/ Прочитано:

1.856

(ОБНОВЕНО) „ТВРДИНА“: СЈО отвори предмет за уништување опрема на МВР за следење на комуникациите

Предметот под име „Тврдина“ се однесува на незаконска постапка за уништување на опрема за следење на комуникациите, поточно два технички системи. И покрај тоа што опремата не била технички застарена и била функционална, била уништена.

Прес СЈО „Тврдина“

Како сложен предмет, во кој осомничените функционирале како мрежа на наредбодавци и извршители на незаконското уништување на опрема на Министерството за внатрешни работи за следење на комуникациите, денеска Специјалното јавно обвинителство ја претстави новата истражна постапка која се води против пет лица вработени во Управата за безбедност и контраразузнавање и во Министерството за внатрешни работи.

„Во овој предмет осомничени се двајца началници на Оддели при Управата за безбедност и контраразузнавање и министерката за внатрешни работи, кои, во првата половина од 2015 година, со искористување на службената положба и овластување и со пречекорување на границите на нивното службено овластување, со умисла, помогнати од осомничениот началник на една од единиците во Управата, ги уништиле системите за следење на комуникации, со што нанеле штета на средствата на државата и на Буџетот на Република Македонија во износ од 10 милиони евра“, истакна обвинителката Ленче Ристоска.

Дејствијата, како што појасни Ристоска, започнале во март 2015 година откако Основниот суд Скопје 1 донел правосилна судска пресуда во случајот „Пуч“ против обвинетиот, вработен во МВР, кој се спогодил со Судот. Во пресудата е наведено дека незаконското следење на комуникациите е вршено преку искористување на уредите за прислушување и тонско снимање на техничките капацитети на средствата за следење на комуникации при Министерството за внатрешни работи.

„Првоосомничениот, заради прикривање на други лица кои неовластено ги користеле системите за следење на комуникациите при УБК, издал усна наредба до раководните лица на организационите единици во рамки на Одделот за оперативно-техничка поддршка на операции за доставување на Известување за состојба на материјално-технички средства во Управата за безбедност и контраразузнавање. Ваквата наредба била дадена со цел да се прикаже наводна потреба од уништување на системите за следење на комуникации, иако, во согласност со Извештајот од пописот за 2014 година, не е констатирана потреба од расходување на средства или системи по која било основа“, наведе Ристоска.

За таа цел, била формирана Комисија за попис, расходување, ништење и бришење од евиденцијата и од листата на задолжување поради техничка застареност и нефункционалност на системите. Комисијата доставила предлог за уништување на опремата, без да биде наведено за каква опрема станува збор, до Секторот за правни работи и управување со човечки ресурси во МВР кој го вратил предлогот на доработка, но првоосомничениот не постапил по барањето на Секторот за дополнување на Извештајот.

„Со оглед дека решението не било изготвено, првоосомничениот реагирал во Секторот за правни работи и управување со човечки ресурси, по што од Секторот е пристапено кон изготвување на решението по упатствата дадени од министерката за внатрешни работи. Така, на 23.3.2015 министерката за внатрешни работи (третоосомничената) формирала Комисија за попис, расходување, ништење и бришење од евиденцијата и од листата на задолжување на системи и техничка опрема во Управата за безбедност и контраразузнавање“, рече Ристоска.

Прес СЈО „Тврдина“

Откако бил направен попис на опремата, во кој биле вклучени и други предмети, биле товарени и двата системи за следење на комуникациите, од кои едниот бил исклучен во 2008 или 2009 година, а другиот бил во функција до моментот на уништувањето.

Опремата и двата системи за следење на комуникациите биле уништени на отпад за старо железо, при што логистичка поддршка за уништувањето обезбедил четвртообвинетиот. Откако опремата била уништена на отпадот, оттаму, по налог на првоосомничениот, била пренесена на друг отпад со цел да биде целосно уништена.

Иако имало фото- и видеодокументација од целиот настан, таа била уништена од страна на четвртоосомничениот со цел да бидат прикриени трагите, а подоцна било побарано и целосно бришење на уништената опрема и на системите од листите на задолжување на УБК.

