ОБВИНИТЕЛСТВОТО ПОТВРДИ: Коста Крпач се самоубил
Во кусото соопштение додаваат дека и понатаму тече постапката по предметот во Обвинителството за утврдување на причините и околностите под кои настапила смртта кај Крпач.
По повеќе од еден месец од смртта на Коста Крпач, која предизвика интерес во јавноста поради тоа што неговото име беше на листата на лица помилувани со одлука на Претседателот на РМ, од Основното јавно обвинителство – Скопје, кое ја водеше истрагата за неговата смрт, информираат дека тој се самоубил.
„И покрај тајноста на предистражната постапка, Основното јавно обвинителство – Скопје за утврденото ја известува јавноста со цел отстранување на шпекулациите“, велат од ОЈО Скопје.
Во кусото соопштение додаваат дека и понатаму тече постапката по предметот во Обвинителството за утврдување на причините и околностите под кои настапила смртта кај Крпач.
Последното известување на ОЈО Скопје се однесуваше на продолжување на предистражната постапка во која Обвинителството вршеше анализа на прибраните докази од станот на Крпач и побара дополнителни информации од МВР и од Специјалното јавно обвинителство, како и од други институции со цел, како што известија, целосно утврдување на околностите под кои се случила смртта.
„Обвинителството, по добивањето на обдукциониот наод и извештајот од криминалистичкото вештачење и по нивната анализа, констатираше дека се потребни дополнителни информации, поради што беа издадени бројни наредби кои се однесуваат на сите институции кои се вклучени во истрагата“, соопштија од Обвинителството пред еден месец.
Крпач бил сведок во постапка на СЈО
По обелоденувањето на смртта на Крпач, од Специјалното јавно обвинителство соопштија дека тој бил сведок во предистражна постапка што ја воделе тие.
„Лицето Коста Крпач доброволно се јави во ова јавно обвинителство. Соработката со сведокот беше беспрекорна и се работеше за исклучителна личност, така што веста за неговата смрт ги погоди сите вработени во ова јавно обвинителство“, стоеше во соопштението на СЈО.
Оттаму истакнаа дека поседуваат докази за многу релевантни околности, вклучително и за притисокот под кој се наоѓал Крпач, но, со оглед на тоа дека се работи за исклучително доверливи информации, нема да ѝ бидат соопштени на јавноста во овој момент.
„Секако, доколку се јави потреба, ние сме отворени за соработка со органите на прогонот кои ја испитуваат смртта на сега покојниот“, рекоа од СЈО.
Против Крпач не се водела никаква кривична постапка и тој немал својство на осомничено лице, велат од СЈО, и поради тоа сè уште чекаат одговор од Кабинетот на Претседателот зошто Крпач бил на листата на помилувани и од каде им се податоците дека наводно против ова лице се водела кривична постапка.
Кривичниот суд по барање на СЈО издал наредба за претрес во домот на Крпач
По смртта на Крпач, и Основниот суд Скопје 1 објави соопштение во кое се наведува дека, по барање на СЈО, Судот издал наредба за претрес во домот на Крпач на почетокот на април.
„Наредба за претрес претходно беше издадена и за претрес на правно лице чиј сопственик во одреден период е истиот, односно по барање на СЈО, судија на претходна постапка од Одделението за организиран криминал и корупција има издадено и наредба за одземање на документи од Централниот регистар на РМ од две фирми (меѓу кои за една во одреден период како сопственик се јавува К. К. )“, се наведуваше во соопштението на Кривичниот суд.
Според полициските информации, Крпач беше пронајден мртов во неговиот дом на 27 април, со прострелна рана во градниот кош. Претходно, тој испукал неколку куршуми од својот стан кон паркингот пред зградата во која живеел. Крпач беше академски сликар и управител на фирмата „ФИНЗИ“ ДООЕЛ која е сопственик на веб-порталот „Нетпрес“.
М. С.