/ Прочитано:

994

Обвинение за возачот кој под дејство на алкохол предизвикал сообраќајна незгода и избегал оставајќи ги повредените деца

Основното јавно обвинителство во Велес, по спроведена истражна постапка, до Основниот суд Велес поднесе обвинителен акт против едно лице од Кавадарци, на возраст од 37 години, за кривично дело – Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот од чл. 300 ст. 1 во врска со чл. 297 ст. 1 од Кривичниот законик, како и за  кривично дело – Неукажување помош на лице повредено во сообраќајна незгода од чл. 301 ст. 1 од Кривичниот законик.

„На 31 мај обвинетиот, во состојба на тешко пијанство со присуство на 3,27 промили алкохол во крвта и 2,7 промили алкохол во урината, управувал со автомобил во сопственост на неговата сопруга.

Притоа, движејќи се по улицата ‘Гоце Делчев’ во Кавадарци, каде што брзината на движење на возилата е ограничена на 40 км на час, обвинетиот го управувал автомобилот со брзина од 84 км на час, односно со брзина која е за 44 км на час поголема од дозволената. Доаѓајќи до крстосницата меѓу улиците ‘Гоце Делчев’ и ‘Осми септември’, навлегол во вкрстувањето при вклучено црвено светло на семафорот.

Во тој момент, пак, од ул. ‘Осми септември’ на крстосницата, во состојба на кочење, навлегувал мопед марка ‘априлија’, со кој се превезувале две деца. Мопедот со предното тркало удрил во десната предна врата на автомобилот, а од ударот мопедот заедно со оштетените деца паднал на коловозот, лизгајќи се.

Притоа двете деца се здобиле со тешки телесни повреди. Иако со автомобилот што го управувал ги повредил оштетените деца, обвинетиот продолжил да се движи напред, оставајќи ги без помош на коловозот“, соопштуваат од Обвинителството.

М.В