од Законот за води, според кој не смее да се гради траен објект на 50 м од брегот. Висината на објектот ги надминува дозволената висина и катност за градби во прва линија од 10,5 метри. Од своја страна, пак, Општина Охрид тврдеше дека одобрението за градење на шест катниот хотел во Лагадин е издадено во законски пропишана процедура, со прибавување на сите потребни документи во согласност со Законот за градење, што се покажа дека е невистина. Токму затоа сакаме да потенцираме дека ги потсетуваме институциите кои ги прекршиле законите дека ќе одговараат и за најмалото сторено кривично дело“, укажуваат активистите на Граѓанска иницијатива Охрид СОС.

За да се реши овој проблем, беше покрената и онлајн петиција на која се потпишуваа граѓани од цела Македонија, а не само оние што живеат во Лагадин или имаат имоти таму. Минатата година беше потпишан и приговор против сите развојни проекти за селото (населбата) и плажите на потегот Лагадин, кои беа донесени неплански. И на приговорот беа потпишани сите постојани или привремени мештани, сопственици на имот во Лагадин. 

„Им се заблагодаруваме на сите загрижени граѓани од кои во изминатиов период добивме повеќе пораки со прашања во врска со моменталната ситуација во Лагадин, што ни покажува дека будно ја следеле состојбата и дека нашите напори за актуализирање на горливите прашања во Охрид вродиле со плод. Им се заблагодаруваме на сите службени лица што одговорно и професионално си ја вршеа работата во текот на постапката и ги охрабруваме да продолжат така“, истакнуваат активистите.

Дека овој проблем доби многу пошироки размери е и фактот дека УНЕСКО досега неколкупати предупреди дека охридското заштитено подрачје може да го изгуби статусот на светско природно и културно наследство поради низа градежни зафати: изградбата на ски-центар на Галичица, изградбата на експресен пат Охрид – Пештани, како и изградбата на Коридорот 8 кој треба да ја поврзе Македонија со Албанија, при што, според проектот, пругата треба да минува токму покрај Охридското Езеро.

А. Б.