/ Прочитано:

3.354

Правна анализа: ЗОВОВК сериозно го нарушува начелото на поделба на власта

Истражувачите, проф. д-р Гордана Лажетиќ-Бужаровска и проф. д-р Лазар Нанев, врз основа на деталните анализи сметаат дека ЗОВОВК треба да се поништи од повеќе причини. Пред сè, велат дека законот е спротивен на Уставот на Република Македонија, односно дека ЗОВОВК сериозно го нарушува начелото на поделба на власта, притоа дозволувајќи му на законодавецот да влијае врз судското одмерување на санкциите. И Бужаровска и Нанев потенцираат дека овој закон доведе до невообичаени контрадикторности во Кривичниот законик што, како што велат, може да има сериозни реперкусии. Како една од причините за поништување на ЗОВОВК што ја наведуваат професорите е и таа дека овој закон доведе до формализирање на слободното судиско убедување, сведувајќи го на бодирање и пресметување бодовни разлики помеѓу олеснителните и отежителните околности, наместо грижа за специјалната превенција и индивидуализација на казната.

Законот за одмерување на видот и висината на казната (ЗОВОВК) сериозно го нарушува начелото на поделба на власта предвидено со Устав, дозволувајќи влијание од законодавецот, при што доведе до невообичаени контрадикторности во Кривичниот законик, како и формализирање на слободното судиско убедување, сведувајќи го на бодирање и пресметување разлики меѓу олеснителни и отежнителни околности.

Ова се заклучоците од правната Анализа за примената на Законот за одмерување на видот и висината на казната, работена во рамки на „Мрежа 23+“ на целата територија на Македонија, со анализа на 200 пресуди таргетирани по случаен избор. Анализата е презентирана денеска во Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ).

Истражувачите, проф. д-р Гордана Лажетиќ-Бужаровска и проф. д-р Лазар Нанев, врз основа на деталните анализи сметаат дека ЗОВОВК треба да се поништи од повеќе причини. Пред сè, велат дека законот е спротивен на Уставот на Република Македонија, односно дека ЗОВОВК сериозно го нарушува начелото на поделба на власта, притоа дозволувајќи му на законодавецот да влијае врз судското одмерување на санкциите. И Бужаровска и Нанев потенцираат дека овој закон доведе до невообичаени контрадикторности во Кривичниот законик што, како што велат, може да има сериозни реперкусии. Како една од причините за поништување на ЗОВОВК што ја наведуваат професорите е и таа дека овој закон доведе до формализирање на слободното судиско убедување, сведувајќи го на бодирање и пресметување бодовни разлики помеѓу олеснителните и отежителните околности, наместо грижа за специјалната превенција и индивидуализација на казната.

Професорката Бужаровска особено нагласи дека закон со слична содржина не постои ниту во европските држави, ниту во државите од англосаксонското право, посочувајќи дека САД уште во 2005 година ги напуштиле ваквите бодовни правила, а ние, како што рече, десет години подоцна ги прифативме како задолжителни.

Таа нагласи дека првите иницијативи биле воопшто и да не се донесе овој закон бидејќи е спротивен на Уставот и на европските стандарди, принципи и правила.

„За жал, граѓаните ги почувствуваа последиците од донесувањето на ваквиот закон, а судиите беа целосно ограничени, односно станаа уста на законот. Судијата не ни треба да анализира кога ги имате сите тие шеми и знаете каков ќе биде конечниот исход. Каде се тука индивидуализацијата на санкцијата, субјективностите, факти на случаи“, изјави Бужаровска.

Професорот Нанев, како еден од авторите на презентираната анализа, појасни дека заклучоците покажуваат дека станува збор за закон што ја отежнал целокупната работа на судиите во Македонија.

„Овој закон не само што е противуставен, истовремено е и закон што изврши директен упад во надлежностите на Врховниот суд на РМ, затоа што е спротивен на член 101 од Уставот. Судиите наместо да ги применуваат законите се доведоа во една ситуација на математичари, преку множење, делење, собирање и на крајот утврдување на кривичната санкција“, потенцираше Нанев.

Тој укажа на фактот дека ЗОВОВК ја променил целокупната слика за судскиот систем во Македонија, а нивната анализа покажала дека наместо усогласување на казнената политика на ниво на сите судови, законот довел до повреда на основните човекови слободи и права, поради што заклучоците изведени од анализата се упатени во насока на потребата од целосно укинување на овој закон.

Во анализата, двајцата автори наведуваат и дека иако е кратко времето во кое ЗОВОВК се применува, анализите покажуваат дека тој не ја оствари целта поради која беше донесен бидејќи во реалноста се забележува невоедначена практика на судско одмерување на казната помеѓу различни судови. Примената на законот, како што наведуваат во анализата, кај потешки кривични дела доведува до одмерување на поблаги казни, а кај полесните кривични дела води кон неправично заострена казнена политика. ЗОВОВК, според нив, повеќе доведува до инструментализација на правото за потребите на политиката, одошто до воедначување на казнената политика, а истовремено, судиите вообичаено ги ценат истите олеснителни и отежнувачки околности кои постоеја во член 39 од Кривичниот законик пред донесувањето на ЗОВОВК.

А. Б.