/ Прочитано:

3.039

СЈО: Коста Крпач доброволно се пријави како сведок. Против него не се водеше кривична постапка

Од СЈО наведуваат дека поседуваат докази за многу релевантни околности, вклучително и за притисокот под кој се наоѓал Крпач, но, со оглед на тоа дека се работи за исклучително доверливи информации, нема да ѝ бидат соопштени на јавноста во овој момент.

Специјално јавно обвинителство прес за „Титаник“

Коста Крпач, лицето кое вчера беше пронајдено мртво во својот дом во скопската населба Капиштец, а кое беше на листата на лица помилувани од претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов, бил сведок во постапка што ја води Специјалното јавно обвинителство, потврдуваат оттаму.

„Лицето Коста Крпач доброволно се јави во ова јавно обвинителство и имаше својство на сведок во рамки на една предистражна постапка. Соработката со сведокот беше беспрекорна и се работеше за исклучителна личност, така што веста за неговата смрт ги погоди сите вработени во ова јавно обвинителство. Во оваа прилика, сакаме да изразиме длабоко сочувство до членовите на семејството на сега покојниот Коста Крпач“, се наведува во денешното соопштение на СЈО.

Од СЈО наведуваат дека поседуваат докази за многу релевантни околности, вклучително и за притисокот под кој се наоѓал Крпач, но, со оглед на тоа дека се работи за исклучително доверливи информации, нема да ѝ бидат соопштени на јавноста во овој момент.

„Секако, доколку се јави потреба, ние сме отворени за соработка со органите на прогонот кои ја испитуваат смртта на сега покојниот“, велат од СЈО.

Против Крпач не се водела никаква кривична постапка и тој немал својство на осомничено лице, велат од СЈО, и поради тоа сè уште чекаат одговор од Кабинетот на Претседателот зошто Крпач бил на листата на помилувани и од каде им се податоците дека наводно против ова лице се водела кривична постапка.

krpac

Според полициските информации, пред да биде пронајден мртов во својот дом, Крпач вчера во 13:20 часот испукал 4-5 истрели со огнено оружје кои завршиле во возило „фургон“, сопственост на фирма ДТУ „Огнометика“, кое било паркирано спроти влезот на зградата во која живеел.

Подоцна Крпач е пронајден мртов, со прострелна рана во градниот кош. Неговата смрт сè уште се води како самоубиство.

Од Основното јавно обвинителство Скопје денеска излегоа само со кус одговор во однос на овој случај.

„Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје, веднаш по случување на настанот раководеше со увидот на лице место. Со цел расветлување на настанот, издаде Наредби за вршење на обдукција на починатото лице, за балистичко вештачење, за прибирање на траги од лице место и други вештачења. Преземањето на дејствија од обвинителството е во тек. Со подетални релевантни информации јавноста ќе биде запознаена откако ќе пристигнат и ќе бидат разгледани сите извештаи и информации. Секоја друга информација во овој момент би била шпекулација“, велат од Обвинителството.

Крпач е академски сликар и управител на фирмата „ФИНЗИ“ ДООЕЛ која е сопственик на веб-порталот „Нетпрес“.