/ Прочитано:

2.255

Препознатливоста на македонските компании се должи на поседувањето на акредитирана сертификација на меѓународните стандарди 

Во Македонија, најприменуван e основниот меѓународен стандард ISO 9001, како систем за управување со квалитет и трансферот кон новата верзија на стандардот од 2015 година. Евидентен е трендот кон прифаќање на поспецифични меѓународни стандарди од страна на македонските компании, кои се применуваат во зависност од самата област, односно дејност.

Придобивките од воведувањето на меѓународните стандарди се од огромно значење за успешно работење на македонските компании и институции и тие сѐ повеќе ги препознаваат.

Според Михајло Евросимовски, член на Управниот одбор на Сојузот на стопански комори на Македонија, со самиот процес на глобализација сѐ поистакнато е значењето на стандардизирање на работните процеси во јавниот и во приватниот сектор, како еден предуслов за квалитетно и успешно работење.

„Воведувањето, како и поседувањето на акредитирана сертификација на меѓународните стандарди  придонесуваат за препознатливост на македонските компании на меѓународниот пазар, усогласеност со домашната и меѓународната законска регулатива и континуирано унапредување на нивното работење. Од особено значење за успешна примена и искористување на придобивките од стандардот е да биде меѓународно признат, односно издаден од страна на акредитирана сертификациска куќа“, изјави Евросимовски.

Тој истакна дeка Меѓународната организација за стандардизација (ISO), како глобална мрежа на националните тела за стандардизација од 162 земји од сите региони во светот, досега има објавено 21.542 меѓународни стандарди и поврзани документи, кои го покриваат работењето во речиси сите индустрии, од технологија, здравство, безбедност на храна, земјоделство, енергетика итн.

„Во нашата земја, најприменуван e основниот меѓународен стандард ISO 9001, како систем за управување со квалитет, и трансферот кон новата верзија на стандардот од 2015 година. Евидентен е трендот кон прифаќање на поспецифични меѓународни стандарди од страна на македонските компании, кои се применуваат во зависност од самата област, односно дејност. Станува збор за ISO 27001:2013 – систем за управување со безбедност на информации; ISO 20000-1:2011 – систем за управување со услуги за информациска технологија; ISO 31000:2009 – систем за управување со ризици; ISO 50001:2011 – систем за управување со енергија; ISO 20121:2012 – систем за управување со настани и нивна одржливост; IFS and BRC – систем за управување со синџирот на добавување и трговија со храна; ISO 39001:2012 – систем за управување со безбедност на сообраќајот; ISO 13485:2016 – систем за управување со медицински уреди; ISO 17025:2005 – систем за управување со тестирање и калибрација во лаборатории“, истакна Евросимовски.

Тој потенцираше дека преку воведување и акредитирана сертификација на меѓународните стандарди, особено на оние што не се толку често имплементирани во нашата земја, македонските компании се стекнуваат со значајна конкурентска предност и меѓународна препознатливост, што пак резултира со зголемување на извозот и соработката со странски и меѓународни компании. Исто така, компаниите добиваат и правна сигурност во однос на почитувањето на законските барања од соодветната област, што пак од своја страна резултира со дополнителни предности како намалување на трошоците од евентуални казни за прекршување на законските барања, полесно добивање на овластувања и дозволи од локалните и државните власти, подобрен углед и создавање доверба кај бизнис заедницата.

„Секој меѓународен стандард во однос на специфичните барања кои ги разработува, всушност, нуди системски приод кон упрaвување и целосно усогласување на работењето со релевантните законски барања од соодветната област, а нивното воведување во работењето го одразува и нивото на квалитет во компаниите. Така,  барањата на Законот за животна средина, Законот за управување со отпад и Законот за управување со електронски отпад се содржани во стандардот ISO 14001 како систем за управување со животна средина, потоа системот за управување со здравје и безбедност при работа OHSAS 18001 целосно ги задоволува барањата на Законот за здравје и безбедност при работа. Стандардот ISO 27001, како систем за управување со безбедност на информации, не само што ги задоволува туку речиси и ги надминува барањата на Дирекцијата за заштита на лични податоци и законските барања од оваа област. Барањата на стандардот ISO 50001, како систем за управување со енергија, целосно ги задоволува сите барања на новите закони поврзани со енергетска ефикасност. Системот за управување со безбедност на храна ISO 22000 ги задоволува и ги надминува барањата на Агенцијата за храна и ветеринарство и  законските барања од оваа област“, изјави Евросимовски.

Од особено значење за целосно искористување на придобивките од меѓународните стандарди е, пред сѐ, успешна имплементација на барањата на соодветниот меѓународен стандард од страна на искусна консалтинг компанија, имајќи ги предвид сите специфични карактеристики на конкретниот клиент каде што се имплементира системот, како и успешна сертификација на соодветниот меѓународен стандард од страна на сертификациска куќа, која има меѓународна акредитација, со што самиот сертификат кој ќе го издаде ќе има меѓународно признание и значење.

А. Б.