„Во периодот од втората половина на 2015 година до средината на март 2016 година, преземени се повеќе дејствија за фалсификување на службени исправи, во кои учество имала и петтоосомничената, вработена како службено лице – технички документарист. Имено, првоосомничениот, со цел прикривање на незаконитите дејствија во постапката за уништување на системите за следење на комуникации, од позиција на претпоставен им дал налог на началниците на организационите единици во Управата за безбедност и контраразузнавање да изготват Известување за потребата од ништење на системи и опрема. Потоа, тој со умисла ја поттикнал петтоосомничената, во својство на службено лице – технички документарист во Одделот да изврши фалсификување на службена исправа и на ваквите известувања да внесе невистинити податоци, односно да ги заведе во деловодната книга за 2014 година, како да се изготвени во 2014 година, иако овие дописи се изготвени во периодот од 2015 до 2016 година“, рече Ристоска.

Со наведените дејствија

– првоосомничениот сторил кривично дело – злоупотреба на службената положба и овластување од член 353 став 5 в.в. став 1 в.в. член 22 од КЗ и кривично дело фалсификување службена исправа од член 361 став 1 в.в. член 23 од КЗ и едно кривично дело фалсификување службена исправа од член 361 став 1 од КЗ;
– второосомничениот сторил кривично дело – злоупотреба на службената положба и овластување од член 353 став 5 в.в. став 1 в.в. член 22 од КЗ и кривично дело фалсификување службена исправа од член 361 став 1 од КЗ;
– третоосомничената сторила кривично дело – злоупотреба на службената положба и овластување од член 353 став 5 в.в. став 1 в.в. член 22 од КЗ;
–  четвртоосомничениот сторил кривично дело – злоупотреба на службената положба и овластување од член 353 став 5 в.в. став 1 в.в. член 24 од КЗ и кривично дело фалсификување службена исправа од член 361 став 2 в.в. став 1 од КЗ;
– петтоосомничената, за која во согласност со член 468 од ЗКП се води скратен постапка, сторила шест кривични дела – фалсификување службена исправа од член 361 став 1 од КЗ.

Првоосомничениот, за кој вчера Специјалното јавно обвинителство не можеше да обезбеди наредба за претрес во неговиот дом, а за кој е побаран и притвор, денеска е на распит кај судија на претходна постапка на кој се очекува да присуствува и претставник на СЈО.

Прес СЈО „Тврдина“

За второосомничениот, за четвртоосомничениот и петтоосомничениот е предложена мерка за забрана на напуштање на место на живеалиште и престојувалиште, одземање на патната исправа и обврска да се јавуваат во судот, како и забрана за вршење определени работни активности кои се поврзани со извршување на кривичното дело бидејќи лицата се сè уште во работен однос.

За третоосомничената е побарано да ѝ бидат изречени мерки за претпазливост, одземање на патната исправа, јавување во судот и забрана за напуштање на живеалиштето.

Ристоска потенцираше дека истрагата продолжува и дека во текот на истрагата ќе се испитува улогата на Комисијата, како и улогата на останати инволвирани лица во целокупниот процес.

„Имаме цврсти писмени докази и сослушавме голем  број лица, така што тоа што денеска го изнесуваме е предмет кој има изградена основа за сомнение“, потенцира Ристоска.

Обвинителството располага со голем број на класифицирани докази и информации и поради тоа не може да изнесува детали поврзани со нив.

„Во моментов, Министерството за внатрешни работи и понатаму располага со систем за следење на комуникациите, со оглед на тоа дека таков систем бил претходно набавен и во моментот кога бил уништен овој систем, новиот бил ставен во функција“, појасни Ристоска.

Таа не можеше да одговори каде се наоѓаат материјалите од следењето на комуникациите што било вршено со овие системи.

„Државна тајна е како функционира системот за следење на комуникациите, каде се запишуваат податоците, и во кој обем. Таа информација е класифицирана“, додаде Ристоска.

Марија Севриева