/ Прочитано:

1.815

Истрагата за авионската несреќа е во тек, велат од Комитетот за истрага на воздухопловни несреќи

Денеска владиниот Комитет за истрага на воздухопловни несреќи и сериозни инциденти одржа прес-конференција за авионската несреќа што се случи во вторникот (2 април), на Солунска Глава, во која трагично го загубија животот четири државјани на Република Бугарија.

На прес-конференцијата се обрати претседателот на Комитетот, Зоран Илиевски, кој презентираше факти од досегашната истрага по трагичната несреќа, за која објасни дека по извршениот увид се утврдило дека авионот е паднат во особено тешки услови, особено и поради снегот кој е присутен на повисоките места на планинскиот врв Солунска Глава и соопшти дека истрагата е сѐ уште во тек за утврдување на сите детали за несреќата.

Со цел успешно да се заврши истрагата, на 4.4.2019 е донесена одлука за формирање Комисија за истражување на конкретната воздухопловна несреќа, која ќе биде составена од членовите на Комитетот и од надворешни експерти во доменот на воздухопловството, од домашните институции и компании или доколку е потребно, ќе бидат вклучени и агенции или центри за истраги од соседството или од други држави.

Од август минатата година воспоставена е соработка со Центарот за истраги на авионски несреќи во соседна Република Бугарија, а наскоро ќе се потпише и меморандум за соработка со владиниот Комитет за истрага на воздухопловни несреќи и сериозни инциденти на двете држави.

Со цел спречување на ширење на шпекулации во јавноста, денеска на прес-конференцијата Комитетот за истрага на воздухопловни несреќи и сериозни инциденти ги презентираше своите две основни дејности, од кои прва и основна дејност е истрагата на воздухопловни несреќи и на сериозни инциденти со цел да се утврди причината на несреќата, а другата основна дејност е превенцијата, кога по изведените заклучоци се прават препораки од кои произлегуваат идните превенции на ваквиот тип грешки.

Јавното обвинителство работи на утврдување на причините за авионската несреќа

М.В