/ Прочитано:

500

Продолжува истрагата за сообраќајната несреќа – Главниот бугарски обвинител доаѓа во Скопје

Во најкус можен рок, бугарските истражители ќе ги добијат потребните документи

Главниот бугарски обвинител Иван Гешев во придружба на истражитела денеска ќе дојде во Скопје за лично да поднесе барање за правна помош до Обвинителството во Македонија. Бугарските обвинители треба да добијат ДНК профили од роднини на загинатите во автобуската несреќа заради идентификација на жртвите. Како што јавува дописникот на МИА од Софија, денеска Бугарското обвинителство треба да објави нови информации за трагедијата.

Во меѓувреме, продолжува истрагата за тешката автобуска несреќа во која загинаа 45 лица на автопатот „Струма“ во Бугарија.

Бугарската телевизија „Нова“ јави дека шест истражители од Националната истражна служба и тројца обвинители од Подрачното обвинителство во Перник работат на предистражната постапка.

Портпаролката на главниот обвинител Сијка Милева уверува дека во најкус можен рок, бугарските истражители ќе ги добијат потребните документи од нивните македонски колеги, јавува дописникот на МИА од Софија.

Во меѓувреме, седумтемина преживеани остануваат на лекување кај Пирогов. Нивната состојба е стабилна. Двајца од преживеаните вчера се оперирани. Еден од нив има длабока изгореница на двете раце. Здравствените власти размислуваат оние кои се стабилни да си одат дома кај своите најблиски.

Идентификација откако ќе биде земен биолошки материјал

Идентификацијата на 45-те загинати во завчерашната тешка сообраќајна несреќа ќе се прави откако ќе биде земен биолошки материјал од роднините на жртвите. Се очекува таа да трае најмалку седум дена и кога ќе заврши ќе биде организирано пренесување на нивните посмртни останки од Бугарија во земјава.

На средба со надлежниот главен обвинител, министерот за надворешни работи Бујар Османи вчера во Софија разговарал да се забрза собирањето биолошки материјал од роднините, кој треба да се спореди со ДНК на жртвите, за што во Скопје ќе биде пратен бугарски тим истражители. По завршување на идентификувањето на загинатите,  МНР односно државата, рече Османи, ќе ги преземе телата и ќе организира транспорт до Скопје.

Тој вчера ги посети и седумтемина патници кои ја преживеаја несреќата и рече дека се во стабилна и добра општа состојба, но дел од нив се во тешка психичка состојба и им е потребна професионална помош.

Тие се наоѓаат во софиската болница „Пирогов“ – шест се хоспитализирани на Клиниката за изгореници и пластична хирургија и еден е на трауматологија и им се извршени сите потребни итни интервенции.

На „Беса транс БТБ“ и се одзема лиценцата за работа

Министерството за транспорт и врски вчера информираше дека на фирмата-превозник  „Беса транс БТБ“ и се одзема лиценцата за работа, односно и се забранува вршење дејност.  Соопшти дека за автобусот во кој загинаа 45-те патници немало издадено извод од лиценца за вршење меѓународен слободен превоз за патници, ниту, пак, за друг вид јавен превоз на патници, а возилото не е евидентирано во електронската евиденција на издадени лиценци.

Во соопштението беше посочено дека Министерството за транспорт и врски има регистрирано четири лиценцирани возила на фирмата „Беса транс БТБ“, но меѓу нив не е автобусот што изгоре завчера.

Секторот за професионална одговорност на Царинска управа  вчера на ГП  „Деве Баир“ вршеше детална контрола на постапувањето на превозникот и на царинските службеници на денот на излез на автобусот од државава, согласно надлежностите пропишани со Законот за превоз во патниот сообраќај.

Првичните наоди од внатрешната контрола, како што соопшти Царината, покажуваат дека на 18 ноември од царинските службеници електронски не е евидентиран излезот на возилото со регистарски таблички СК0284БА на превозникот „Беса транс“ од Скопје, извршена е само заверка на евидентниот лист за превоз на патници. По досега утврдените неправилности во постапувањето, најавија дека двајца царински службеници, кои биле на смена кога возилото излегло од државата, ќе бидат  суспендирани од работното место, а нивниот непосреден раководител ќе биде санкциониран.

Вештаци и истражители работат на утврдување на движењето на автобусот, местата каде што одморал и брзината со која се движел. Формиран е тим со  претставници на Агенцијата за патна инфраструктура и од Дирекцијата за национална контрола во градежништвото во Бугарија, кој во рок од пет дена треба да изврши увид каде што се случи несреќата. Врз основа на наодите од увидот и проверките треба да презентира извештај за состојбата на делницата, како и да процени какви мерки ќе се преземат за нејзино обновување.

Бугарски експерти за безбедност на патиштата посочуваат можни причини за тешката сообраќајка, како избледени хоризонтални ознаки на автопатот, немање патна сигнализација, лоша состојба на рефлектирачката сигнализација, можен шверц на гориво или човечка грешка… Според Румен Дунев, автобусот имал двапати пат на сопирање, а возачот не спиел. Тој тврди дека автобусот се запалил уште пред да ја однесе заштитната ограда од свртувањето.

Јовески: Тезата за тубите е шпекулација

Македонските власти земаат биолошки материјал од роднините за ДНК анализи. Тезата за тубите е шпекулација, бугарските обвинители работат на истрагата, изјави за БТВ државниот обвинител на Република Северна Македонија Лубомир Јовески и објасни дека при увидот на опожарениот автобус на автопатот Струма, видел пластични туби кои не изгореле.

Јовески објасни дека во моментов се зема биолошки материјал од роднините на загинатите во С Македонија за да се направат ДНК тестови и да се идентификуваат телата. Тој рече дека македонското обвинителство ќе се активира дури откако случајот ќе биде истражен од бугарските обвинители, бидејќи тие нема да најдат ништо паралелно.

Во моментов македонското и бугарското обвинителство добро соработуваат, додаде Јовески. Засега не е познато дали причината за несреќата е човечка грешка или дефект на автобусот. Тој кажа дека автобусот бил речиси нов, само три години, а во октомври поминал на технички преглед во Северна Македонија.

Во тек е истрагата за автобуската несреќа

Јовески денеска итно отпатува на местото на автобуската несреќа

Прогласена тридневна жалост за трагичната сообраќајна несреќа