/ Прочитано:

1.685

Почитувањето на законската регулатива за заштита на природата е клучен фактор за одржлив развој на регионот околу НП „Галичица“

Несовесното фрлање отпад од страна на граѓаните, како и потфрлувањето во неговото чистење од страна на Јавното претпријатие „Охридски комуналец“, е долгогодишен проблем во општините Охрид и Струга. Огромна тешкотија и сериозен проблем за овој регион се и дивите депонии кои ја загадуваат животната средина, посочуваат граѓанските организации, чии активности се фокусирани на заштита на животната средина. Во насока на успешно надминување на ваквите состојби, здруженијата: ЕДЕН, Евротинк, Еко-свест, Реактор и Зенит, во рамки на проектот „Заштита на природата во Националниот парк ‘Галичица', поддржан од ИПА 2-механизмот за граѓанските организации одржаа консултативни средби со засегнати чинители во Охридско- струшкиот регион.

Несовесното фрлање отпад од страна на граѓаните, како и потфрлувањето во неговото чистење од страна на Јавното претпријатие „Охридски комуналец“, е долгогодишен проблем во општините Охрид и Струга. Огромна тешкотија и сериозен проблем за овој регион се и дивите депонии кои ја загадуваат животната средина, посочуваат граѓанските организации, чии активности се фокусирани на заштита на животната средина. Во насока на успешно надминување на ваквите состојби, здруженијата: ЕДЕН, Евротинк, Еко-свест, Реактор и Зенит, во рамки на проектот „Заштита на природата во Националниот парк ‘Галичица’, поддржан од ИПА 2-механизмот за граѓанските организации одржаа консултативни средби со засегнати чинители во Охридско- струшкиот регион.

Според нивните досегашни наоди, постоењето на дивите депонии е главен извор на контаминација на водата за пиење, а велат дека непостојниот План за управување со крајбрежјето на Охридското Езеро, како и недоволна комуникација помеѓу граѓанските организации во регионот за изнаоѓање на заеднички решенија во контекст на заштита на природата, создаваат дополнителни проблеми и за животната средина, но и за квалитетен живот на граѓаните.

Целта на проектот е да се направи анализа на потребите и мислењата на сите засегнати чинители, како и правна анализа на сите домашни и меѓународни акти поврзани со Националниот парк „Галичица“, како и изнаоѓање решенија за одржлив развој на регионот. Во согласност со Законот за заштита на природата, во член 72 е наведено дека националниот парк е просторно природно подрачје на копно или вода кое опфаќа еден или повеќе сочувани или незначително изменети екосистеми, со особени повеќекратни природни вредности, кое се воспоставува заради заштита на еколошките процеси, како и на видовите и екосистемските карактеристики комплементарни на подрачјето. Прогласувањето и заштитата на националниот парк обезбедуваат основа за зачувување на изворното природно и културно богатство. Националниот парк има еколошка, научноистражувачка, културна, воспитно-образовна и туристичко-рекреативна намена. Исто така, со член 75 од овој закон се утврдени забранети активности во националните паркови, односно:

(1) Забрането е спроведување на активности со кои се загрозува изворноста на природата во националниот парк, како и палење на оган на територијата на националниот парк, освен на посебно утврдени места дефинирани со планот за управување на националниот парк

(2) Во националниот парк може да се вршат туристичко-рекреативни дејности, како и одржливо користење на природните ресурси на начин кој не го загрозува опстанокот на видовите и нивната природна рамнотежа, во согласност co одредбите на овој закон.

Но, сите досегашни активности кои се практикуваат во овој регион од страна на населението се сосема спротивни на одредбите од Законот за заштита на природата, поради што итно е потребно преземање мерки за надминување на овие проблеми, како и еколошка едукација која ќе биде дел од редовната настава во училиштата“, потенцираат од Здружението ЕДЕН.

На консултативните средби со граѓаните од Охрид, како што велат граѓанските здруженија, бил посочен проблемот со брзото и непланско градење на нови објекти на сметка на комплетно уништување на зелените површини, како и во непосредна близина на охридското крајбрежје. Укажуваат на фактот дека тоа е основна  причина за уништување на природата и загадување на воздухот во Охрид. Како позитивен пример во однос на ова го истакнуваат стопирањето на градбата на шесткатниот хотел во Лагадин, но нагласуваат дека тоа е резултат на постојана борба со институциите.

Од Општина Струга алармираат дека депониите го загадуваат и езерото, а сметаат дека не постои заинтересираност на локалните граѓански организации за соработка и решавање на овие проблеми.

„Каналот кај Калишта е веднаш до депонијата. Луѓе живеат над депонијата, тоа е и хуманитарна катастрофа, не само еколошка“, потенцираше претставникот од Општина Струга, нагласувајќи дека уште во 1977 година е донесен Закон за заштита на Охридското, Преспанското и Дојранското Езеро, со кој е уредено дека нивните води, крајбрежја, извори и водотеци (езера), поради карактеристичните одлики и природни убавини; геолошки, геоморфолошки, хидролошки, хидробиолошки, лимнолошки и други научни вредности; културно, естетско, образовно-воспитно, здравствено, рекреативно, туристичко и друго стопанско значење се прогласуваат за споменици на природата од особено значење за општествената заедница и се ставаат под посебна заштита. Исто така, во согласност со овој закон, трите македонски езера претставуваат добра од општ интерес и се користат за задоволување на општи и поединечни потреби, според прописите за заштита на природните реткости, заштита на човековата околина, како и просторно-урбанистичко планирање. „Сето ова, кое е утврдено со законска регулатива уште од пред цели 40 години, мора да се почитува и денес. Но, за жал, сведоци сме на грубо уништување на природните вредности во овој регион“, изјави претставникот од Општина Струга.

Граѓанските здруженија нагласија дека во текот на април ќе бидат презентирани социо-економската и правната анализа кои ќе се однесуваат токму на  прашањата за заштита на природата на Галичица, кои понатаму пак ќе треба да резултираат со надминување на овие проблеми.

А. Б.