/ Прочитано:

1.124

КОНФЕРЕНЦИЈА ЗА ИЗВЕШТАЈОТ НА ЕК: Притисоците врз судиите се главна препрека за спроведување на реформите

Судството во Македонија е заробено од страна на државата и токму поради тоа нема независно и непристрасно судење, иако поделбата на власта на извршна, законодавна и судска мора да функционира во пракса во секое демократско општество.

Чекан правда

Поглавјето 23, односно судството и темелните права, е дел од Извештајот на Европската комисија за напредокот на Македонија, кој е елабориран и содржи многу остри и сериозни критики. Утврдено е дека и натаму се продлабочува проблемот со зависноста на судиите и нивната изложеност на притисоци, но уште повеќе загрижува фактот што во Македонија токму во однос на ова прашање постои голема неодговорност и отсуство на свест за подобрување на состојбата. Овие забелешки се наведени во компаративната анализа на Извештајот на Европската комисија, која денеска ја објави Центарот за европско образование.

На конференцијата под наслов „Итни реформски промашувања“, судијката Маргарита Цаца Николовска оцени дека во Македонија нема реформи во судството.

„Во однос на ова прашање, апсолутно сметам дека нема никакви реформи во судството, напротив има многу големо уназадување. Опфатени се сите сегменти, почнувајќи од изборот на членовите на Судскиот совет. Иако е орган кој треба да ја штити независноста на судството, кој треба да се грижи да нема никаква дамка врз неа и да врши избор и разрешување на судиите, со нивното разместување од едно место на друго, со непочитувањето на одредени законски решенија и со носењето одлуки кои се под голем прашалник во однос на тоа дали се засновани на закон, што е и најкритично, Советот придонесува за  оценката дека правдата е селективна. Тоа е нешто што најмногу ги загрижува граѓаните, од една страна, и што е уште полошо тоа е детектирано од некој непристрасен посматрач – меѓународната заедница“, изјави Николовска.

Таа смета дека судството во Македонија е заробено од страна на државата и токму поради тоа нема независно и непристрасно судење, иако, како што вели, поделбата на власта на извршна, законодавна и судска мора да функционира во пракса во секое демократско општество.

„За жал, во државата имаме една пирамида на чиј врв е извршната власт, која ги има целосно заробено другите власти. Законодавната власт е заробена преку политичкиот притисок кој се врши во делот на донесување на закони. Не знам дали воопшто постои држава во која има толку брзи постапки во донесувањето на законите. Исто така, не верувам дека во кој било парламент се донесени толку многу закони по скратена постапка и дали воопшто некаде се усвоени толку многу закони за кои не е консултирана стручната јавност и граѓанското општество. Меѓународната заедница јасно увидела како функционира оваа пирамида и токму затоа е таква и оценката за Македонија во Извештајот на Европската комисија“, вели судијката Николовска.

Според Андреја Стојковски, претседател на Центарот за европско образование, начинот на кој се идентификувани реформските недостатоци во земјава упатува на тоа дека по изборите ќе треба да се усвојат сите предлози кои ги даде Специјалното јавно обвинителство за измени на законите кои им се потребни за да можат да постапуваат,   дури да се подготви и закон за специјално судско одделение, или пак да се подготви уставен амандман за специјален суд. Моето очекување е дека ќе се движиме во оваа насока.

А. Б.