/ Прочитано:

1.324

(ОБНОВЕНО) ЈАНЕВА: СЈО продолжува со финансиски истраги, на аболираните нема да им биде простен незаконски стекнатиот имот

На крај Јанева истакна дека финансиските истраги интензивно се водат во Специјалното јавно обвинителство кое, како што рече специјалната јавна обвинителка, има индиции дека се одлеале огромни суми пари од Буџетот на Република Македонија во приватни џебови, во периодот од 2008 до 2015 година, без да потенцира за колкави средства станува збор.

Прес Специјално јавно обвинителство предмет „Тортура“

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, ќе има многу работа бидејќи ние ќе продолжиме со нашата работа и ќе отвораме многу нови истраги во врска со сите прислушувани разговори. Нашите истраги во иднина ќе се фокусираат на финанскиот криминал, истакна специјалната јавна обвинителка Катица Јанева.

„Конфискацијата во кривичната постапка е многу важна и никој не може да ја задржи непосредната и посредна имотна корист прибавена со кривично дело, при што би го цитирала и членот 97 став 3 од Кривичниот законик кој вели: ’Одлука за конфискација судот ќе донесе во постапка определена со закон и кога од фактички или правни пречки не е можно водење на кривична постапка спрема сторителот на делото’“, рече Јанева на денешната прес-конференција која следува по одлуката на претседателот да даде помилување на повеќе лица против кои се водат предистражни и истражни кривични постапки.

Ова значи дека и во случај на аболиција на сторители на кривични дела и постоење на правна пречка за кривична постапка, законска обврска на ова јавно обвинителство е да обезбеди докази за прибавената корист која, во согласност со законот, мора да биде конфискувана.

На крај Јанева истакна дека финансиските истраги интензивно се водат во Специјалното јавно обвинителство кое, како што рече специјалната јавна обвинителка, има индиции дека се одлеале огромни суми пари од Буџетот на Република Македонија во приватни џебови, во периодот од 2008 до 2015 година, без да потенцира за колкави средства станува збор.

По одлуката за аболиција, не постои простор за грижа, уверува и обвинителката Ленче Ристоска, која истакна дека законска обврска на Специјалното јавно обвинителство е да продолжи да ги истражува делата кои сè уште не се истражени и против лица кои не се опфатени со аболицијата.

„Ова значи дека имотната корист која на незаконски начин била прибавена не смее да се остави во рацете на тие лица. Со одземањето на имотната корист се одзема и мотивот за повторување на кривични дела и во иднина, и се влијае на генерална превенција на криминалитетот. Според тоа, ние имаме законска обврска да ги продолжиме постапките, да обезбедиме докази за противправно одземената имотна корист и со продолжување на постапки за конфискација на имотот да ја вратиме таа имотна корист во Буџетот, односно на граѓаните на Република Македонија“, потенцираше Ристоска.

Ленче Ристоска

Иванов не ги добил податоците од СЈО за кои лица се водат постапки

Специјалното јавно обвинителство потврдува дека тие му немаат дадено на претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов никакви податоци за лица за кои се водат предистражни или истражни постапки во рамки на работата на СЈО.

„Одлуките на претседателот беа доставени до ова јавно обвинителство, тие се многубројни и поради тоа ќе мора да извршиме анализа. Анализата е потребна за да утврдиме дали и колкав обем од податоците со кои располагала претседателот биле јавно објавени, а колку од нив се доверливи податоци, односно се дел од предистражни постапки кои се тајни. Засега не можеме да ја коментираме листата на лица кои ги аболираше претседателот. Можеме само да ги потврдиме оние лица за кои јавно имаме објавено дека се води истражна постапка“, изјави јавната обвинителка Ленче Ристоска како одговор на големиот број прашања кои се наметнаа во јавноста по одлуката на Иванов.

Ристоска додава дека очекува да соберат доволно докази од спроведената анализа, со кои ќе се покаже од каде ги добил податоците претседателот и доколку биде утврдено дека биле објавени доверливи информации, СЈО ќе преземе активности за понесување одговорност од страна на лицата што ги објавиле тие информации.

Ристоска изјави во името на јавните обвинители кои беа аболирани од претседателот, Лиле Стефанова, Фатиме Фетаи и Гаврил Бубевски, дека одлуките нема да бидат прифатени.

Прес Специјално јавно обвинителство предмет „Тортура“

„Нивното аболирање претставува грубо кршење на нивните човекови права со ставање во исти кош со лица за кои ние имаме докази кои упатуваат на сериозни сомненија за сторен криминал. Со чинот на аболирање на јавните обвинители директно се влијае на нивната чест и нивниот углед“, потенцираше Ристоска.

Давањето податоци на претседателот Иванов за лицата за кои се водат постапки, вчера го коментираше и професорот Гордан Калајџиев, кој посочи дека останува отворено прашањето  како Иванов ги добил информациите за постапките и како ги добил податоците во предистражните постапки.

Адвокатите Сузана Јошевска и Александар Тортевски, пак, прашуваат како знаел Иванов против кои сѐ лица има поднесено кривични пријави ако не се консултирал со никого.

„Едно од клучните прашања е како можел  тој да има сознанија за преткривични постапки кои се тајни“, истакна адвокатот Тортевски.

Прес-конференцијата директно од просториите на Специјалното јавно обвинителство ја проследија и повеќе странски амбасадори во земјава, меѓу кои и британскиот амбасадор, Чарл Гарет, амбасадорката на Германија, Кристине Алтхаузер, претставници на ОБСЕ и други странски претставници во земјава.

Марија Севриева