/ Прочитано:

961

Поранешен градоначалник на Општина Велес обвинет за злоупотреба на службената положба

Поранешен градоначалник на Општина Велес и поранешен претседател на Советот на Општина Велес се обвинети за злоупотреба на службената положба, соопштуваат од Јавното обвинителство.

„Основното јавно обвинителство Велес до Основниот суд во Велес поднесе обвинителен предлог против поранешен градоначалник и против поранешен претседател на Советот на Општина Велес кои се товарат за сторено кривично дело – Злоупотреба на службената положба и овластување од членот 353 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

Имено, првиот обвинет, како службено лице – градоначалник на Општината, со искористување на својата службена положба и овластување, за вториот обвинет прибавил имотна корист од поголема вредност. Спротивно на одредбите од Правилникот за користење и одржување на службените моторни возила и на Наредбата за користење и одржување на службените моторни возила, тој со усно одобрение допуштил тогашниот претседател на Советот во периодот од 23.2.2014 година до 9.8.2016 година, во повеќе наврати, да користи две службени моторни возила за лични приватни потреби, без реверс за нивно користење и без притоа да достави пополнет евидентен лист за патувањето.

Вториот обвинет, пак, како одговорно лице – претседател на општинскиот Совет, без поднесено писмено барање, возилата ги управувал самостојно и со искористување на својата службена положба и овластување за себе прибавил имотна корист од поголема вредност. Тој во повеќе наврати вршел и набавка на гориво за двете возила во количина од 2.880 литри и во вредност од 170.598,00 денари, за кои била извршена исплата од сметката на оштетената Општина Велес по доставени фактури изготвени врз основа на испратници своерачно потпишани од обвинетиот“, се вели во соопштението на Обвинителството.

M.В