/ Прочитано:

1.320

ОЈО СКОПЈЕ: Специјалното јавно обвинителство не ни достави никакви податоци за притисоците врз Крпач

Оттаму додаваат дека, и покрај несоработката со Специјалното јавно обвинителство, тие и понатаму продолжуваат да го испитуваат случајот.

Табла, Основно јавно обвинителство Скопје

Основното јавно обвинителство Скопје, кое ја води истрагата за смртта на Коста Крпач, не добило ниту еден доказ или каква било релевантна информација од Специјалното јавно обвинителство и покрај тоа што тоа било побарано .

Вчера, пак, од Специјалното јавно обвинителство информираа дека со ОЈО Скопје споделиле дел од наводите што ги имаат, но информациите и списите кои биле барани, а кои не се поврзани со испитување на околностите под кои настапила смртта на Крпач, не му ги доставиле на Основното јавно обвинителство Скопје бидејќи се дел од предистражната постапка која ја водат.

Во таа насока, од Специјалното јавно обвинителство ги побаравме податоците и за притисоците под кои се наоѓал Крпач, за што и самите информираа, велат од Основното јавно обвинителство Скопје.

Оттаму додаваат дека, и покрај несоработката со Специјалното јавно обвинителство, тие и понатаму продолжуваат да го испитуваат случајот.

„Издадени се голем број наредби за вршење вештачења, анализи, прибирање податоци и документација. Во тек е повикување и се извршуваат разговори со лица за кои може да се очекува дека имаат одредени податоци за расветлување на настанот. Се преземаат и други истражни дејствија кои се во тек. Веднаш штом ќе се добијат конкретни податоци за случајот, јавноста ќе биде известена“, велат од ОЈО Скопје.

Смртта на лицето Коста Крпач во јавноста предизвика голем интерес, поради што се шират бројни шпекулации што ѝ попречуваат на истрагата и создаваат притисок врз институциите. Обвинителството со големо внимание ги следи и ги истражува сите објавени и добиени информации за целосно да го истражи настанот и да не дозволи резултатите од истрагата да остават простор за сомнеж кај кого било и за чии било интереси и цели, се вели во соопштението на ОЈО Скопје.

Според полициските информации, Крпач беше пронајден мртов во неговиот дом на 27 април, со прострелна рана во градниот кош. Крпач беше академски сликар и управител на фирмата „ФИНЗИ“ ДООЕЛ која е сопственик на веб-порталот „Нетпрес“.

Тој беше и меѓу лицата помилувани со одлука на претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов.

М. С.

СЈО му предало дел од податоците за Крпач на ОЈО Скопје за расветлување на случајот

Основното јавно обвинителство бара дополнителни информации од СЈО, од Кривичниот суд и од МВР за смртта на Крпач

СЈО: Коста Крпач доброволно се пријави како сведок. Против него не се водеше кривична постапка