/ Прочитано:

1.500

Наташа Пирц-Мусар – адвокатка и прва жена претседател на Словенија

Познатата словенечката адвокатка Наташа Пирц-Мусар е избрана за нов словенечки претседател. Таа е  првата жена која ќе биде на чело на Словенија.

Заштитата на човековите и уставните права, владеењето на правото и демократијата, иднината на младите и заштитата на животната средина, се основните заложби на новата претседателка на Словенија.

„Ќе дадам сè од себе вистински да бидам претседател на сите, да се борам за основните човекови права и за демократијата. Ќе дадам сè од себе да обединувам во политиката околу стратешките прашања“, нагласи Пирц-Мусар веднаш по нејзиниот избор.

 

Диплома по право и новинарски почетоци

Наташа Пирц-Мусар е родена во 1968 година во Љубљана. Дипломирала на Универзитетот во Љубљана во 1992 година, а пет години подоцна го положила и правосудниот испит. Но, нејзината кариера не започнува како правник и адвокат, туку како новинар и презентер на вести.

Теоретското и практичното образование за новинарството го усовршила во САД и во Велика Британија. За време на студиите работела за повеќе реномирани телевизиски медиуми, како што се Ројтерс и Би-би-си.

Во 2001 година ја продолжила својата кариера во финансискиот сектор, каде што се приклучила на најголемата словенечка приватна финансиска корпорација „Актива груп“ како раководител на Одделот за корпоративни комуникации.

 

Комесар и експерт за заштита на лични податоци

Две години подоцна Пирц-Мусар станала директор на Центарот за обука и комуникации на Врховниот суд на Република Словенија. Од 2004 до 2014 година работела како избран комесар за пристап до информации од јавен карактер во Националното собрание на Словенија.

За време на вршењето на оваа функција била назначена на значајни раководни позиции во Европол во секторите за заштитата на личните податоци и почитувањето на индивидуалните права.

 

Адвокатска кариера и докторат

Во  2014 година  Пирц-Мусар ја дала свечената адвокатска заклетва и по зачленувањето во Адвокатската комора на Словенија започнува да работи како самостоен адвокат. Следната година го основала адвокатското друштво „Пирц-Мусар“, кое во својата работа, покрај граѓанското, корпоративното и кривичното право, примарно е фокусирано на правата кои произлегуваат од заштитата на личните податоци.

На Правниот факултет во Виена, Австрија, во 2015 година Пирц-Мусар го одбранила докторатот посветен на тема од областа на пристапот до информации од јавен карактер и заштитата на личните податоци. Таа била и член на жирито на Фондот за новинарство во Брисел и член на Извршниот одбор на Адвокатската комора на Словенија.

Во јавноста е позната и како адвокатка која ја застапуваше Меланија Трамп, сопруга на поранешниот претседател на САД, Доналд Трамп, во предмети кои се однесуваа на клевети во словенечките таблоиди и користење на реклами без согласност.