/ Прочитано:

1.217

Претставка до Судскиот совет и соопштенија на ЈО и Кривичниот суд за пресудата за сообраќајката кај „Млечен ресторан“

Претставка до Судскиот совет од Димитриевска

Наташа Димитриевска, сопруга на загинатиот Гоце Димитриевски во сообраќајната несреќа кај „Млечен ресторан“, денеска поднесе претставка во Судскиот совет. Димитриевска, која е оштетена во случајот, претставката ја поднесе поради пристрасно судење на судијката Елена Илиевска-Јосифовиќ. Таа бара преиспитување на работата на судијката Јосифовиќ од страна на Судскиот совет и нагласува дека не е праведна пресудата со условна казна за возачот на џипот кој го усмрти нејзиниот сопруг. Судијката, вели Димитриевска, не ценела дека има загуба на млад живот од 32 години и не требала да го цени како олеснителна околност каењето на возачот. Таа нагласува дека во овој предмет не се ценеле доказите и дека предметот бил предолго воден и од страна на Обвинителството. Димитриевска очекува затворска казна за сторителот на делото. Тоа, додадава таа,  е најмалата сатисфакција што можам да ја добијам во оваа фаза.

Во врска со случајот што ја разбранува македонската јавност, денеска соопштенија објавија и Јавното обвинителство и Кривичниот суд.

ЈО: Обвинителството законски постапи во предметот со сообраќајната несреќа кај „Млечен ресторан“ во Скопје, по приемот на пресудата ќе биде вложена жалба

„По реакциите на оштетената и на јавноста за изречената кривична санкција и донесената пресуда од Основниот кривичен суд Скопје, објавена на 04.09.2020 година, во Јавното обвинителство беше разгледан предметот за сообраќајната несреќа кај ‘Млечен ресторан’ и беше констатирано следното:

По спроведена претходна постапка, Основното јавно обвинителство Скопје поднесе Обвинителен предлог против едно лице на возраст од 63 години, за кривично дело – Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот од член 300 став 4 во врска со член 297 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик, за кое дело предвидена е затворска казна од 1 до 5 години.

Во текот на претходната постапка, од страна на надлежниот јавен обвинител беа преземени сите потребни истражни дејствија – испитување на обвинетиот, испитување на оштетената, изготвување на сообраќајно-техничко вештачење, изготвување на медицинско вештачење за видот и карактерот на повредите на оштетената и прибавување на обдукцискиот протокол од извршената обдукција на оштетениот кој го загуби животот во сообраќајната несреќа.

Обвинителниот предлог се однесува на кривично дело извршено на 12.10.2018 година, околу 16 часот, кога обвинетиот управувал со патничко моторно возило ‘цитроен кросер’ по левата сообраќајна лента од улицата ‘Митрополит Теодосиј Гологанов’ во насока од запад кон исток. Кога дошол на крстосницата со улица ‘Анкарска’, на која сообраќајот е регулиран со семафор, на вклучено зелено светло навлегол во лево за да се вклучи на коловозот на улица ‘Анкарска’, но тука постапил спротивно на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, па не го испочитувал поставениот сообраќаен знак – забрането свртување кон лево, го променил правецот на движење и свртел кон лево. Притоа, со предниот лев дел од возилото удрил во предното тркало од мотоциклот марка ‘дукати’, сопственост и управуван од оштетениот, а на кој како сопатник била неговата сопруга. При сударот, возачот на мотоциклот се здобил со тешки телесни повреди и бил хоспитализиран, но од тежината на повредите починал истиот ден. Со тешки телесни повреди се здобила и неговата сопруга.

Од анализа на сите обезбедени докази и утврдената состојба, од кривичноправен аспект неспорно произлегува дека обвинетиот кривичното дело го сторил од небрежност, а не од умисла, бидејќи не направил сообраќаен пропуст кој би укажал на тоа дека свесно и волево ја предизвикал штетната последица – на раскрсница навлегол на зелено светло и возилото не го управувал под дејство на алкохол. Сообраќајните пропусти надлежниот јавен обвинител ги исцрпи од извршеното сообраќајно-техничко вештачење.

