/ Прочитано:

1.644

Презентирана глобалната платформа на жени лидери

Примарната цел на глобалната платформа на жени лидери е остварување на меѓународен дијалог за унапредување на женското лидерство и креирање на стратешки политики за економски развој, што подразбира и развој на кариера, глобално партнерство, како и трансфер на знаење и искуства. Исто така, платформата ја нагласува инспиративната улога на жената лидер.

Глобалната платформа на жени лидери од јавниот и од приватниот сектор, во која за првпат ќе бидат вклучени и еминентни жени лидери од Македонија, беше презентирана денеска од страна на Сојузот на стопански комори на Македонија во соработка со Здружението на бизнис-жени во Република Македонија и Светската бизнис-организација на Македонија. Глобалната платформа на жени лидери функционира во насока на размена на искуства, креирање јавни политики и хармонизација со глобалните трендови.

На денешната презентација беше укажано дека платформата ги обединува светските жени лидери од пет континенти од различни области – политика, економија, дипломатија, претприемништво, новинарство. Членството во уникатната платформа е по покана на еминентните жени лидери кои со своето работење, искуство и улога како жени лидери оставиле печат на национално, регионално и интернационални ниво. Примарната цел, како што беше потенцирано, е остварување на меѓународен дијалог за унапредување на женското лидерство и креирање на стратешки политики за економски развој, што подразбира и развој на кариера, глобално партнерство, како и трансфер на знаење и искуства. Исто така, платформата ја нагласува инспиративната улога на жената лидер.

„Релевантни и успешни примери за жени на лидерски позиции се постојано присутни во светот, а и кај нас. Примери за тоа се Хилари Клинтон, која во својата успешна политичка кариера стана и кандидат за претседател на САД, и Ангела Меркел, канцеларката на Германија, која оваа година по четврти пат се кандидира за оваа функција. Во регионот, пример за жена лидер е хрватската претседателка Колинда Грабар-Китаровиќ, која ја истакна својата целосна поддршка за иницијативата и за вклучување на жени од Република Македонија во платформата. Цел на платформата е хармонизација на Македонија со глобалните  трендови и прифаќање на можноста за жена како иден лидер на позицијата претседател на државата или претседател на Владата“, изјави Александар Зарков, оперативен директор на Сојузот.

Зарков нагласи дека платформата ќе биде промовирана на Првиот светски самит на жени лидери во Македонија што ќе се одржи во Скопје на 17 и 18  февруари. На настанот ќе учествуваат над 40 панелисти еминентни жени лидери, како и над 300 учесници од пет континенти, креатори на јавни политики, претставници од дипломатскиот кор, од корпоративната елита и од новинарство.

А. Б.