/ Прочитано:

1.223

МВР: Целосна дигитализација на процесите за подобрување на искуството на граѓаните при вадење на лични документи

Во март годинава Собранието ги усвои законските измени предложени од МВР, а во насока на целосна дигитализација на процесите при вадење лични документи и усогласување на законската регулатива со европското законодавство, сè со цел подобрување на услугите за граѓаните.

Како што информира МВР, овие измени треба да стапат на сила од 1 јануари 2023 година, а се однесуваат на тоа уверението за државјанство да може да се издаде и во форма на електронски документ на Националниот портал за електронски услуги или преку квалификувана електронска препорачана достава на електронска адреса, а истото да може да се докаже и со податоци содржани во Националниот регистар на население. Во согласност со измените и дополнувањата на Законот за лична карта, Законот за патни исправи, Законот за лично име, Законот за пријавување на живеалиштето и престојувалиштето на граѓаните, граѓаните ќе може да поднесат барање и во електронска форма преку Националниот портал за електронски услуги.

Измените се однесуваат и на тоа дека во постапки определени со закон, како што е постапката за прибавување доказ за објава во Службен весник за загубена лична карта, доказот да го прибави МВР по службена должност преку Националната платформа за интероперабилност.

Исто така, МВР може да издаде решение за поништување на матичен број на граѓанин или странец како електронски документ.

Од МВР информираат дека, со цел усогласување со дигитализацијата на процесите поврзани со постапките утврдени со закон, формирани се работни групи во Министерството кои работат на ревидирање на законите и подзаконските акти во надлежност на МВР, и тоа: Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, Законот за оружјето, Законот за детективската дејност, Законот за странци, Законот за полиција, Законот за меѓународна и привремена заштита, Законот за заштита од експлозивни материи, Законот за следење на комуникациите, Законот за прометот на експлозивни материи и Законот за приватно обезбедување.