/ Прочитано:

3.047

НВО апелираат: Македонските закони ги штитат птиците и животните, но потребна е и граѓанска свест за пријавување на случаите на измачување

Златниот орел во Македонија е загрозен вид и според Законот за заштита на природата е строго заштитен и има статус на природно наследство. Законот за заштита на природата забранува секакво малтретирање, ловење, убивање, чување како домашен миленик. Најстрого се забрануваат секакви дејствија околу неговите живеалишта и во нив, особено во гнездата.

златен орел

Суровоста кон животните не е нов феномен, но загрижува фактот дека во Македонија измачувањето животни е зачестено, а злосторниците ги користат социјалните мрежи за да се „пофалат“ со своите недела. Последниот случај со измачувањето на ретката птица грабливка од видот златен орел (Aquila chrysaetos) повторно ја разбранува македонската јавност, но според здруженијата за заштита на животните, поднесувањето кривична пријава е првиот позитивен чекор кон разрешување на овој случај. Убедени се дека на двајцата битолчани кои се изживуваа врз оваа птица, која, за жал, во земјава е речиси пред истребување, по кривичната пријава, ќе им биде изречена соодветната казна за ова дело.

„Во однос на измачувањето на животни постојат два закона кои го регулираат, односно го санкционираат поведението и однесувањето кон животните. Станува збор за Законот за заштита и благосостојба на животните, во кој делата на секакво нечовечко однесување, нанесување болка, повреди, сурово и нехумано постапување и убивање на животните се санкционира со парична казна од неколку илјади евра. Кога, пак, говориме за конкретниот случај, за измачувањето на златниот орел од страна на двајцата граѓани на Битола, дејствието е казниво во согласност со македонскиот Кривичен законик, според членот 233 именуван како ’мачење животни’ и се санкционира со казна затвор до една година. Искрено, се надевам дека нема да добијат само условна казна“, вели Наталија Миленкова, адвокат во здружението за заштита на животни „Анима мунди“.

Златниот орел во Македонија е загрозен вид и според Законот за заштита на природата е строго заштитен и има статус на природно наследство. Боби Арсовски од Организацијата за заштита на бувови (МОТ) вели дека досега во Македонија никогаш не се случило да казнат некого за сурово однесување кон заштитени видови животни.

„Доколку двајцата битолчани добијат затворска казна за измачувањето на птицата, тоа би била првата изречена санкција за видови што се заштитени според Законот за заштита на природата. Статусот што на некој начин го ужива оваа птица, според Законот за заштита на природата, забранува секакво малтретирање, ловење, а да не споменувам убиство, чување како домашен миленик. Најстрого се забрануваат секакви дејствија околу неговите живеалишта и во нив, особено во гнездата. Овој случај посебно нè трогна бидејќи пред неколку месеци успеавме целосно да излекуваме женка орел од истиот вид, златен орел, која беше затруена од олово. Птицата настрадала преку исхрана со затруен дивеч кој го оставиле зад себе несовесни ловци. Борбата за нејзиниот животот траеше педесетина дена. Беа вклучени голем број организации и индивидуи кои обезбедија лекови и средства за физикална терапија. Противотровот успеавме да го набавиме од Атина, по што нашата упорност даде позитивни резултати. Орлицата ја прстенувавме и повторно ја пуштивме во нејзината природна средина, во Мариово. Затоа велам дека злосторниците треба да ја добијат заслужената казна и да биде голема поука за други лица кои евентуално би се обиделе да повредат животно заштитено со закон“, вели Арсовски.

Златен орел 2

Од МОТ посочува уште еден голем проблем, покрај измачувањето птици заштитени со закон, а тоа е нелегалната трговија. Арсовски вели дека на интернет се продаваат орли, бувови, соколи.

„Последниот случај на недозволена трговија на македонски строго заштитени видови беше обидот за продажба на големиот ушест був (Bubo bubo). Овој вид според Законот за заштита на природата на Македонија е заштитен со највисок степен на заштита и секакво негово малтретирање, отстрел, отуѓување од гнездо, чување како домашен миленик или како во овој случај – трговија, е строго казниво. Казните засега се само парични и изнесуваат од 2 000 до 5 000 евра. Во овој случај реагиравме брзо, по што инспекторите при Министерството за лов и шумарство го пронајдоа ‘продавачот’ кој беше од Струмица, вели Арсовски.

Македонското еколошко друштво (МЕД) работи на посебна програма за заштита на птиците, и во тие рамки посебно се фокусираат кон илегалното убивање и заловување на дивите птици.

Данка Узунова од МЕД вели дека проблемот со илегалното убивање и трговија на птиците е посебно изразен  во неколку медитерански земји, Италија, Кипар, Малта и Франција, каде што заштитените птици, но и други помали видови се заловуваат, пред сè, поради престиж, како и за традиционални медитерански специјалитети во кулинарството. Но, како што велат од МЕД, и во Македонија се случуваат илегални активности врз птици.

Птици мапа

„Во Македонија, исто така, е евидентирана појава на заловување и убивање на птици преку употреба на звучни мамки, лепила, мрежи и така натаму, што претставува начин на измачување и убивање на птиците. Посебно загрижува фактот што ваквите методи на заловување се нелегални и се забранети според Директивата за птици на Европската Унија, а Македонија е потписник на оваа директива. Потребно е подигнување на свеста на граѓанството за да пријавува вакви случаи на нелегално заловување бидејќи најголем проблем е пронаоѓањето и откривањето на сторителите“, вели Узунова.

Од МЕД велат дека случајот со златниот орел е чекор напред и покажува дека граѓанството во Македонија се освестува за важноста на ваквите проблеми.

„Засега ова е само изолиран случај кој се надеваме дека ќе охрабри и други граѓани јавно да зборуваат и да пријавуваат слични проблеми бидејќи ниту НВО, ниту државните органи можат да дознаат за сите нелегални дејствија. Институциите не останаа рамнодушни на бурните реакции од јавноста по објавувањето на случајот со златниот орел, вели Ксенија Путилин.

Од анализата изработена од страна на МЕД може да се заклучи дека во заштитата на птиците сè уште постои простор за усогласување на националното законодавство со законодавството на Европската Унија.

А. Б.