/Прочитано:

1.901

Претседателот Иванов ги предлага Дарко Костадиновски и Осман Кадриу за нови уставни судии

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, ги предложи Дарко Костадиновски и Осман Кадриу за нови судии на Уставниот суд. Пред донесувањето на одлуката, претседателот Иванов извршил консултации со релевантни фактори од оваа област, информираат од Кабинетот на претседателот.

Дарко Костадиновски е доктор на правни науки на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, од областа на меѓународното право. Докторирал на тема „Советодавната надлежност на Меѓународниот суд на правдата: правни последици од советодавните мислења на Судот“ и е автор на книгите „Меѓународна арбитража“ и „Меѓународниот суд на правдата – неопходност од реформи и промени (Советодавните мислења на Судот и нивните импликации)“. Костадиновски како предлог за уставен судија доаѓа од местото државен советник за надворешна политика во Кабинетот на претседателот на Република Македонија. Член е на Кабинетот на претседателот од 2001 година во тогашниот кабинет на претседателот Борис Трајковски. Од 2006 година продолжува неговиот ангажман, раководејќи со одделението за Европската Унија и НАТО во кабинетот на претседателот Бранко Црвенковски. Тој во 1998 година работел на проект на УСАИД за подготовка на закони во Собранието на Република Македонија и бил набљудувач во рамки на проектот на Советот за радиодифузија за мониторинг и анализа на електронските медиуми. Во 2015 година, Костадиновски е назначен на функцијата пратеник на Република Македонија во Алијансата на цивилизациите на Обединетите нации.

Осман Кадриу е професор на Факултетот за правни науки на ФОН и експерт во областа на облигационото право. Кадриу има повеќедецениски стаж во областа на правните науки како судија во Општинскиот суд во Кичево, член на Републичкиот судски совет и адвокат. Повеќе од десет години, д-р Кадриу бил ангажиран како професор на Правниот факултет на Државниот универзитет во Тетово во граѓанско-правната област. Постдипломските студии во областа на граѓанско-правната област ги завршил на Правниот факултет во Белград, а има докторирано на истиот факултет на тема „Незаконитиот престанок на работен однос и одговорност на претпријатието за штета“. Д-р Кадриу има објавено 4 книги од граѓанско-правната област, трудово-правните односи и политичкиот систем. Автор е на повеќе од 50 библиографски единици – научни теми и статии објавени во познатите стручни списанија во Македонија и странство.

„Претседателот Иванов како и досега, така и во иднина, ќе се води исклучиво од квалитетот и професионалноста на личностите кои ги предлага. Македонскиот претседател смета дека со предлозите на д-р Дарко Костадиновски и д-р Осман Кадриу, Уставниот суд на Република Македонија ќе добие судии кои најодговорно ќе ја извршуваат функцијата за време на своите мандати“, истакнуваат од претседателскиот кабинет.

Костадиновски и Кадриу треба да дојдат на местото на судијките Наташа Габер-Дамјановска и Г’зиме Старова, на кои мандатот им заврши во октомври годинава. Тие беа избрани за судии на Уставен суд по предлог на претседателот Бранко Црвенковски во 2008 година. Покрај на Габер-Дамјановска и на Старова, мандатот во август годинава му истече и на судијата Исмаил Дарлишта, кој во 2008 беше избран по предлог на собраниската Комисија за прашања на избори и именувања. Засега нема предложено кандидат и за третото испразнето место, кое треба да биде пополнето по предлог на Собранието на Република Македонија.

Уставниот суд го сочинуваат девет судии. Судиите на Уставниот суд се избираат од редот на истакнати правници. Собранието ги избира судиите на Уставниот суд. Собранието избира шест судии на Уставниот суд со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. Собранието избира тројца судии со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, при што мора да има мнозинство гласови од вкупниот број пратеници кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија. Мандатот на судиите трае девет години без право на повторен избор. Претседателот на Судот се избира од редот на судиите за време од три години, без право на повторен избор.

M.В