/ Прочитано:

1.474

ЈО: Наредба за спроведување истрага против полицаецот што со истрел од службено оружје повреди двајца малолетници

Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство – Струмица донесе наредба за спроведување истражна постапка против полицискиот службеник што повреди двајца малолетници со истрел од службен пиштол. Полицаецот е осомничен дека сторил кривично дело убиство од член 123, а во врска со член 19 од Кривичниот законик.

„За целосно расветлување на настанот, јавниот обвинител ги очекува резултатите од наредените вештачења на трагите и материјалните докази пронајдени на самото место, балистичките вештачења и анализите на трагите од барутни честички. Од сите инволвирани веднаш по инцидентот беа земени за анализа и примероци од крв и од урина, како и парафински ракавици.

Со оглед на тоа што веќе се сослушани сведоците и се прибрани материјалните докази во постапката, за осомничениот се предложени серија мерки на претпазливост – забрана за напуштање на местото на живеење, обврска за редовно јавување во суд, привремено одземање на патната исправа и забрана за вршење определени работни активности.

Во меѓувреме, состојбата на потешко повредениот се подобрува. Тој и натаму се наоѓа на скопските клиники, но е стабилен и свесен и во моментов не се наоѓа во животозагрозувачка состојба.

Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство – Струмица и денеска продолжува со увидот на колски пат во близина на Градската капела кај Струмица, каде што синоќа полицаец со истрел од службено оружје повредил двајца малолетници“, се вели во соопштението на Јавното обвинителство.

Според првичните информации на кои претходно упати обвинителството, до инцидентот дошло кога екипи од СВР-Струмица се обиделе да го сопрат возилото во кое биле двајцата малолетници, а за кои претходно било пријавено дека се обиделе да извршат кражба на чамец во близина на браната Мантово. Малолетниците двапати ја избегнале полициската патрола и не застанале, а потоа биле пресретнати од друго полициско возило на споредниот пат кај Градската капела. И натаму се работи на расветлување на начинот на кој дошло до пукањето од службениот полициски пиштол, при што биле повредени и двајцата малолетници.

Едното малолетно лице со посериозни повреди и прострелна рана во градниот кош уште синоќа беше префрлено на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување во Скопје, додека над вториот малолетник е извршен оперативен зафат во болницата во Струмица и тој се наоѓа во добра општа состојба.

Во врска со овој случај од МВР соопштија дека Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди во МВР во врска со настанот на 11.8.2017 година во Струмица ги изврши потребните проверки и утврди дека полицискиот службеник неосновано, неоправдано и неправилно употребил средство за присилба – огнено оружје врз лицата Д.Т. и А.Г., односно постапил спротивно на одредбите од Законот за полиција.

„Против полицискиот службеник е поведена дисциплинска постапка пред надлежната комисија во МВР и со решение на министерот Оливер Спасовски полицискиот службеник ќе биде отстранет од работното место до завршувањето на дисциплинската постапка. До надлежниот јавен обвинител во Струмица е поднесена и кривична пријава поради основано сомнение дека полицискиот службеник сторил кривично дело убиство во обид, предвидено и казниво по член 123 и член 19 од Кривичниот законик на Република Македонија“, истакна МВР во соопштението за овој случај.

М.В