/ Прочитано:

1.173

Народната банка со јавен повик до сите заинтересирани граѓани за присуство на едукативни презентации

Од 29 до 31 мај годинава ќе се одржи третото издание на Деновите на финансиска писменост, коишто се организираат од финансиските регулаторни институции во соработка со приватните финансиски компании, кои уште повеќе ќе ги отворат своите врати за сите заинтересирани граѓани, спроведувајќи бројни информативно-едукативни средби.

Народната банка, како еден од организаторите и учесник на Деновите на финансиска писменост, упатува јавен повик до сите заинтересирани граѓани за присуство на едукативни презентации на следните теми:

–       Платен систем и платежни услуги – 29 мај;

–       Банкарски систем – 30 мај и

–       Монетарна политика – 31 мај.

Презентациите ќе се одржуваат во просториите на Народната банка со почеток во 14:00 часот. Ќе бидат наменети за слушатели со основно и со понапредно ниво на знаење, односно ќе ги опфатат како основните така и подеталните аспекти од наведените области. По секоја презентација е предвидена можност за поставување прашања од граѓаните и за дискусија со стручните лица од Народната банка.

Со цел организирање на презентациите во зависност од искажаниот интерес од граѓаните, сите заинтересирани лица треба да го најават своето присуство преку порака на:

–       е-адресата: edukacija@nbrm.mk или

–       на официјалните страници на Народната банка на социјалните мрежи Фејсбук, Твитер и Инстаграм.

Притоа, секој заинтересиран граѓанин треба да наведе за која презентација/тема најавува присуство.

За присуство на презентациите можат да се пријават и претставници/тимови на приватни компании.

Рокот за пријавување е 27 мај 2019 година или до пополнување на максималниот број присутни, во согласност со просторните капацитети.

Во текот на Деновите на финансиска писменост (29 – 31 мај 2019 година), во просториите на Народната банка ќе има и инфопулт, на кој во периодот од 10:00 до 13:00 часот сите заинтересирани граѓани ќе можат да добијат одговор на нивните прашања од сферата на централнобанкарското работење кај нас. Заинтересираните ќе може да го посетат и Музејот на Народната банка.

М.В