/Прочитано:

1.125

Соопштение на Јавното обвинителство за  „ТЕ – ТО“

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција по проучување на наводите го раздвои постапувањето по  кривичната пријава  од Министерството за финансии, Управа за финансиска полиција поднесена на 19.6.2019 година, против 6 физички и едно правно лице – Друштво за производство на електрична и топлинска енергија „ТЕ – ТО“ АД Скопје.

Според наводите од пријавата, тројца осомничени се товарат за кривично дело – Перење пари и други приноси од казнено дело од членот 273, другите тројца за кривично дело – Злоупотреба на службена положба и овластување од членот 353 од Кривичниот законик. Освен за злоупотреба на службената положба и овластување, еден од осомничените, како и  правното лице се пријавени и за кривичното дело – Лажен стечај од членот 254 од Кривичниот законик.

По сеопфатна анализа и проучување на наводите, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција донесе одлука со која  кривичната пријава во дел е доставена на натамошно надлежно постапување во Основното јавно обвинителство Скопје, а во другиот дел е издадена наредба за претходно прибирање на известувања до Управата за финансиска полиција за прибавување потребни материјални докази како потврда на наводите.

Имено, во кривичната пријава е наведено дека  тројца од осомничените  со пречекорување на нивните службени овластувања, секој во рамки на своето постапување,  предизвикале несолвентност  на пријавеното правно лице. Без соодветна одлука на Управниот одбор,  на Надзорниот одбор или на Акционерското собрание, неовластено биле склучени анекси на договори за заем, нотарски спогодби и е поднесено барање за  отворање на стечајна постапка со план за реорганизација  во име на Друштвото за производство на електрична и топлинска енергија ТЕ – ТО АД Скопје. Потоа било донесено решение за усвојување на предлогот за отворање стечајна постапка. Воедно,  биле заверени анекси  на договори за заем и нотарски спогодби со  извршни клаузули, со што е овозможено пријавеното правно лице да се стекне со противправна имотна корист, а на Топлификација АД Скопје – доверител на правното лице е нанесена штета од 721.683.587,00 денари. Со ваквите дејствија, според наводите од пријавата, осомничените сториле кривично дело  – Злоупотреба на службена положба и  овластување од членот 353 , а еден од нив, како и пријавеното правно лице и кривично дело – Лажен стечај од членот 254 од Кривичниот законик.

Обвинителството оцени дека кривичните дела кои им се ставаат на товар на овие пријавени лица не се во  надлежност на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, поради што кривичната пријава во овој дел ја достави до Основното јавно обвинителство Скопје заради натамошно стварно и месно надлежно постапување.

Во продолжение на поднесената кривична пријава се опфатени уште три лица со наводи дека  како одговорни лица во пријавеното правно лице, во периодот од 2005 до 2013 година, овозможиле финансиски трансакции кон пријавеното правно лице во износ од 7.964.250.000,00 денари, кои парични средства потекнувале од кривичноправен настан за кој се водела кривична истрага во Руската Федерација. Парите биле вложени  во  производствениот процес  за електрична енергија, поради што постоело основано сомнение  за сторено кривично дело – Перење пари и други приноси од казниво дело од членот 273 од Кривичниот законик.

Во врска со ваквите наводи, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција издаде наредба за претходно прибирање на известување до Управата за финансиска полиција  заради прибавување докази кои во кривичната пријава недостасуваат. Меѓу другото, пријавата не содржи докази со кои се поткрепуваат наводите дека се води или се водела кривична истрага во Руската Федерација, а со кои докази се утврдува постоењето на предикативно кривично дело, односно законски забрането дејствие кое е или мора да биде содржано во друго кривично дело.  Нема услови за кривично гонење за кривичното дело перење пари и други приноси од казниво дело додека не се утврди предикативното кривично дело.

Покрај тоа, Обвинителството побара  да се достават и конкретни информации и материјални докази за начинот,  периодот на сторување и  износот во кој секој од пријавените го сторил кривичното дело кое му се става на товар.

Соопштенија на Финансиската полиција за кривични пријави против службени лица и нотари

М.В