/ Прочитано:

1.376

Тешко може да се запре злоупотребата на фотографските дела во современото дигитално време

Во дигиталната сфера заштитата на авторското право е проблематично бидејќи доколку не постои строга технолошка забрана, одредена фотографија може да се обезличува на повеќе начини. Имено, фотографијата може да биде подложна на копирање и преземање од интернет. Од правен аспект, пожелно е од почеток да се назначи дека е со заштитени права, но тоа не е неопходно бидејќи фотографиите се заштитени со авторско право од самиот момент на нивното создавање. Фотографијата во нашата земја е опфатена со „Законот за авторски права“ во кој е сè регулирано, но прашање е колку е ова применливо во реалниот свет.

Фотографии Берлин

„Фотомедиа“ претставува една од најзначајните манифестации на културната мапа на нашата земја. Оваа година Меѓународното биенале на фотографската уметност го слави малиот јубилеј – 15-то издание по ред. Љубителите на овој вид уметност во Чифте-амамот во Скопје можат да погледнат 200 фотографии од сите континенти на светот. Посебноста на оваа изложба е тоа што се примаат авторски дела исклучиво во принт-формат. За првпат по десетина години постои пораст на пристигнатите дела, што е зголемување за петнаесет проценти во однос на последната изложба. Дали е ова знак дека вистинските автори полека се заситуваат од дигиталните изложби и тој начин на работа, каде што презентациите на фотографии обично завршуваат само како проекција на некој ѕид, или е ова чиста случајност, ќе покаже времето”, истакнува познатиот македонски фотограф Боро Рудиќ.

Оваа значајна манифестација која ја презентира фотографската уметност во вистинска смисла е еден повод за мал осврт кон состојбите во македонското општество од аспект на почитувањето на авторското право во областа на фотографијата. Фотографијата е авторско дело и ги ужива сите права со кои се заштитени сите авторски дела. Тоа подразбира и забрана за употреба на фотографијата без посебна дозвола од авторот. Но, што се случува со почитувањето на авторското право на фотографот при ваквата експанзија на технолошкиот развој и изразеното користење на интернетот и неговата достапност е едно од круцијалните прашања во однос на оваа проблематика. Во време кога буквално сè е достапно, сè  е како на дланка, за жал, и самите автори се скептични дека може да се запре злоупотребата на нивното фотографско дело во морето на дигиталните перформанси, како и нејзиното одвивање во т.н. „апстрактно интелектуално поле“.

Фотографии

„Во дигиталната сфера заштитата на авторското право е проблематично бидејќи доколку не постои строга технолошка забрана, одредена фотографија може да се обезличува на повеќе начини. Имено, фотографијата може да биде подложна на копирање и преземање од интернет. Од правен аспект, пожелно е од почеток да се назначи дека е со заштитени права, но тоа не е неопходно бидејќи фотографиите се заштитени со авторско право од самиот момент на нивното создавање“, вели Рудиќ.

Фотографијата во нашата земја е опфатена со „Законот за авторски права“ во кој е сè регулирано, но според него, прашање е колку е ова применливо во реалниот свет.

„Во случај на кражба на авторското дело, мислам на неовластено користење на делото, т.е. користење на делото во цели што не се опфатени со договорот склучен помеѓу авторот и правниот субјект, или физичко лице итн., авторот мора лично да поднесе кривична пријава. Ова води кон поведување граѓански спор, а тоа значи временски недоглед и многу трошоци и сето тоа резултира со откажување на фотографот од водење на судската постапка“, објасни Рудиќ.

Во текот на својот долгогодишен и плоден творечки опус, Рудиќ лично во повеќе наврати доживеал негови фотографии да бидат користени без негово знаење. Круна на сето тоа било кога пред неколку години видел ликовно дело кое било репродуцирано од еден негов слајд снимен во Овче Поле, но досега никого не тужел. Во согласност со Законот за авторско право и сродните права на РМ („Сл. весник на РМ“ бр. 23/2005), фотографијата претставува авторско дело, односно се смета за „фотографско дело”.

Покрај прашањето за почитувањето на авторското право и законската регулатива во ова (не)време на културна и уметничка осиромашеност, се наметнува и прашањето колку е тешко фотографски да се твори и да се презентира делото и колку тоа навистина е вреднувано? Нашиот познат уметник ја доживува фотографијата како комуникативна уметност која е директна и искрена и во која нема простор за блефирање.

 

Берлин Музеј

„Во време на тотална дигитализација, кога векот на траење на фотографијата е само десетина секунди на некој монитор додека не ја прегази некоја друга, Фотомедиа станува една од ретките изложби каде што фотографијата е овековечена од автор додека не ја изеде забот на времето“, посочува Рудиќ.    Според него, продажбата на авторските дела се граничи со научна фантастика, што значи дека се случува многу ретко и многу малку. Сепак, желбата за творење и за презентацијата на уметноста, во овој случај на фотографската, е многу голема. Доказ за тоа е постоењето на „Фотомедиа“. Како што вели Боро Рудиќ, „дечките“ од фотоклубот „Елема“ имаат сили и пред сè љубов 30 години да создаваат еден бренд кој урбаната публика на Македонија го очекува со нетрпение.

А. Б.