/ Прочитано:

1.548

Состојбата со безбедноста и заштитата на уметничките дела во Македонија

Нашиот познат ликовен уметник и професор Решат Амети, кој има реализирано импозантен број самостојни изложби низ целиот свет, смета дека во нашите музеи и галерии нивото на безбедност не е на високо ниво. „Има некое ниво на безбедност на објектот, но не се опремени со доволно  електронски помагала на пример: дело кое изложено  нема сензор за аларм, па лесно може да се симне од ѕидот, а од тоа произлегува дека ако некој сака да украде уметничко дело, тоа може да го направи лесно. Има една олеснителна околност кај нас, а тоа дека сме мала држава и нема развиен пазар на уметноста и немаме многу  дела од светско значење, па затоа и немаме спектакуларни кражби како во другите светски метрополи“, вели Амети. 

Галерија изложба

Пред точно 45 години во Скопје се случи кражбата на познатото уметничко дело „Глава на жена“ на еден од најпознатите светски ликовни уметници на сите времиња Пабло Пикасо. Исчезнувањето на сликата, која легендарниот Пикасо лично ја подарил на Музејот на современата уметност во знак на солидарност по катастрофалниот скопски земјотрес, предизвикало голем потрес во светската јавност. Самите детали околу кражбата на познатата слика се граничеле со мистериозност и до денес не се докрај разјаснети. Според тогашните известувања на медиумите, настаните се одвивале како на филм, а во самата потрага по исчезнатата слика бил вклучен и Интерпол. Кражбата на делото се случила во ноември 1971 година, а неколку месеци подоцна, поточно на 26 март 1972 година американската новинска агенција „Асошиејтед прес“ прва објавува дека подарокот од Пикасо за Скопје е пронајден. Во оваа информација било наведено дека украдената слика била пронајдена на аеродромот во германскиот град Франкфурт кај група луѓе составена од петмина, припадници на меѓународна банда крадци на уметнички дела. „Двајца од нив се притворени, а тројца се пуштени на слобода“, било нагласено во информацијата на американската агенција. По ова, тогашното Министерство за внатрешни работи објавува дека во големата полициска акција, во која покрај Интерпол биле вклучени и служби од Македонија, Србија и Германија, во Франкфурт биле приведени Живко Бошковски, 25-годишен студент на Филозофскиот факултет во Скопје, и Томислав Миљковиќ, 26-годишен од Србија. Првиот бил директен учесник во кражбата, а вториот бил само посредник за препродажба на сликата во странство. Крадецот на сликата на Пикасо, создадена во 1963-та година, на која била претставена неговата сопруга Жаклина, бил осуден на шест години затворска казна. Интересен куриозитет околу оваа кражба која на некој начин во аналите на историско-социолошко-културолошкиот развој на главниот град се третира и како легенда, е и настан малку познат за јавноста. Приказната околу кражбата на сликата на Пикасо го отвора прашањето за законската регулатива во нашата земја во однос на кражба, отуѓување и изнесување на уметничките дела. Иако, оваа случка е со поодамнешен датум, сепак, грижата за уметничките дела и културните вредности претставуваат еден од приоритетите на цивилизираните и демократските општества. Во Кривичниот законик на Р Македонија, во делот „Изнесување во странство на добра под привремена заштита, или културно наследство, или природни реткости“, стои:

Член 266

(1) Тој што без дозвола од надлежен орган ќе изнесе  во странство добро под привремена заштита или културно наследство или предмет што претставува природна реткост, ќе се казни со затвор од една до десет  години.

(2) Тој што делото од став (1) ќе го стори спрема добро под привремена заштита или културно наследство, а е археолошки, етнолошки, уметнички, историски предмети или иконописни дела кои се значајно добро или добро од особено значење за Република Македонија , ќе се казни со казна затвор најмалку четири години.

(3) Ако делото од овој член го стори правно лице ќе се казни со парична казна.“

Според членот 226-а: „Тој што ќе продаде, подари или на друг начин трајно ќе отуѓи културно наследство во државна сопственост, ако не постојат обележја на некое друго потешко кривично дело ќе се казни со затвор од три до десет години.“ Додека во член 266-б: „Тој што ќе внесе во Република Македонија движно добро под привремена заштита, културно наследство и природни реткости за кое знае или бил должен или можел да знае дека е противправно прибавено на територија на друга држава, ќе се казни со затвор од три години до десет години.“

Според извештајот за работата на Јавното обвинителство, од 2009 до 2015 година примени се над 50 кривични пријави во однос на кражба и отуѓување на културното добро, а во два судски процеси „Фаланга“ и „Музеј на Македонија“ со затворски казни осудени се над 20 лица. Во мај 2013 година од ателјето на академскиот сликар Пеце Видимче, еден од првите македонски уметници кои се афирмираат во раните 50-ти години од минатиот век, во скопската населба Козле се украдени над 70 дела, кои беа проценети на 150.000 илјади евра. Исходот од истражните дејствија, во кои беше вклучен и Интерпол поради претпоставката дека делата се изнесени надвор од македонски терен, на јавноста сè уште не ѝ е познат. Нашиот познат ликовен уметник и професор Решат Амети, кој има реализирано импозантен број самостојни изложби низ целиот свет, смета дека во нашите музеи и галерии нивото на безбедност не е на високо ниво.

„Има некое ниво на безбедност на објектот, но не се опремени со доволно  електронски помагала на пример: дело кое изложено  нема сензор за аларм, па лесно може да се симне од ѕидот, а од тоа произлегува дека ако некој сака да украде уметничко дело, тоа може да го направи лесно. Има една олеснителна околност кај нас, а тоа дека сме мала држава и нема развиен пазар на уметноста и немаме многу  дела од светско значење, па затоа и немаме спектакуларни кражби како во другите светски метрополи“, вели Амети. 

Сепак, иако во развиените држави безбедноста е на врвно ниво, Амети вели дека аналогно на тоа се развиени и усовршени и техниките на кражба.

„Исто така, позната е и светската практика на копии на оригиналните дела. Значи има разни креативни начини на кражби и профитерски активности во областа на врвната уметност. Во галериите  во светот, каде што се изложени моите дела, без оглед на нивото на обезбедување, во договорот пишува дека галеријата е осигурена со определена финансиска сума, така што и сопствениците и уметникот имаат некоја финансиска  заштита. Ние немаме некои познати и богати приватни галерии, а државните институции имаат елементарни проблеми, не само со осигурувањето. Се случува, на пример, од временските непогоди делата да претрпат одредена штета. Исто така, мислам дека просториите каде што се чуваат делата не се соодветно технички опремени за одржување на константна температура и други фактори кои произлегуваат од потребата за зачувување и на врвните уметнички дела. За жал, и мене ми се случи да ми биде украдено едно дело. Тоа се случи пред околу 15 години. Делото  беше изложено во холот на Театарот на народностите. Делото никогаш не беше пронајдено и никој не одговараше за тоа. Оттогаш внимавам каде ги изложувам моите дела“, додава Амети.

Инаку, во светски рамки расте криминалот со уметнички дела. Во Италија, каде што според Обединетите нации се наоѓа половината од светското културно богатство, од 1991 година досега околу 60 000 уметнички предмети, антиквитети или колекционерски предмети се пријавени како загубени или украдени. Во Велика Британија, пак, рапидно се зголемува дејствувањето на  организирани криминални групи кои се насочени кон вредни уметнички дела и антиквитети. Вкупната бројка од овие кражби се проценува на над 300 милиони фунти годишно. Оваа бројка е веднаш зад профитот добиен од недозволената трговија со дрога.

А. Б.