Видот на повредите кои оштетениот ги здобил во сообраќајната несреќа и кои предизвикале смртен исход, надлежниот јавен обвинител ги исцрпи од обдукцискиот протокол изготвен од Институтот за судска медицина, криминалистика и медицинска деонтологија, додека видот и карактерот на повредите на оштетената, јавниот обвинител ги исцрпи од медицинското вештачење врз основа на претходно обезбедената медицинска документација.

Непосредно пред завршувањето на судската постапка, од страна на полномошникот на оштетените  на јавниот обвинител кој го застапуваше обвинението му беше предадена нова медицинска документација која се однесуваше на оштетената и нејзината бременост.  Оваа медицинска документација, надлежниот јавен обвинител ја приложи во дополнение на доказната постапка пред судот. По признанието на вина од страна на обвинетиот јавниот обвинител, во завршен збор, детално направи анализа на сите околности во поглед на изборот на видот на кривична санкција и одмерување на истата, при што посебен акцент даде токму на состојбата во која била оштетената и штетните последици кои што настапиле од сообраќајната незгода, како во поглед на смртниот исход кај еден оштетен и предизвикувањето тешки телесни повреди кај оштетената, утврдени врз основа на обезбедените докази во претходната постапка и приложени со обвинението, така и во поглед на новоприложената медицинска документација.

По целосна анализа на сите околности кои се од значење за изречената кривична санкција, обвинителството одлучи по приемот на писмено изработената пресуда во овој предмет да вложи жалба до Апелациониот суд Скопје“, наведуваат од Обвинителството.

КС: Неправосилна пресуда која во иднина може да биде преиначена во делот на казната

„Во однос на пресудата со К. бр. 488/20 поврзана со сообраќајната несреќа кај ‘Млечниот ресторан’, Основниот кривичен суд Скопје, сѐ со цел да не наштети на евентуалната жалбена постапка на која имаат право незадоволните страни, не може и не смее да коментира првостепена – неправосилна пресуда.

Целосно неетички е во јавноста од одредени субјекти да се коментира и злоупотребува првостепена – неправосилна пресуда која во иднина може да биде преиначена во делот на казната, а непрофесионално и незаконски би било судот да коментира пресуда на судија поединец кој е независен во своето постапување.

Но, заради јавниот интерес и транспарентно и отчетно работење, за кое се залага судот, ја информираме јавноста дека според фактите изнесени на јавна расправа, станува збор за кривичноправен предмет за кој јавниот обвинител утврдил дека постојат сомневања за кривичното дело ‘Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот’ по чл. 300 ст. 4 вв со чл. 297 ст. 3 вв со ст. 1 односно сторено од небрежност, а не со умисла.

На главната  расправа 63-годишниот обвинет В. Ч. ја признал вината, а Судот, заради тоа, не навлегувајќи во утврдување на фактичката состојба и врз основа на сите олеснителни и отежителни околности, изрекол осудителна пресуда. Притоа оштетените биле присутни при изведување на завршните зборови и изрекување на пресудата.

Врз основа на сето горе наведено, јавноста мора да знае дека судот постапува по обвинителни предлози и акти доставени од истрага и квалификација која ја води и утврдува јавниот обвинител и носи пресуди во рамки на пропишаните казни во Кривичниот законик, притоа водејќи сметка на сите околности. Судот во ваков случај не може  да смени или преквалификува кривично дело, ниту може да излезе од рамките на пропишаната казна.

Пресудата откако ќе биде писмено изработена и доставена до странките, ќе биде анонимизирана и објавена на веб-страницата на судот, а странките кои се незадоволни може да ги искористат сите правни механизми за да ја оспорат.

Наместо коментари и квалификации на првостепена – неправосилна пресуда, експертската и стручната јавност потребно е да се осврне на одредбите од Кривичниот законик и висината на пропишаните казни со кои се регулира оваа проблематика“, стои во соопштението на Кривичниот суд.

М.В